Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Епископ Атанасиј Јефтиќ

Покајанието — тоа е почетокот на христијанскиот нов живот, или на христијанското ново битие, битие во Христа.
Така и започнува Евангелието, со зборовите на светиот Јован Претеча: „Покајте се, затоа што се приближи Царството Небесно.“ И проповедта на Христа по крштението била: „Покајте се и верувајте во Евангелието.“

Но, во нашево време се поставува прашањето: зошто е потребно покајанието? Од социјална гледна точка, неумесно е да се говори за покајанието. Сепак, постојат некакви сличности со покајанието, особено во земјите на источниот тоталитаризам: кога некој ќе отстапи од партиската линија, тогаш од него се бара „покајание“, или кога раководителите на партијата самите отстапуваат од својот првичен план — само што тоа не го нарекуваат покајание, туку некаква „реформа“, или „перестројка“... Тука нема дејствително покајание. Сте го гледале филмот на Абуладзе „Покајание“? Таму, имено, станува збор за лажното покајание, и само на крајот на филмот е видливо што е тоа вистинско покајание. Филмот го разобличува лажното покајание, како некој вид менување на „идеалот“, или „стилот“ на власта, којашто всушност останува истата. И навистина, таквото „покајание“ нема ништо заедничко со вистинското покајание.

Во Светото Писмо (во грчкиот текст) има два различни изрази за покајание. Едниот е метаноја, а другиот метамелија. Некаде, вториот израз се преведува не со зборот „покајание“, туку „раскајание“. Намислив, на пример, да одам во Франкфурт и се „раскајав“, т.е. се предомислив, нема да одам. Ете, тоа во Светото Писмо се нарекува „метамелија“, тоа е едноставно промена на намерата. Тоа нема никакво духовно значење.

Постои и во социјална и психолошка смисла нешто што е слично на „раскајанието“, т.е. промената. Во областа на психологијата има „перестројка“ на својот карактер, на својата невроза... Но, во длабочините на психологијата кај Адлер, или кај Фројд, или дури кај Јунг нема поимање на покајанието.

Покајанието е религиозен поим. Да се каеш, тоа треба да го направиш пред некого. Тоа не значи просто да се измени стилот на животот или своето внатрешно чувство, или својот опит, како што се има пред вид, да речеме, во источните религии и култури. Тие религии говорат за тоа дека човекот е должен да добие сопствен опит, должен е да се познае себеси, да се оствари себеси, за да се разбуди светлината на неговата свест. Но, за таквата промена не е нужен Бог. А христијанското покајание е задолжително пред некого.

Еве ви пример: еден од нашите Срби — сега има 60 години — во младоста бил комунист и, како и сите комунисти, му правел доста зло на својот народ. Но, потоа тој се обрнал кон верата, кон Бога, кон Црквата и кога му предлагале да се причести, тој говорел: „Не, јас направив многу зла.“ — „Па оди, исповедај се.“ — „Да“ — велел — „да одам да се исповедам пред свештеникот, а јас згрешив пред народот, треба отворено пред народот да се исповедам.“

Оттука, целосно е поимањето на покајанието, како исправено стоење и пред Бога, и пред луѓето. Покајанието не може да биде измерено само со социјални или психолошки мерки, туку секогаш е богооткровенско, библиско, христијанско поимање.

Така, покајанието не е просто социјална или психолошка способност за соживот со другите луѓе без конфликти. Покајанието е онтолошка, т.е. битијна категорија на Христијанството. Кога Христос го започнал Евангелието со покајанието, Тој ја имал пред вид онтолошката реалност на човекот. Кажано со зборовите на светиот Григориј Палама: „од Господа дадените на човекот заповеди за покајание и другите заповеди, во полност ѝ соодвествуваат на самата човечка природа, затоа што во почетокот Он ја создал таа природа“. Тој знаел дека потоа Самиот ќе дојде и ќе ги даде заповедите, па потоа ја создал човечката природа согласно на заповедите коишто ќе бидат дадени. И обратно, Господ ни дал такви заповеди, што ѝ одговараат на природата којашто Тој во почетокот ја создал. На тој начин, Христовото слово за покајанието не е клетва за човечката природа, не е „ранување“ на човечката природа со нешто што ѝ е туѓо, туку е токму нешто најприродно, нормално, соодветно на природата на човекот. Работата е во тоа што нашата човечка природа е падната, и затоа сега се наоѓа во таква состојба, којашто е ненормална за неа. Но, токму покајанието е тој лост, со којшто човекот може да ја исправа својата природа, да ја враќа во нејзината нормална состојба. Затоа Спасителот рекол: „Метаноите“, т.е. „преумете се“.

Друг пример, од современоста. Некој перуански писател, Карлос Кастанеда, напишал дури 8 книги за некаков си индиски мудрец и маг, Дон Хуан, во Мексико, којшто го научил да прима наркотици за да постигне состојба на друга, посебна реалност, да влезе во длабочините на тварниот свет и да ја почувствува неговата духовност среќавајќи се со духовни суштества. Кастанеда е антрополог, и предизвикал голем интерес помеѓу младите. За жал, кај нас се преведени сите 8 томови. Пред скоро време во Белград имаше дебата за Кастанеда — да се прифати или отфрли. Еден психијатар говореше дека примањето наркотици со цел да се халуцинира е опасен пат, од којшто едвај има враќање. Еден писател, пак, го фалеше Кастанеда. Јас строго го критикував.

