Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Р. Македонија не се откажува од: едно од најголемите зла против човештвото - комунизмот

Советот на Европа со Резолуција го осуди комунизмот. Со тоа полека се доближи до Соединетите Американски Држави каде што тој, подеднакво со нацизмот е забранет.

Но, Р. Македонија и понатаму си останува последното комунистичко бастионче. Таа не смогнува сили да го осуди режимот поради којшто брутално беа егзекутирани: нејзин Претседател, стотици нејзини интелектуалци во Велес, Прилеп, Струмица... чиишто семејства денес сведочат за „милоста“ што им ја направи државотворната идеологија, и т.н., и т.н.

Волкот влакното го менува, но карактерот – не. Денес Р. Македонија лицемерно се покрива со плаштот на демократијата, но сржта и останува – чисто комунистичка. Дури и тие што ќе напишат збор-два против комунизмот, тоа го прават по диктат на тоталитаристичката неокомунистичка матрица, за да замачкаат очи дека постои слобода во изразувањето.

Доколку не е така, како е можно пред очите на цивилизираниот свет, Врховниот суд на Р. Македонија да го ослободи Архиеписккопот г.г. Јован, буквално од сите обвинувања, освен од она со коешто недокажано се товари дека расколничката МПЦ ја нарекол последен бастион на комунизмот во Р. Македонија!? И, заради тоа сеуште да е затворен во Идризово!?

Но, безбројните примерите во коишто македонскиот неокомунизам применува насилство за да се заштити себеси ќе ги оставиме за некое друго изложување.

Текстот, пак, на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, што го публикуваме во продолжение, сведочи дека Православната Охридска Архиепископија денес е единствената опозиција, единствената инакумислечка заедница во Р. Македонија. Оттука и непобитниот факт дека кај комунизмот нема пардон за инакумислечките. Затоа, ова потресно послание напишано зад затворските решетки од страна на единствениот, вотемничен заради верата, Претстоител на помесна Православна Црква, низ морници сведочи дека во Р. Македонија сеуште беснее едно од најголемите зла против човештвото - комунизмот.

Тоа сите го знаат, но сите молчат. Таквата схизофрена состојба веројатно е најопасната последица од злоделото врз човечката свест наречено - комунизам. Освен, се разбира, уште поголемата опасност на пребивање во тотално незнаење, коешто исто така може да биде директна последица на живуркањето во – комунизам на македонски начин.

Во 1990 година, комунизмот штотуку беше соборен. Тогаш бев студент на Богословскиот факултет во Белград и се сеќавам на длабоките и прозорливи зборови на еден мој драг учител, а сега брат во епископство — вомировениот Захумско-херцеговски Владика Атанасиј (Јевтиќ), кој уште тогаш, полни 16 години пред комунизмот да биде конечно осуден, забележа дека никој не го беше осудил истиот, иако званично тој систем на уредување веќе не постоеше во Европа. Велеше: „Мртовецот е веќе погребан, а лекарите сѐ уште не констатирале смрт“.

Повеќепати сум говорел дека сум имал среќа, детството и младешките години да ги минам во една типично антикомунистичка средина. Но она што потполно и трајно ја обликува мојата антикомунистичка ориентација го најдов токму на Богословскиот факултет во Белград. Во анализата што ја правам многу години подоцна, а тоа значи сè помалку пристрасно, заклучувам дека Богословскиот факултет во Белград беше центарот на антикомунизмот во Европа. Не само професорот, чие име погоре го споменав — кој имаше храброст уште во осумдесетите години на минатиот век да му се спротивстави на Милошевиќ и да го нарече тирански владетел на Србија, туку и повеќето од другите професори — беа антикомунисти. Не по некоја политичка определба, туку по длабоко егзистенцијалистичка.

Чинам дека ова беше неопходен вовед за она што ќе следува, а е мотивирано од неодамнешното донесување на Резолуцијата за осуда на комунизмот од страна на Европското собрание во Стразбур.

