Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Го прашаа сарацените еднаш Константин Философ (Св. Кирил Солунски), кои инаку по вера беа муслимани, зошто христијаните војуваат кога нивниот закон (Новиот Завет) вели: „Ако некој те удри по десниот образ ти заврти му го и другиот" (Мат. 5:39)? Св. Кирил им одговори дека е вистина оти тоа е една од заповедите Христови, но дека истиот тој Христос рекол: „Од оваа љубов нема поголема некој животот свој да го даде за својот ближен" (Јован 15:13). Кога, пак, Христос бил запрашан кој му е ближен на човекот, ја кажал онаа позната паравола за милостивиот Самарјанин со што покажал дека брат ми е секој човек кој е човек. Но, носејќи ја оваа падната природа после гревот Адамов, станало природно човекот да има поинтимни и помалку интимни браќа, да има браќа по крвно сродстсво и браќа по вера, браќа по идеологија и браќа по побратимство. Следствено, иако секој човек треба да биде наш ближен нашето несовршенство создава и просторни и духовни ограничувања и ние се делиме на пријатели и непријатели на роднини и подалечни.

Во паднатиот свет во којшто живееме многу неразумно изгледа некој да ги љуби повеќе непријателите отколку пријателите, да даде поголема жртва за комшиите отколку за семејството. Ако дозволите, би оделе уште понатаму. После сите идеолошки падови кои во оваа посткумунистичка реалност во која живееме не прават да чувствуваме голем духовен недостаток, многу неразумно би било некој да очекува дека поблиски ќе ми бидат браќата по идеологија отколку браќата по вера. Браќата по вера ме прават да се чувствувам припадник на едно големо семејство во кое важат исти правила на однесување, иста естетика на уредување на светот, иста уметност на живеење. Во светов кој има еден заеднички неприајтел, а тоа е смртта, тоа семејство по вера е еден украсен простор во кој имаме извесна атмосвера на сигурност, едно пристаниште во бурата на животот. Тргнувајќи секој од себе треба да се подговува да се жртвува за другиот, дури ако е тоа потребно и животот свој да го даде за својот ближен, но исто така во таа семејна атмосвера на зедницата по вера да знае дека и другите би го направиле истото за него ако е тоа потребно. Со други зборови, верата го прави човекот да го надмине животинскиот инстинкт на чопорност и да влезе во царството на слободата во кое љубовта е посилна од смртта. Христијански да веруваш во Бога, значи да љубиш слободно и непринудено, да се дадеш на Бога и на ближниот, да се жртвуваш за семејството и татковината.

Меѓутоа, да ја изразиш слободата како љубов потребна е вежба. Човекот се воспитува да љуби од мал. Уште од мал треба да биде хранет со љубов во семејството во кое се родил, во училиштето во кое се воспитува, во средината во која расте. Но, за некого да го воспитаат во љубов и семејството и училиштето и средината во која живееме претходно истите треба да бидат извор на слобода која се идентификува со љубов. Треба да бидат извор на некористољубива и неанархична слобода, зашто поинаку како ќе предадат некористољубива и неанархична љубов која не се разликува од себељубието ?

Лицемерно би било да речеме дека денес не сме во криза. Не само денес, ние сме перманентно во криза од 1945 година, подобро од почетокот на Втората светска војна. Најголемата криза се појави во кризата на идентитетот кој беше поттикнат од масовната атеизација после војната. Се создаваше братство по идеологија кое почна да се распаѓа од моментот од кој почна да се создава. Меѓутоа последиците останаа до денес. Останавме невоспитани во љубовта за Бога, за семејството и татковината. Во училиштата се воспитуваме само по природните закони, а законот на бесловесната природа е: Уништи го другиот за да преживееш. Ако човек ја проучува природата, а при тоа немајќи вера во Бога, не може во неа да открие ништо друго повпечатливо од оваа закономерност.