Во дијагнозата на Дон Хуан на писателот Кастанеда нема ништо ново. Човештвото е во трагична, ненормална состојба. Но, што предлага тој за да се излезе од таа состојба? Да се почувствува друга реалност, да се ослободиме на кратко од нашите ограничувања. А што се добива? Ништо! Човекот останува трагично суштество, останува неискупен. Не може тој, слично на баронот Минхаузен, самиот да си се извлече за коса од мочуриштето. Апостолот Павел укажува: ни друго небо, ни друга творба, ни друг свет, ниту пак седмото небо не можат да го спасат човекот, затоа што човекот не е безлично суштество, на коешто му треба само мир и спокојство. Тој е жив лик, којшто бара живо општење со Бога.

Покајанието е невозможно без средба со Бога. Затоа Бог му доаѓа во пресрет на човекот. Кога покајанието би било само размислување, предомислување, поинакво сместување на својот стил, тогаш тоа би било перестројка (прилагодување), но не и суштествена промена. Заболениот, како што вели светиот Кирил Александриски, неможе да се исцели себеси, туку му е потребен исцелител — Бог. А во што е болеста? Во оштетувањето на љубовта. Не треба да се има еднострана љубов. Љубовта треба да биде, во крајна мера, двострана. А за полнота на љубовта, правилно треба тројца: Бог, ближниот и јас. Јас, Бог и ближниот. Ближниот, Бог и јас. Тоа е перехорисис, заемно проникнување на љубовта, спирала на љубовта. Тоа, и е вечниот живот. Во покајанието човекот чувствува дека е болен и го бара Бога. Затоа, покајанието има во себе препораѓачка сила. Покајанието не е просто жал кон себе, или депресија, или комплекс на помала вредност, туку секогаш сознание и чувство дека е изгубена заедницата, и воедно барање и почеток на возобновување на таа заедница. Ете, блудниот син си дошол на себеси и вели: „Ете во каква состојба сум. Но, имам отец, ќе појдам кај отецот!“ Кога тој само би ја осознал својата заблуда, тоа сè уште не би било христијанско покајание. Но, тој тргнал при отецот! Според Светото Писмо можеме да претпоставиме, дека отецот му излегол во пресрет, дека отецот го направил првиот чекор, и тоа го поттикнало синот да се врати. Не треба, на крајот на краиштата, да анализираме што било прво, што второ, средбата е обострана. И Бог, и човекот во покајанието стапуваат во акт на љубов. Љубовта бара заедничарење. Покајанието и е жалење по изгубената љубов.

Исповедта, како продолжение на покајанието, е вистинско саморазоткривање на човекот. Да, ние сме грешни, затоа ги откриваме своите рани, своите болести и гревови. Човекот се гледа себеси во една очајна, безизлезна состојба. Но вистинито не е тоа како тој гледа на себеси, како што говорел свeтиот Антониј Велики: „стави го својот грев пред себе и гледај на Бога од страна на гревот“. Преку гревот гледај на Бога! Но, тогаш гревот нема да ја издржи конкуренцијата на средбата со Бога. Бог сè победува: што е тоа грев? Ништо! Бесмислица пред Бога. Но тоа е пред Бога! А само по себе, за мене тоа е пропаст, погибел, ад. Како што вели псалмопевецот Давид: „од длабочините повикав кон Тебе, изведи го животот мој од пропаста!“ Душата наша го бара Бога, како што еленот во пустина бара текушта вода.

Кон вистинското покајание се присоединува постот.

Светите отци подвижници говореа дека ние не сме телоубијци, туку страстоубијци. Постот не е борба против плотта, како Божјо создание. И Христос е плот, и Причеста исто така е плот. Но, борбата треба да биде против извитопереноста на плотта. Секој од нас може да узнае и да почувствува дека штом човек не владее со себеси, со своето тело, тогаш тој станува или роб на храната, или на пијалокот, или на другите задоволства. Почнуваат стварите да владеат со човекот, наместо човекот со стварите.

Христијанинот е должен да го скротува своето тело за тоа да му служи (на грчки „литургисува“), т.е. за тоа да биде во „литургија“. А „литургија“ значи: полна, нормална вкупна функција, вкупна дејност. Кога говориме за светата Литургија, тоа е човековата служба Богу, но општата смисла на тој збор е нормално функционирање на сè што му е дадено на човекот.

Затоа Христијанинот којшто се кае, исто така го практикува и постот. Потребно е заради тоа да се пости, а не за да се исполни долг, или дури, како што некои мислат, за да се заслужи од Бога награда, венец. Никаква жртва, којашто изискува награда не е жртва, туку просто работа од којашто се очекува отплата. Така можат наемниците да размислуваат, а не и синовите. Христос кога појде на жртва заради нас, не бараше од Бога Отецот награда за тоа, туку појде од љубов. Како што говори митрополитот Филарет: „од љубовта кон Бога Отца се распна Синот; од љубовта на Синот кон нас Он се распна и од љубовта кон Светиот Дух ја победи смртта со Своето распетие“. Тоа може да се разбере само преку љубовта.

Пред Бога е потребно да се смируваме, но воопшто не од „комплекс на пониска вредност“. Јов бил болен, многустрадален, но не бил „инфериорен“ пред Бога. Тој бил смирен и тоа смирение му давало смелост. „Слези од небесата“, Му говорел Јов на Бога, и Бог слегол. Не е потребно да го примаме тоа во психолошки или социјални категории: смирението не е бессилност, туку напротив — дерзновение, смелост. На пример, јас дојдов при владиката Марко, со себе немам пари, би умрел тука, но се надевам дека владиката ќе ме храни и нема да ме остави. Тоа е дерзновение. Во спротивен случај ќе се потценувам не само себеси, туку и владиката.

Покајанието, молитвата, постот и исповедта — сето тоа оди спонтано. Треба да се поставиме така да ја имаме таа свежина на христијанскиот живот и да се стремиме кон неа. И, како што говореа древните отци, секој ден одново да почнуваме сè.