Конечно, Европа го направи она што требаше одамна да се случи. Кога ќе подразмислам подобро, не е ниту чудно што тоа го направи со толкаво задоцнување. Европа го знаеше комунизмот само посредно, што би рекле, од втора рака. Ѝ требаа 16 години да сфати колку непоправливо зло остави тој општествен систем зад себе. Колку трајни духовни инвалиди произведе. Предизвика непоправливи човекови судбини. Остави зад себе неправди и омраза. Иако верувам дека демократска Европа тоа го претпоставуваше уште од времето на студената војна, сигурен сум дека ја изненади големата

катастрофата и пустошот што ги остави комунизмот. Ѝ требаа полни 16 години да ги анализира последиците од тој простачки систем, за конечно деновиве да го осуди. Не затоа што злосторствата против човештвото што ги направи комунизмот не беа препознатливи уште порано, особено веднаш по падот на тој тоталитаристички систем, туку збунувачки пред европските аналитичари беше тоа што не го осудија први комунизмот оние што ги преживеаја понижувачките последици од него?

Конечно, по толку време изгледа сфатија дека жителите на тие бивши комунистички земји се неспособни, или подобро речено трајно онеспособени да го направат тоа. За да не се повтори никогаш повеќе, сметам дека е многу добро што Европското собрание го осуди комунизмот, но уште подобро ќе беше ако тоа го направеа оние што го претрпеа најсилниот удар од таа катастрофа.

Просудено со философски критериум, воопшто не е чудно зошто во бившите комунистички земји нема капацитет за непристрасна анализа или за осуда на тој општествен поредок. Комунизмот всушност е систем без автохтона философија. Тој е еден синкретизам, а со нефилософски речник кажано, тоа би значело кражба од различни философски и етички системи, кои, бидејќи се вештачки поврзани, уште од почеток се осудени на неуспех. Така, етиката на комунизмот е украдена од Новиот Завет, но наместо да се потпира на верата во Бога — на која единствено природно се накалемува, комунистите ја потпреа на ветар. Нормално, тоа на ветар не стои.

Генерално, комунизмот е еден медио­критетски ситем. Во него нема развој, бидејќи Салиери постојано ќе сака Моцарт да биде како него, а не тој како Моцарт, и ќе прави сè да го закочи Моцарт во неговиот напредок. Самиот замислен и создаден од медиокритети од типот на Маркс и Енгелс, кои никогаш ниту биле, ниту можат да се наречат философи, а спроведуван од измамници од типот на Ленин, Сталин или Тито, комунизмот ги привлече главно неписмените и медиокритетски ориентираните луѓе.

За да не должам премногу, сега ќе се осврнам на комунизмот во денешна Република Македонија. Генерално, во Република Македонија тој уште не одминал. Ако добро се разгледаат изјавите на некои анкетирани политичари, историчари, педагози, културни работници, а да не говорам за помалку образованите во народот, и тоа по донесувањето на споментата Резолуција, ќе се види дека кај нив постои едно големо замешателство. Не можат отворено да речат дека комунизмот е добар, особено затоа што веќе е погребан, а од неодамна и осуден од Европското собрание, но скоро да не можат да речат дека е лош и контрапродуктивен општествен систем.

Тоа е така затоа што сѐ на што се потпира денешна Р. Македонија е основано на комунистички темели. Почнувајќи од државата, преку црквата, до историјата. Не беше одамна кога во училиштата учевме дека светот го створиле комунистите во 1945 година. Сега националната историја малку отстапи и прифати дека светот бил створен во Илинденското востание 1903 година. Тоа е целата придобивка од падот на комунизмот во Р. Македонија.

Најповикан сум да говорам за Црквата и затоа генерално би се задржал на фалсификатот што се обидоа да го направат комунистите во Црквата. Секому е познато дека комунистичката идеологија беше целосно антицрковна. Уништувањето на Црквата беше една од суштинските цели на тој тоталитаристички државен поредок. Така, во 1945 година, комунистичката власт не им дозволи на канонските Епископи на Православната Црква да си ги заземат катедрите од кои беа насилно истерани во војната. Со тој факт, практично, Црквата во тогашна НР Македонија беше уништена, бидејќи Православната Црква по структура е епископална, па ако нема Епископи не може да постои.

