Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Верзија на руски

Од мал ме сметаа за противречен. Не се ни обидував за тоа да се бранам. Ми се допаѓаше улогата да се разликувам од другите. Подоцна, сватив дека не само што не е лошо да се биде противречен, туку тоа е единствениот вистински предизвик на слободата. Колку си попротивречен, толку си послободен и пооригинален. Најпротивречен е Господ Исус Христос. Тој е најконтраверзната личност која човештвото ја запознало. За Него, праведниот Симеон, како што пишува Евангелието, земајќи го во рацете, рече: „Ќе биде знак противречен" (Лук. 2,35).

Вистина, Христос е најпротивречната личност на светот. Во една личност соединети две противречни суштини, и Божјата и човековата. Од една страна, со телото во гробот и со душата во Адот, а од друга страна не престана во истото време да седи на престолот Божји со Отецот и Духот Свети. Сите други противприродни дејства кои ги покажа: да воскреснува мртви, да оди по вода, да го намножи лебот и рибите, да лечи слепи, глуви и неми и уште многу други работи, се многу помали противречности од онаа првата.

Значи, од кога сватив дека и Христос е противречен, тогаш почнав да се натпреварувам во напредокот во противречноста. Но, ниту пред тоа, ниту тогаш, ниту сега, противречноста не сум ја доживувал како анархија. Противречноста е слобода и единствен сериозен мотив за живот. Таа значи напредок, развој, а конечно и победа над се што разделува. Противречноста е бестрастие, слобода од секој вид на страстна желба, слобода дури и од смртта. Да си свесен дека смртта е околу тебе, а да живееш како смртта да нема сила врз тебе, ете тоа е противречност.

Знам дека воведов ми одзеде од просторот кој ми е даден за да ја развијам колумнава, но сметав дека е непходен бидејќи многумина можат да се збунат од насловот. Како е можно, ќе рече човек, да се биде во затвор, а сепак слободен? Не е ли затворот ограничување на граѓанските права и слободи?

Сепак, заради оние кои ме спречија да го извршам чинот на крштевање во Православната вера во храмот Св. вмч. Димитриј во Битола, заради оние кои ме ставија пет дена во притвор, затоа што се обидов да крштевам со православен обред, заради оние кои во притворот грижливо ме чуваа и ме хранеа, заради оние со кои го делев притворот, без разлика на вера и нација, конечно и заради радоста што ја покажаа членовите на расколничкиот Синод на МПЦ заради моето апсење и притварање, го сметам за должност да ја одгонетнам противречноста на слобода во затворот.

Додуша, да бидеме до крај искерени, оние пет дена во притворот изгледа како сам да си ги барав. Не затоа што отидов во Свети Димитриј да крштевам. Таму, ќе отидам и пак, и пак. И нема да се покајам зашто таа е црква која дедо ми ја градел и никогаш нема да се согласам дека расколниците треба да ја владеат. Таа е црква која од стилот, до камењата и натписите на иконите се е грчко. Незнам како големиот „македонец" г-динот Петар, кој патем има титула Австралиски, не Битолски, служи во неа кога се таму „смрди" на грчко.

Притворот си го побарав сам велам, зашто после одбраната на мојот адвокат дека не сум сторил никакво кривично дело до сега, дека не сум осудуван, дека нема да побегнам од државата, дека вистинските разбојници за потешки дела ги пуштаат да се бранат од слобода, дека ништо нема да се постигне со притворот бидејќи судењето не може да се изврши во рок од пет дена колку што е максималниот рок на притвор за делото за кое се товарам, и.т.н., јас и реков на судијата Милка Бизевска дека не се согласувам со мојот адвокат. Точно е велам се, „особено она дека нема да избегам од државата бидејќи мојата мисија е во Македонија". За мене полесно ќе беше да бидам во било која друга православна земја обичен селски поп, и така, веројатно ќе имав помалку проблеми, но и тоа е прашање. Сепак, во тој случај ќе бев противник на вољата Божја. Ќе го изневерев Бога за она што го чека од мене. Ќе се покажев како некои Христијани во првите векови од кои се чекало да сведочат за верата во време на гонењата, ако е потребно дури и со сопствената крв, а тие заради сопствениот комфор се откажале од верата и принеле жртва на лажните богови. „Но, свесен сум дека ставајќи ме во притвор вие само ќе ме направите попознат во сите краишта на православието". За тоа колку сево ова се обвистини овде нема да зборувам.

Она што верувам дека многумина ќе ги интересира е тоа во каква келија го сместија Владиката во притворот, дали го преоблекоа во цивилни алишта, како се однесуваа затворениците и стражарте спрема него, како му се допадна храната и сл.? Пријателите ќе ги интересира да споредат каква разлика има помеѓу озлогласената затворска келија и онаа едноставна келија во манастирот Св. Јован Златоуст, во која живее и престојува Владиката, а која освен еден компјутер и неколку книги нема ништо посебно. Ќе ги интересира дали нашол јазик со криминалците и стражарите, зашто го познавале како човек кој комуницира со духовници, со интелектуалци, но и со едноставни луѓе па дури и со луѓе кои имаат одредени психосоматски пореметувања. Ќе ги интересира дали затворската храна била подобра и поизобилна од лебот и водата со кои тој ги минувал постите. Но, истото тоа ќе ги интересира и непријателите, за да речат како што велат расколниците: „добро му направија".

