Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Православната Охридска Архиепископија веќе години на назад укажува со аргументи дека новинарот од „ТВ Сител“ и самопрогласен црковен аналитичар г-дин Марјан Николовски со неговиот портал „Religija.mk“ има една единствена цел, никогаш да не се реши црковниот проблем на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Сега, откако тој проблем е благополучно решен, секако целосно различно од анализите што ги сервираше тој, очигледно дека му пречи што нема повеќе спор меѓу Српската Православна Црква и МПЦ – ОА, па зајадливо на порталот „Religija.mk“ (http://religija.mk/zoshto-za-spc-vo-makedonija-ima-dvajca-arhiepiskopi/), поставува прашање: Зошто за СПЦ во Македонија има двајца Архиепископи?

Па и врапчињата денес знаат дека не само за СПЦ, туку и за Вселенската Патријаршија и останатите Цркви на територијата на Р. Северна Македонија има двајца Епископи со чин Архиепископ, како што и некои титули на Епископи се исти и во ПОА и во МПЦ-ОА. Тоа е техничко прашање, кое во најскоро време треба да се реши, но тоа не го прави спорно решението на Светиот Архиерејски Собор на СПЦ за решавањето на црковниот спор со МПЦ-ОА.

МПЦ-ОА има сослужување со ПОА и тоа ги прави да бидат една Црква, како што е една Православната Црква во цела вселена без оглед на тоа што административно е разделена по територии.

Затоа г-динот Марјан Николовски нека не се грижи зошто во Р. Северна Македонија имало двајца Архиепископи, туку нека се погрижи да прикаже некоја точна анализа, каква што немаше од него последниве 20 години, откако постои ПОА.

 

09 Август 2022

Од канцеларијата на Архиепископијата
Охридска и Митрополија Скопска