Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Грчкиот збор „мартирас”, скоро во сите словенски јазици се преведува како: „сведок”. Во црковнословенскиот јазик, „сведок” е исто што и во грчкиот „мартирас", оној кој ја сведочи автентичноста на некого или нешто, но за тоа сведоштво е подготвен да го даде и животот. Скоро во сите современи јазици, грчкиот термин „мартирас" има барем две толкувања. Едно е она воопштено, дека сведок е тој кој присуствувал или учествувал во некој настан, па истиот вистинито, како очевидец го пренесува, а друго, она помалку вообичаеното, дека сведок е тој кој учествувајќи во некој настан ја потврдува вистинитоста на истиот, но за докажување на вистината спремен е да го даде и животот. Оној кој сведочи на второопишаниот начин, во словенските јазици се нарекува „маченик".

Маченик значи и не е ништо друго поразлично од екстремен сведок. Сведок кој не прави компромиси со вистината и не прифаќа дека вистината е монопол на парламентарното мнозинство. Не би навлегувале тука, дали таа вистина за која некој е подготвен да го даде животот е вистинската вистина, но едно е сигурно дека помеѓу сведоците за вистината има некоја градација. Некој, под притисок, не само што не е подготвен да сведочи за вистината, туку и самиот ќе поверува дека друга била вистината во која тој присуствувал или учествувал, а друг пак, ќе остане доследен на автентичноста која ја сведочи и по сите закани дека за таквото сведоштво ќе претрпи многу штети, па дури и смрт.

Сведочењето на некого е значи одраз на карактеристиките на личноста која сведочи. И ако се суди според сведоштвото, кое може да се движи од лажно до вистинито, личноста може да биде од схизофрена до здрава. Схизофренијата е поврзана со схизмата, со поделбата значи или расцепот кој постои во личноста, но таа секогаш се јавува како последица на лагата. Или на лажното прифаќање на околината и настаните во неа, или на лажното себепретставување пред другите. Но, лагата и схизмата или схизофренијата се длабоко проникнати во причинско - последични односи. Наспроти тоа, сведоштво за вистината може да даде само здрава личност, која има способност или како велиме просветленост прво да ја открие вистината, а потоа, можеби еднакво важно, или поважно од првото, да има храброст да ја каже, да ја посведочи.

Сево ова ни беше потребно да дојдеме до прашањето: Што е вистина? Намерно, прашањето го поставивме погрешно, онака како што Понтиј Пилат погрешно му го постави на Христа. (Јн. 18,38) Правилно поставено тоа прашање би имало облик: Кој е вистина? Во тој случај очекуваме вистината да биде личност, односно субјект, не предмет. И токму така, вистината е личност. Личноста на Богочовекот Христос е единствената апсолутна вистина. Тој е алфа и омега. Тој е Оној Кој Е, вчера, денес и утре.

Ако се има Христос за вистина, тогаш човек не би можел да се пазари за вистината. Не би можел дури ни да гласа за вистината, зашто или си во вистината или не си во неа. Со други зборови, или ја сведочиш, или си во лагата. Состојба помеѓу нема.

Некому ова може да му изгледа крајно радикално, фундаменталистички, меѓутоа, нема религија која не верува дека вистината е апсолутна и дека постои една голема провалија помеѓу вистината и лагата која не дозволува двете да се допираат. Лично, не сметаме дека религискиот фундаментализам е нешто погрешно. Никогаш не противречевме кога не нарекуваа фундаменталист. Дури сметаме дека е неопходно да бидеш фундаменталист, тоа значи да бидеш темелит човек. Погрешно е да бидеш нетолерантен кон вероисповедањето на другите. Не е грешка да си ја познаваш својата вера и да ја браниш со дозволени методи. Грешка е да ги мразиш или да водиш војна со оние кои не веруваат исто како тебе.

