Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Не верувам дека во Р. Македонија постои човек кому не му е јасно дека живееме во време на изгубени вредности, во време на трагања и лутања, во време кое ако продолжи со претходниот континуитет ќе не одведе во безизлез и обесмислување на постоењето. Ориентацијата кон комунистичко општество основана врз антитеизам кој како крајна цел го имаше атеизмот се покажа крајно деструктивна и со тенденција потполно да ја минимизира човековата личност. Како во секој тоталитаризам, така и во оној на кого му робувавме педесет години, а кој дури сега со последните политички промени почна постепено да ја губи силата, личноста беше опредметена и поставена да послужи за остварување на повозвишени цели. Не постоеше државата и власта заради личноста, туку личноста се жртуваше за државата и власта. Резултатот на тоа беше поделба во две категории една која владее и друга која е под власта на првата. Ваквата поделба по ништо не се разликуваше од онаа која е карактеристична за животните, а која настанува во борбата да се преживее. Но, човекот е обдарен од Бога со слобода која е различна од слободата на животните која се пројавува како избор на нагонот. Човековата слобода е налик на Божјата. Човекот има дар на уметност, она што го нема мајмунот, има дар да создава нови светови. Уште од најмала возраст детето сака да ги преобликува предметите со кои доаѓа во допир, сака да ги пресоздаде по сопствено видување. Ако таа слобода која се добива како дар од Бога правилно се воспитува во зрела возраст од човекот прави поет. А да бидеш поет, значи да бидеш креативен создавач на нови светови, да бидеш уметник каков што е Бог. Ете зошто комунизмот нема уметност, освен социјал-реализмот кој секако не може да се третира како уметност. Таму каде слободата на човекот е минимизирана, не може да се очекува развој во ниту една област на човештвото. Но, покрај оваа опасност, личноста да се сведе на средство за постигање на повозвишена цел, а која ја искусивме последниве децении, постои уште една опасност слободата на личноста да се дожиува како анархија, а која пак постана наше совремие скоро десетина години наназад, всушност од кога почна да се смета дека комунизмот званично пропаднал. Добивме ситуација во која секој има своја вистина, а таквото пак релативизирање на вистината повторно го наметнува прашањето на вредноста на животот и постоењето. Ако во едно семејство постојат различни вредности според кои се мери вистината, тешко дека тоа семејство ќе опстане, а да не говориме за неговиот просперитет. Ако во една држава не постои јерархија на вредностите, тогаш повеќе од сигурно е дека ќе ја најде истата судбина како и семејството во кои се изгубила скалата на вредности. Има ли тогаш надеж да се остане слободен, а сепак слободата да не не води во пропаст?

Единствена надеж за човекот да биде слободен, а сепак неговата слобода да не биде анархија е воспитувањето на неговата слобода. Воспитување е еден прекрасен црквенословенски збор кој значи хранење на сите човекови способности за тие да ја добијат полнотата за која се назначени. Воспитание значи хранење на детето од утробата мајчина, преку градите мајчини па се до храна во духовни порции, и сè само заради едно да стигне да се научи највозвишената лекција што човекот може да ја научи, да рече: Благодарам на Бога и на родителите за животот и постоењето, за светлината и просветлувањето одозгора, благодарам за радоста од заедницата со Бога и луѓето, и конечно благодарам за вечноста која како перспектива ни се отвора како заслуга на добро воспитување. Но, било кој образовен систем во кого не е застапена веронауката, а особено овој нашиов кој сеуште не се ослободил од атеистичката идеологија не е во можност да обезбеди духовни порции кои ќе образуваат до образ Божји (зашто човекот е образ или икона Божја). Секој образовен систем сличен на нашиот во кој не е застапена веронауката сиромав е да им понуди на оние кои се образуваат сознанија од онтолошки карактер. Да имаш можност во текот на образувањето да стекнеш барем основни сознанија за тоа зошто постоиш и што после смртта, значи да се просветлуваш, но истовремено и да се осветуваш. Да се осветуваш, пак, значи да имаш енергетски биланс на внатрешна светлина со која ќе ги вреднуваш настаните на животот. Дури и во крајно отсуство на надворешна светлина, просветлениот и осветен човек има духовни очи со кои го гледа светот и она што се случува во него. Такво пак внатрешно светило невозможно е да се стекне без заедница со Бога и без Негово познавање кое почнува од најрана возраст, а не завршува никогаш. Во постоечкиот образовен систем можеби децата ќе научат малку математика, понешто физика или историја, но нема да стекнат апсолутно никаков поим за тоа како да се излезе од онтолошката криза во која запаѓа без исклучок секој пубертетлија, нема да научат како да го победат стравот од осаменоста и стравот од грижата на совеста заради направени престапи кон соучениците и наставниците. Без веронаука нема да научат зошто е потребен еколошки однос кон светот, зашто сите предмети сега застапени во образованието не учат како полесно да го експлоатираме светот, а единствено веронауката учи дека човекот треба да го спасува светот во кој постои, дека добил задача од Бога како најсовршено створено битие да се грижи за постоењето на понесовршените видови од него. Конечно, нема да научи ниту од каде дошол ниту каде оди, ќе го одживее животот по инерција, без перспектива да постане апсолутно слободен со тоа што ќе се ослободи од најголемиот негов непријател, смртта.

А моралот? Многумина сакаат да го постават како основна причина зошто е потребно воведување на веронаука во училиштата. Но, моралот е само украс, само шминка. Ако не е втемелен врз христијанска онтологија се покажува како куќа изградена врз песок, а не врз камен. Тешко или никако не ќе биде можно да се убеди едно дете дека треба да биде чесно и морално кога има еден силен аргумент дека нечесните, неморалните и мангупите подобро живеат во овој свет. Впрочем тоа е аргумент повеќе и кај возрасните да не сакаат да го подобрат сопствениот етос. Не е тајна дека и кумунизмот има свој морал, но немајќи онтологија се покажува како неодржлив. Истото ќе биде и со христијанската моралка ако се изучува во училиштата не поврзана со богословието на Црквата врз што единствено може да се потпре. Да предава некој за моралните вредности на христијанството, а при тоа сепарирајќи ги од животот на Црквата значи да се сака да се свири на труба без дување, а само со прстите. Некој кој не влегол во основните вистини на Црквата, кој не поверувал во Бога како Троица како и во Христовото воскресение, не се причестил со Неговите нестворени енергии тешко дека ќе истрае да биде морален во животот, а оној кој не може моралноста да ја посведочи со сопствениот живот тој тешко дека ќе може некој друг на тоа да научи. Затоа не би била добра варијанта вероноуката да ја предава оној кадар кој е веќе вработен во образовниот систем, туку тоа да го прават дипломирани теолози.

Како резиме на сево ова би рекле дека на образованието во Македонија неопходно му е потребно веронаука не само за да можеме превентивно да се справиме со одредени девијантни појави какви што се наркоманијата, насилствата, кражбите извршувани од малолетни лица, туку пред се да им дадеме на децата еден предлог повеќе за осмислување на животот и постоењето. Да им се одземе тоа право на младите слободно и непринудено да добијат сознанија од богословски карактер никој па ниту власта во оваа држава нема право.


02/20.02/01.1999, Преп. Ефтимиј

+ Јован Епископ Дремвицки
сега Архиепископ охридски и Митрополит скопски

Објавено во Дневник 06.02.1999 год.