Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Свети Нектариј Егински

За добрата ревност

Ревноста е вриење во душата кое се пројавува во вид на порив, или страст, или желба. Ревноста може да биде корисна или штетна. Ревноста е добра кога нејзиниот порив се обрнува кон творењето на добро, а кога ќе се придвижи за зло, тоа е лукава ревност. Добрата ревност ја сака победата на Царството Божјо на земјата, го бара совршенството на добродетелите, се угледува на доброто и стреми кон честитост. Добрата ревност се раѓа во добрата душа како желба без завист. Добрата ревност е пројава на љубовта кон доброто. Добрата ревност е знак на расположение кон напредувањето. Добрата ревност секогаш го сака подоброто.

Наравта на ревносните по разум

Ревносниот по разум е вистински боговдахновен служител на својата вера. Тој Му е вистински посветен на Бога и строго го чува Неговиот закон, ги држи отечките преданија и огнено дела во слава на името Божјо. Тој ги сака делата достојни за пофалба и со пламена желба ита да се угледа на доброто, стапува со радост на патот на добродетелите и се оттргнува кон најдоброто. Ревнителот по разумот гори од желба да го шири словото Божјо, ја утврдува верата и го помага делото на Црквата, божествената проповед и воспоставувањето на Царството Божјо на земјата. Ревнителот по разум секогаш твори, секогаш се движи, секогаш дела. Ревноста на ревнителот по разум дотолку повеќе се разгорува и распалува, колку што повеќе го љуби Бога. Кога се мачи, ревнителот не ропта, кога дêла на застанува, кога боледува не чувствува мака, кога се труди не се исцрпува и не опаѓа со духот, туку е секогаш крепок и полн со живот, радосен и смел и веќе се фрла на нов труд. Распален со божествената ревност, стреми тоа што го прави да му го пружи на целото човештво. Ревнителот по разум, понесен од љубовта кон Бога и ближниот, сè прави со љубов и самоодрекување. Не прави ништо што би можело да го разжалости ближниот. Неговата ревност е просветлена и според разумот и никој не може да го наведе на крајности.

На ревнителите по разум им се својствени топлата љубов кон Бога и ближниот, кротоста, веротрпението, трпењето на неволјите, благородното постапување и однесување. Ревнителот по разум го носи образот на вистинскиот христијанин.

Карактерот на ревнителите не по разум

Ревнителот не по разум, има ревност, но не според разумот, се измамува во своите мисли и дела, и делајќи наводно во Божја слава, го нарушува законот на љубовта кон ближниот. Ревнителот не по разум во жарот на својата ревност прави и зло, за да го оствари доброто што го наумил. Ревноста на ревнителот не по разум е оган кој изгорува, оган кој сè уништува. Пропаста му претходи, а пустошот му следува. Ревнителот не по разум го моли Бога да фрли оган од небесата и да ги изгори сите коишто не ги прифаќаат неговите начела и уверувања. Ревнителот не по разум го одликуваат омразата кон друговерните и инославните, зависта и упорниот гнев, острастениот отпор кон вистинскиот дух на Божествениот Закон, безумното настојување да се одбрани своето уверување, безумната усрдност да се победат сите, славољубието, љубовта кон препирањето, пргавоста и смутливоста. Ревнителот не по разум е погубен човек.

За нестрпливоста

Нестрпливоста е неподнесување на маките, неносење на искушенијата, неистрајност во дејствувањето и кукавичлук пред опасностите. Нестрпливоста е грев спротивен на добродетелта на постојаноста. Оној којшто е од поразен од него, го избегнува секој напор кон доброто, секое измачување заради добродетелите, секогаш чекори по широкиот пат на погибелта и бега од тесната патека на добродетелта. Нестрпливиот се радува на безработицата и на страстните желби, и го поминува животот во раслабеност и уживања, прибегнува кон секоја итрина за да го избегне напорот. Нестрпливиот е кукавица, несносен, гневлив, самољубив, користољубив. Нестрпливиот човек не стекнал никаква добрина за својата душа, бидејќи го избегнува напорот, а добродетелите се стекнуваат само со напор и се достигнуваат со мака. Нестрпливиот е злосреќен, затоа што подвигот на страдањето е благосостојба, и никој којшто не страда не бива среќен. Нестрпливиот е безславен, затоа што напорот е татко на добрата слава. Нестрпливиот е безнадежен, затоа што надежта им припаѓа на оние кои се мачат, и делуваат и страдаат, а оној којшто не се мачи — на што ќе се понадева? Нестрпливиот човек умира несреќен.

За истрајноста

Истрајноста се гледа во трпењето на жалости заради доброто, трпењето на маки заради корисното. Истрајноста го храбри човека јуначки да ги поднесе невољите, тагата, и ненадејните животни непријатности и го крепи во животната борба, за да не го потопат брановите на неволјите и да не го отфрли сето она што е товар на добродетелите.

Истрајниот е храбар, смел, поднесува жалости и се надева на Господа својот Бог.