Во таков случај, НР Македонија ќе беше првата комунистичка држава на која ќе ѝ успееше да ја уништи Црквата.

Но Црквата е неуништлива, зашто не е човечка творба, туку Божја. Во педесетите години на минатиот век, комунистите во НР Македонија се почувствуваа доминантни над Црквата, и посакаа планирано да ја контролираат, да ја уништат кога ќе биде потребно. Дотогаш требаше да им послужи за некои нивни цели.

Имено, преку Црквата смислија да ја контролираат дијаспората од нашите сонародници во прекуокеанските земји и Европа. За сето тоа им требаше независна Црква од Пеќсата Патријаршија или од која било друга Патријаршија, за истата да биде зависна само од комунистичката власт. Во 1958 год. успеаа да направат Црква независна од Патријаршијата, но само полузависна од комунистичката власт. Тоа не им беше доволно. Потребна им беше организација која ќе личи на Црква, но да биде потполно зависна од нив. Тоа го постигнаа во 1967 година. Со политичка присила, закани и уцени, на пучистички начин, во таа година прогласија автокефалија на црквата, но таа автокефалија не ја призна ниту една Црква во светот. Нив тоа воопшто не ги интересираше, од причина што не им требаше Црква, а камоли тоа да биде потполно автокефална и независна од сите, па дури и од власта. Ним им требаше само фолклорно друштво кое по нешто ќе личи на Црква, но ќе биде потполно потчинето на власта. Тоа им успеа. Си направија таква организација во која тие ги назначуваа епископите, а преку нив и нивното свештенство, ја вршеа мисијата наречена: „пастирска шпионажа на дијаспората“.

Таквата организација, која нормално ниедна Црква во светот не ја сметаше за нешто друго освен за расколничка организација, сѐ до падот на комунизмот систематски беше контролирана од посебно тело на Владата. По падот на комунизмот, се продолжи контролата над таа организација, но сега не систематски туку стихијно. Не затоа што власта веќе имаше потреба да ја контролира таа организација, туку затоа што таа организација не можеше да се снајде во демократскиот амбиент. Така, си останаа подвластени до денес.

Ете ова е само дел од она, зошто Република Македонија требаше да се придружи кон осуда на комунизмот, ако веќе тоа не можеше сама да го направи. Но, се плашам дека тоа нема уште долго да се случи и тоа од едноставна причина што во таков случај ќе треба да се промени целата важечка теорија дека светот бил створен 1945 година. А, ако падне таа лага, со неа ќе повлече уште многу други лаги кои ги измислија и воведоа комунистите во последниве 60 години. И тогаш што ќе остане? Расколничка организација сигурно не.

Ќе завршам со следново: осуден сум и лежам во затвор од кадешто го пишувам овој текст затоа што во текст објавен под мое име во црковен календар за 2004 год., напишано е дека: „МПЦ е последниот бастион на комунизмот во Р. Македонија“. — Другите обвиненија, дека сум прифатил да бидам српски егзарх, дека сум ја организирал хиротонијата на Преосветените Епископи Јоаким и Марко, како и дека сум служел литургија на приватен имот — Врховниот суд ги укина. Но, како минува времето и како натежнуваат затворските денови, гледам дека и она првото за кое сум осуден не е сосем точно и можело да се каже сосем поинаку, ем да биде точно, ем да не ме затворат. — Дефинитивно: МПЦ не е последниот бастион на комунизмот, на голема жалост има и други. — Затоа, Резолуцијата за осуда на комунизмот донесена од Европскиот парламент во Р. Македонија ќе помине потполно незабележана.

Jануари 2006 год.
затвор „Идризово“ — Скопје

Архиепископ и Митрополит
+ Охридски и Скопски Јован