Ако ги поврземе сега двете работи за кои претходно пишувавме, а тоа е сведоштвото за верата и верскиот фундаментализам ќе се види дека тие се неразделно поврзани едното со другото. Ќе бидеш добар сведок за верата само ако си темелит, односно фундаментален, а темелит, односно фундаментален ќе бидеш само ако ја посведочиш верата ако е потребно и со твојот живот. Ова „со твојот живот" е веројатно најважното. Не, значи со туѓ живот. Не да ја сведочиш вистинитоста на твојата вера со убивање на сите оние кои ги сметаш за неверници. Немаш право да си го одземеш нити сопствениот живот кој ти е дар од Бога, а камоли туѓ. Но, не само право, дури и должност, барем на христијаните е да го дадат ако е потребно сопствениот живот за одбрана на верата и за одбрана на ближниот свој.

Нема поголема трагедија за еден народ и за Црквата на тој народ, од таа кога оние најповиканите да ја сведочат верата, а тоа се Епископите на една Црква, тоа ќе го одбијат, за да го зачуваат овоземното спокојство, комфорот и богатството кое им го нуди позицијата на која се. Велиме позицијата, не службата, од причина што таквите Епископи нити се свесни, нити се однесуваат така како нивниот чин да е служба. Тие навиканле другите нив да им служат и другите да се жртвуваат за нив, а не тие да служат некому или да се жртвуваат за некого. Нормално, тоа е погрешната перспектива на нивниот живот која е последица на расколот, а тоа значи последица на лагата со која живеат.

Повеќето од Владиците во сегашниот Синод на т.н. МПЦ, се општествено крајно искомпромитирани личности. Нема врапче во Македонија кое не знае за „моралниот" живот на синодалците. Од вонбрачни врски до убиства, среброљубие и комфорољубие, се може да се најде во лепезата која ја нуди Синодот на расколничката јерархија на т.н. МПЦ. Но, тоа уште не е најстрашното. Најстрашното е тоа што немаат вера во Царството Божјо, во Страшниот суд и во Второто Христово доаѓање. Го живеат животот по зборовите на онаа позната безбожна песна: „Узми све што ти живот пружа". И вистина зедоа сè, само што душата ја загубија.

А, сведоштвото за верата, мачеништвото, страдањето од љубов кон Бога и ближниот, за нив се шпанско село. За нив, плодовите на верата се: да си купиш куќа за вонбрачните деца, ако може и викендица, да прошеташ по светот, да имаш неколку полтрони кои ќе те пафкаат и ќе ти велат дека ти си најпаметниот во светот и на крај, од кога ќе ти заврши овдешниот мандат на животот да им оставиш две третини од заоставштината на своите роднини, а само една третина на Црквата. Таков Устав има само расколничката МПЦ и тоа е една од најважните причини зошто расколничките Владици не сакаат да имаат единство со никого. Ако имаат единство ќе има контрола врз нивните постапки. Вака во раскол сè им е дозволено.

На претпоследниот Синод на кој бевме присутни во април 2002г., на Високопреосвештениот Кирил (така ќе го викаме додека Судот и званично не го расчини), му рековме дека и во случај утре да ни признаат Патријаршија, нему тоа нема да му одговора, а тој стана да се тепа со нас. На повеќето од Владиците на т.н. МПЦ, никако не им одговара единството со Православната Црква во екумената. Во случај на признавање на Црквата нивната распашана команда треба да престане. На тоа очигледно многумина не се подготвени.

Заради сево ова, кога во едно синодско соопштение и во една нивна одлука нè нарекоа „одроден Владика", ние им одговоривме и им рековме дека тоа е единственото точно што го кажале последните неколку месеци. Вистина се чувствуваме одродени од нив, кои се многу далеку од вистинскиот „род" христијански, а уште многу подалеку од вистинското сведоштво за верата.

Сепак, за најголема грешка на Синодот на расколничката МПЦ, го сметаме тоа што станаа гонители на Црквата. Тие не се во ништо поразлична улога од онаа во која беше Светиот апостол Павле кога ги гонеше христијаните, а Христос му рече: „Зошто ме гониш”. Заборавија дека гонејќи еден Епископ кој е признат од сите православни Цркви во светот, тие го гонат самиот Христос. Тоа е значи нивниот најтежок грев, што станаа христоборци.

Може ли некој да помисли дека со вакви луѓе сме имале и некоја подобра алтернатива или некоја посветла иднина?

+ Јован Митрополит велески и повардарски
и Егзарх охридски
сега Архиепископ охридски и Митрополит скопски

Колумната е објавена во неделникот „Сведок-Крим ревија” во февруари 2004 година.