Затоа да почнеме од почеток. Притоворот е соба два на два метра, во која се сместени два кревети и еден отворен клозет. Јадеш во истото место каде што вршиш нужда. Оние кои поминале подолго знаат дека имало разлика и помеѓу собите. Имало трокреветни, па и повеќекреветни. Чинам сепак бев привилигиран и бев во двокревентна соба. Но, во друго скоро и да не може да се има привилегија. Сијалицата ти свети во очи. Не можеш да го исклучиш светолото кога ти сакаш. Собата е полна со мушички и пајаци. Немаш каде да си ја оставиш крпата за бришење лице која можеш да ја имаш само ако некој од надвор ти ја донесе. Инаку баш ништо не ти следува, дури ни сапун. После вршење на нужда, во колку не ти донеле од надвор тоалетен папир, можеш да се замиваш со вода од едно чешмиче која течи токму над клозетот. Тука, над клозетот се миеш и од таму пиеш вода. Кебињата се стари и испуфкани, чиниш полни се со болви. Сепак, ако малку почесто си ја чистиш келијата може и да ти биде прилично чисто. Ако, пак, ставиш и некоја икона, тогаш може твојата затворска келија да не се разликува од оние на големите аскети на Египетската пустина, оние на подвижниците од Света Гора, или пак на монасите затвореници во Киево - печерската лавра.

Но, што правиш кога ќе ти дојде на памет помислата: Како му е на лавот кога е затворен во кафез? Ако продолжиш да ја развиваш таа помисла, најверојатно ќе стигнеш до таму како ти е тебе зад решетки, и тогаш имаш два патишта. Или целото свое битие да го ослониш на Бога, или да паднеш во отчајание. Новото искуство кое го стекнав во затворот е потврда на искуствата на старите, дека во затвор, луѓето најлесно ја примаат проповедта за надежта. Веројатно тоа е така и во војна.

Но, не само надеж дека единствено Господ е праведен судија и дека на крај тој ќе им суди дури и на твоите тужители и судии, туку надеж дека Господ покрај тоа што е праведен, Тој е и многумилостив. Единствен кој не те остава е Тој, дури и тука во затворот. Кога сите ќе се откажат, кога државата ќе ти ги укине сите права, кога ближните ќе се срамат од тебе, тогаш ти останува Господ. Тој Кој е почетокот и крајот, алфа и омега. Тој, Христос е слободата во затворот.

Стигнавме значи до слободата во затворот. Можно е да си во затвор, а пак да си слободен. Слободата е духовна категорија. Таа е љубов. Љубов кон оној кој ти го осмислува животот, кон Христа. Љубов кон целата Света Троица и кон сите кои се собрани во телото Христово. Богородица, ангелите, светителите, и конечно кон целиот народ Божји. Кога го сакаш оној кој те обвинил, кога го сакаш оној кој те судел, на крај кога го сакаш оној кој секојдневно ти ги отвара и затвара решетките на келијата, кога го сакаш и тој со кого ја делиш келијата, а во суштина се те тера да ги маразиш, дури и самото нивно присуство и дишење, е тогаш си слободен. Кога цела логика на светот те убедува дека тие се твоите непријатели, дека тие те мразат и затоа си ти зад решетки, а ти се спротиставуваш на таквата помисла и велиш: „Па што, тие се сепак мои браќа", тогаш си слободен. Кога со мислата поминуваш низ пеколот и велиш: „Подобро да се истребат овие мои непријатели кои ме сместија во затвор", но сепак не остануваш таму, туку велиш: „Да им простам на сите заради воскресението", тогаш си слободен. Без разлика каде и да си. Во манастир кој по слободата ти постанал затвор, или во затвор кој со сопствената слобода си го претворил во манастир.

Си велам, не пет дена, пет години и повеќе би ги одлежал ако е благословено од Бога. И нема никому да му се пожалам. Злобниците пак возвраќаат, „Затоа што си политички гонет, затоа ти е лесно". И Тито, велат (на кого јас ни името не му го спомнувам без да речам: Да е скраја и далеку), не ќе беше Тито, ако не лежеше во затвор. Нивната злоба има две цели. Да ме возгордеат да мислам дека мојата жртва е нешто големо, а со тоа и да ја загубам наградата од Бога, но истовремено и да ме понижат дека жртвата која ја правиме е кобајаги само политичка реклама.

Веројатно времето ќе им одговори, а до следната колумна, нека ме остават да се жртвувам само за Бога и за народот Божји.

+ Митрополит велески и повардарски
и Eгзарх охридски Јован
сега Архиепископ охридски и Митрополит скопски

Колумната е објавена во неделникот „Сведок Крим-ревија” 24.09.2003 година