Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

За бесконечната љубов Божја

Драги браќа и сестри, да ја имаме секогаш пред духовните очи, таа бесконечна љубов Божја, на Синот Божји, кој заради нас грешните слезе во овој свет, се роди како човек, ги претрпе сите прогонства, страдања, најпосле и крстот и смртта, заради нас и нашето спасение, од љубовта кон нас. Со љубов кон Него и да одговориме, иако не сме богатите цареви, коишто му донесоа злато, ливан и смирна, да му принесеме чисто срце и душа, за кога ќе излеземе пред Него, Тој да нè признае и познае како свои, затоа, тоа секогаш го повторувам и себе си и вам, и на сите кои имаат уши да чујат, за нашите предци да се израдуваат кога ќе излеземе пред нив, да нè познаат и тие како свои потомци и да нè признаат како свои најблиски. Бог да ве благослови!

Да бидеме мудри и незлобиви

Меѓу волците на овцата ѝ е тешко да преживее, но не е невозможно, бидејќи Господ ни кажува на кој начин можеме и помеѓу волците да опстанеме како Негови овци. А тоа е: „да бидеме мудри како змии и незлобни како гулаби.“

Мудроста ќе нè сочува да нè станеме плен, да не нè раскинат волците, односно, непријателите да не нè оневозможат. А незлобивоста и добрината ќе нè сочуваат да не станеме волци. Значи, треба да се биде мудар. Да се развива дадената мудрост од Бога, сè повеќе и повеќе, а паралелно со тоа, да се развива и добрината. Бидејќи мудроста без добрина преоѓа во злоба, а незлобивоста без мудрост, преоѓа во глупост. Не треба ниту едното ниту другото, туку да бидеме „мудри како змии и незлобиви како гулаби“. „И мене ме прогонуваа, и вас ќе ве прогонуваат“ — говори Господ. Со тоа мораме да сме начисто и да се подготвиме притоа да останеме како што треба, какви што биле нашите предци: Луѓе Божји, народ Божји. И тогаш кога ќе дојде крајот на нашиот живот ќе влеземе во радосното блажено Царство Небесно. Тоа е и смислата и целта на нашиот живот. Бог да ве благослови!

Љубовта нè соединува со Господа

Љубовта е најголема доблест, но до љубовта која е најголема и која е „врска на совршенството“ не може да се дојде одеднаш додека најпрвин не се стекнат и останатите доблести, започнувајќи од смиреноста, од смирението. И Апостолот Павле нè опоменува на тоа дека „сега останува верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1 Кор. 13, 13).

Имено, кога ќе го исчистиме своето срце, тогаш ќе можеме да го видиме Бога и овде на овој свет, а ќе го видиме и во оној, доколку се удостоиме да го гледаме неговото лице, доколку не бидеме поради своите гревови во вечната темнина. Тогаш нашата вера ќе премине во знаење, во гледање. А надежта, таа, ќе премине во остварување. Ние се надеваме дека ќе влеземе во Царството Небесно, дека ќе бидеме со сите оние Светии и дека ќе го гледаме лицето Господово. Значи, нашата надеж ќе биде остварена. А љубовта, таа нема во што да се претвори. Таа ќе биде и сега и тогаш нашата врска со Бога, љубовта која нè соединува со Бог, ги соединува сите наши сили, и рационалности во нас, нè соединува со сите луѓе со добра волја и тогаш имаме мир. Затоа љубовта е најголема доблест.

Да се трудиме да влеземе во Царството Божјо, исполнувајќи ги заповедите Божји, да се подготвуваме секој ден за достигнувањето на најголемите доблести, за влез во Царството Божјо и љубовта која ќе нè соедини со Бога и сите светии. Бог да ве благослови!