Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Помина повеќе од една година од воспоставувањето на литургиското и канонско единство на велеската и повардарска света митрополија со Српската православна Црква, а преку неа и со целата православна вселена, а дури сега, за прв пат преку простор за колумни, ни се овозможи во некое од јавните гласила да објасниме што е тоа литургиско и канонско единство, зошто се случи и кому му е потребно? Додуша, познати се наделку средствата за информирање во Р. Македонија како „многу демократски”, а во таа демокатија особено предничи Телевизијата А1 која целата измината година ја манипулираше јавноста со невистини околу настаните во Црквата. Фактот што ниту еднаш во таа измината година не побарале автентична изјава од нас е доволен за да се заклучи дека нив не ги интересирала објективноста туку спроведувањето на нивната уредувачка политика. А, нивната уредувачка политика е антицрковна, подобро речено антиправославна, бидејќи сметаат дека сите што не веруваат дека Алах е еден (А1), се само ѓаури.

Не се многу подемократски ниту другите средства за информирање зашто тоталитаристичкиот менталитет кој се таложел со децении тешко излегува од карактерот на луѓето, па така и од карактерот на уредниците на средствата за информирање во Р. Македонија, но сепак, некои од нив допуштиле да се објави барем некоја парафразирана наша изјава, за разлика од Телевизијата А1 која ставила ембарго врз сите наши автентични изјави. Од сиве овие гореспоменати причини, се чувствуваме задолжени да заблагодариме на редакцијата на ревијата Сведок која ни овозможи да биде објавена оваа колумна.

Црквата е една, вели прифатениот Никео - цариградски Символ на верата. И тоа, соборна и апостолска. Не може да има две Цркви, како што не може да има два Бога. Таа (Црквата) е соборник на сите луѓе од сите краишта на вселената, различни по раса, пол, возраст, национална или политичка припадност. Единствен услов да бидат нејзини членови е да бидат крстени по православен обред во името на Отца и Сина и Светиот Дух.

Токму соборноста е најзначајната карактеристика на Црквата. Во соборноста се надминуваат сите поделби, кои Св. Максим Исповедник ги класифицира во пет категории. Поделбите помеѓу: створената и нестворената пророда, умната и чувствената реалност, небото и земјата, рајот и населената земја и машкиот пол и женскиот пол, се надминуваат единствено во Црквата. Оваа последнава поделба, која нам на луѓето ни изгледа тешко надминлива, да нема значи машки пол, ни женски, како што вели апостол Павле во Посланието до Галатјаните (Гал. 3,28), е само прва по редослед од сите поделби кои треба да се надминат за да бидеме во единство со Господ. Но, во сите тие пет категории на поделби кои треба да се надминат за да се влезе во вечен живот никаде не се споменува поделбата по национална припадност.

Сепак, сите сме свесни дека постои поделба по национална припадност, но зошто тогаш големиот отец на Црквата, не ја набројал и таа поделба во категоризацијата на поделбите кои треба да се надминат? Би постоеле два одговора. Или затоа што не приметил дека е тоа поделба која е пречка за целосно единство со Бога, или затоа што ја потценил и не ја сметал за сериозна поделба која бара голем труд и подвиг за да се надмине. Посигурно е ова второво. Поделбата по национална припадност е од редот на незначајните поделби за кои нетреба вонреден напор за да се надминат. Таа е слична на подлебите кои настануваат помеѓу луѓето заради разлика во политичките убедувања, категоризацијата на општествената скала, разликата во образованието или пак воспитувањето. Но, ниту една од тие разлики не е пречка за да се влезе во Царството Божјо. Споменатите разлики се сметаат за карактеристики на неповторливите личности, додека петте споменати поделби се пречки за да се оствари единството со Бога, а тоа значи и пречки за да се наследи вечниот живот.

Сето ова го пишуваме за дојдеме до тоа колку е небитен за спасението на човекот и светот податокот за нечија национална припадност. Додуша, тој не се занемарува и како што рековме се брои како една од карактеристиките на биолошкото постоење на личноста, но не е ништо суштинско кое ја определува вечноста.

Проблем настанува само тогаш, кога некои луѓе кои себе си се сметаат за припадници на православното вероисповедание не ја поставуваат и не ја доживуваат суштината на нивната вера во спасението од смртта и од распаѓањето, туку верата ја третираат како конзерва на историското паметење, како една од многуте културо - социјални придобивки на човештвото, или во уште поразводнет облик, како одредена психолошка утеха во бурата на животот. Тоа, секако, нема никава врска со живата Црква на живиот Бог, меѓутоа, слабата евангелизираност која е каратеристична за посткомунистичката епоха во која што живееме, го снижува највисокиот критерум на Црквата, а тоа е спасението, ја прави Црквата културосоциоисториопсихолошка конзерва, без моќ да преобразува и да обновува, без моќ да воскреснува и да подарува вечен живот, туку само да биде сервис за потребите на нејзините членови кои не би сакале да ги наречеме „побожни” или „благочестиви”, зашто под тие термини Црквата ги распознава само вистинските верници.