Само верата може да го воспита човекот да ги љуби и оние кои го мразат, да им прави добро и на оние кои го злосоват. Само човек со вера може да ја знае целта на животот и постоењето, да знае од каде дошол и каде треба да стигне. Конечно, само човек со вера може да биде способен да се распне за ближниот, за семејството, за татковината зашто знае дека последниот збор не е во смртта туку во животот вечен кој Господ го подготвил за оние кои љубат. Сега кога сме во криза особено треба да ги подвлечеме причините кои не доведоа до неа та да можеме правило да ги одредиме насоките за движење кон иднината. Првата и најважна причина е неверието и незаинтересираноста за верата. Првата последица, пак, е оладеноста на љубовата кон Бога која е мотив за љубов кон ближниот и татковината. Секоја љубов кон ближниот без Бога е само самољубие. Го сакам некого само заради себе и за да не останам сам. Но, тогаш кога го сакам некого заради Бога, го сакам за џабе, слободно и непринудено. Единствено таквата љубов е наѕидателна. Единствено таквата љубов мобилизира за остварување големи идеи. Втората последица е крајно ниското ниво на морал кое е под критичната линија. Но, тоа е логична последица на првата причина. Нема морал без вера. Комунистите се обидоа да создадат морал без вера, но не успеаа. Едноставно затоа што моралот мора да се потпре на верата.

Сепак, и љубовта која е начин на живот и моралот кој е правило на игра во животот, се учат во атмосвера на вера во семејството, во училиштето и најповеќе во Црквата. За првите два простора треба да помогне и државата. Да има таква државна политика што децата од најмала возраст ќе ги анимира и мотивира да живеат согласно со верата. Ако, пак не го направи тоа ќе дојдеме до ситуација до која дојдовме денес. Дојдовме до ситуација да бидеме во криза и тоа перманентно, и тоа без надеж на скорешен излез. Дојдовме да бидеме во перманентна морална и економска криза и тоа се само заради тоа што сме во перманентна духовна криза. И после сево ова сеуште има некои кои се против воведувањето верска поука во училиштата. Малку им е што сме во криза, потребно е да ја видат сопствената пропаст и пропста на нивните деца па да сватат дека животот е дар од Бога, дека Тој е наш Отец и дека нему му припаѓаме.

По се изгледа дека животот нема да не чека педесет години за да се поправиме колку што веројатно е потребно кога би тргнале од денес. Но, потребен ни е некој скратен курс ако сакаме да одолееме на злото кое ни тропа на врата. Сега ни преостанува да го разбудиме генетскиот потенцијал кој го носиме, кој е дар од Бога, но и од нашите предци. Да пробудиме во нас барем дел од нивната вера во Бога, семејството и татковината, зашто за целата ќе ни треба време. Да се сетиме на големите наши претходници кои преку смртта за ближниот се покажаа бесмртни. Но, ќе ми рече некој : „Вреди денес да загинеш за некоја идеја, па дури и така возвишена како што е одбраната на татковината ?” И ќе му речам не вреди, ако размислуваш со погубноста на индивидуалзимот, себељубието и користољубивоста. По логиката на индивидуализмот ништо не е повредно и повозвишено од животот, па дури ниту една така возвишена цел каква што е службата за татковината. И тоа делумно е точно ако животот се разликува од љубовта и заедницата. За христијаните, пак, гол живот без љубов и заедница со ближните е посуров од смртта и подобра е смртта за другиот отколку животот без другиот. Жртвата за другиот ја распламтува верата и тогаш кога сме млаки, љубовата кон ближниот не подготвува да се жртвуваме ние наместо нашите деца.

Историјата покажала дека секоја криза е потенцијал за добар исход. Добриот исход на кризата во која сме западнале го гледаме во создавање на Унија на православните народи на Балканот. Има нешта кои не зближуваат и нешта кои не разделуваат. Меѓутоа, многу повеќе се тие кои не зближуваат отколку тие кои не разделуваат. Со еден попродорен поглед кон иднината многу јасно станува дека секоја држава на Балканот е слаба и загрозена. Но, една Унија на државите на Балканот кои се со доминантно православно население ќе ги направи сите посилни, а тоа е возможно бидејќи православните народи имајќи иста вера со векови создавале исти или слични критериуими на вреднување, исти или слични обичаи, иста или слична култура. Вистина постоеле и историски антагонизми, но кризава е добар повод побрзо да созреваме и истите да ги надминеме. Повеќе е она што православните ги зближува отколку она што ги разделува. Бидејќи секоја војна прво почнува во самите нас, да се обидеме прво да се победиме самите себе, па така ќе излеземе победници и од кризата кој всушност може да биде само вовед во подобро утре. Секако ако го заслужиме.

+Jован Митрополит велески и повардарски
сега Архиепископ охридски и Митрополит скопски

- Чланокот е објавен во весникот Дневник на 24 март 2001г.