Во посткомунистичкиот амбиент во кој живееме, во кој од демократијата го нема ниту она „Д”, секој се обиде, затоа што нема друга работа, да стане тоа што ниту бил, ниту има предиспозиции да постане. Во тој систем без вредности добивме гостилничари кои постанна политичари, доктори и инженери кои постанаа козари и новинари - теолози. Можеби нема никаква трагедија во тоа ако сите тие луѓе се докфалификуваа и од љубов кон новата професија постанеа професионалци. Но, сега во амбиентот на извртени вредности немаме ниту љубезни гостилничари, ниту добри политичари, ниту развиена медицина и индустрија, ниту пак земјоделство, овчарство и козарство, ниту имаме сериозни и одговорни новинари, а што нас ни е особено многу жал, немаме ниту добри теолози.

Ова беше само еден пообемен вовед во она што го поставивме како тема за оваа колумна. Се задржавме повеќе на воведот отколку на самата тема, бидејќи самата тема за единството на Црквата е многу едноставна и лесно сватлива во колку се разбијат одредени предрасуди кои ги создаде претходниот комунистички ситем. Тој систем систематски го убиваше Бога во човекот и стигнавме во ситуација луѓе безбожни, со еретички или схизматички сваќања за православието, духовно дефектни и интелектуално неспособни за теолошки дискурс да се наметнат како авторитети за решавање на суштинските прашања на Црквата какво што е прашањето за единството.

Во самата негова суштина, прашањето за единството на Црквата е многу просто бидејќи ако можеме така да речеме, тоа е аксиома. Беспричинска е секоја полемика околу тоа, зашто, единството нема алтернативи. Или Црквата е една, или не постои. Толку е едноставно што веруваме дека малкумина имаат дилема дека тоа е така. Но, прашање се јавува зошто тогаш има Српска, Грчка, Бугарска или Руска Црква, а не може да има Македонска?

Според сето што погоре го кажавме, тоа е несериозно прашање, но бара сериозен одговор. Несериозно е затоа што нема ама баш никаква врска со суштината на верата, а тоа е спасението и вечниот живот, но заслужува сериозен одговор зашто оние кои се неутврдени во верата, кои не ја познаваат и кои сеуште не стигнале да ја видат нејзината суштина и смисла во спасението и вечниот живот, биваат соблазнети од разликувањето на национални Цркви во телото на едната света соборна и апостолска Црква.

Националните Цркви кои настануваат во 19 век се производ на едно друго историско замешателство, слично на она комунистичкото кое го споменавме, а кое настанува после ослободувањето на балканските народи од турското ропство. Бидејќи ослободувањето на балканските земји од Турците беше постепено, во новоформираните држави дојде до формирање на локални Цркви кои сакаа да бидат што е можно понезависни од дотогашниот центар, Константинополската Патријаршија. Нашето скромно мислење е дека на Црквите на ослободените територии им беше потребна независност или автокефалија не од причина што несакаа да бидат во единство со Константинополската Голема Црква, колку што се плашеа дека таа може да биде под постојан притисок од друговерниот султан и тој притисок да се наметнува и на Црквите кои немаат никаква причина да прават толенранции на Турците бидејќи се на територии кои се веќе ослободени. Така, многу несреќно, се создадоа национални Цркви, не по учењето на Црквата, туку по потребите во времето во кое се формираа. Сега, тоа постана голем камен за сопнување за Црквата во Македонија. Времето за создавање на такви национални Цркви помина. Православните христијани на Балканот веќе многу децении живеат слободно и имаат можности да ја препрочитаат теологијата на Црквата. И сигурни сме дека сватија оти создавањето на национални Цркви е грешка на 19 век. Денеска сите Цркви во светот, без исклучок се свесни дека не може Црквата да ја затворат во национално гето, па затоа се повеќе се среќава наместо Грчка Православна Црква да се нарекува Православна Црква во Грција, наместо Српска Црква, Православна Црква во Србија, и.т.н.

Жителите на Р. Македонија се веројатно последните балкански народи кои го живеат национал романтизмот. На крај тоа, никој и не им го спори. Ако имаат желба за самодокажување, како што тоа го има секој пубертетлија, нека го прават, меѓутоа не е право за тоа да ја ползуваат Црквата. Црквата е над тоа. Таа е со возвишена мисија и смисла и сосема нечесно е од неа да се прави средство. Таа е цел и вулгарно и невкусно е да се употребува како средство. Особено никако во рацете на политичарите. Тие имаат умешност и наједноставното да го восложнат, и најпривлечното да го оддалечат, и највозвишеното да го приземјат, и најсветото да го обесветат. Впрочем и црковното прашање во Р. Македонија ќе биде решено кога Црквата нема да дозволи полтички притисок.

Убедени сме, дека никој нема цел да ја деградира Црквата во Р. Македонија (освен Синодот на расколничката МПЦ, кој упорно тоа го прави), нити да го асимилира народот кој живее тука. Ниту, Србите, ниту Грците зашто сите се свесни дека во 21 век тоа е неостварливо. Тоа многу пати јавно го кажа и Архијерејскиот Собор на СПЦ и самиот Патријарх лично. Но, до идната колумна да подразмислиме, дали јапонците, кои имаат автономна Православна Црква под јурисдикција на Руската Православна Црква, постанаа руси и очите веќе не им се коси?

+ Јован Митрополит велески и повардарски и Eгзарх охридски

Текстот е објавен во ревијата Сведок на 03 септември 2003г.