Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Српски

28.03.2017

На 28 Март 2017 год., беше соопштена пресудата за Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, за Епископот брегалнички г. Марко, Епископот стобиски г. Давид, двајца свештеници,  четири монахињи и десет верници на Православната Охридска Архиепископија за кривичното дело „перење на пари“, за кое се судеа веќе по втор пат, зашто Врховниот суд на Р. Македонија ја врати првата осудителна пресуда на повторно одлучување во првостепениот суд. 

Да потсетиме дека по првата осудителна пресуда за ова кривично дело, која за Архиепископот Јован беше три годишна затворска казна, тој веќе помина во затвор 7 месеци, а предвремено беше ослободен по залагање на Патријархот московски и на цела Русија г.г. Кирил.

За 28 Март, беше закажано изрекување на пресудата, но судијата Ивица Стефановски истата не ја изрекол на начин на кој се изрекува пресуда, читајќи го диспозитивот од пресудата, туку како да е на пазар, на присутните од Православната Охридска Архиепископија, кои беа обвинети во овој процес им кажал како на подигравка, дека за сите обвинети донел ослободителна пресуда, освен за Архиепископот Јован, како и за лицата Исајло Поповски и Васил Трајковски, и, дека конфискувал една нива во скопско Нерези. На Архиепископот Јован му изрекол затворска казна во времетраење толку колку што поминал во затвор, а на Исајло Поповски и Васил Трајковски им изрекол условни затворски казни, но не кажал на колку време. Конфискувана е градежно земјиште во вредност од 140.000 евра.

Никој од Православната Охридска Архиепископија сè уште не ја добил пресудата, но од она што беше како на пазар соопштено во судот, разбирливо е дека судот не ги почитувал препораките на Врховниот суд, кои беа јасни и недвосмислени: „со сигурност да се утврди дали парите за кои обвинетите беа обвинети дека ги переле, потекнуваат од конкретно кривично дело кое претходно го извршил првоосудениот Јован Вранишкоски”. Од сите докази што беа изведени на судската расправа јасно е дека не постојат пари што можеле да бидат предмет на перење, но судијата од друга страна мораше да ја почитува и наредбата од власта на заминување, по секоја цена да го осуди Архиепископот Јован. Бидејќи не можеше да го осуди само него, зашто тој не беше обвинет дека сам ги перел парите, како колатерална штета беа осудени и Исајло Поповски и Васил Трајковски. Добро во сето лошо е што барем другите обвинети се ослободени и на здружението „Анастасија“ ќе му бидат вратени 80.000 евра.

Илустрација, дека судот под претседателство на гореспоменатиот судија е пазар, а не судница, претставува следниов детаљ: Предмет на обвинението во судскиот спор кој започна уште во 2012 год., беше гореспоменатата нива во Нерези во вредност од 140.000 евра, парите на здружението „Анастасија“ во вредност од 80.000 евра и нива во Штип во вредност од 14.900 евра. Уште на првото судење, обвинителот се откажа од нивата во Штип, буквално како на пазар, со образложение дека за тие пари немало докази, иако за тие пари имаше исто толку докази, односно немаше докази колку и за сите други од обвинението. Сега, во повтореното судење, а по изречената пресуда, судот ќе треба да ги врати и 80.000 евра, кои беа конфискувани од сметката на здружението „Анастасија“.

Предмет на ова обвинение беа сите пари од четири годишни буџети, кои Архиепископот Јован, според судот во Велес, ненаменски ги потрошил уште додека бил во МПЦ. Но, за тоа тој беше осуден две години и шест месеци затворска казна, и таа казна тој целосно ја издржа. Прашањето кое го постави и Врховниот суд, а тоа го поставија и сите обвинети за време на првото и второто судење за перење на пари е: како може еднаш потрошени пари повторно да се стават во промет и да се перат?

Од тие причини, никој од обвинетите, а сега ослободени од обвинението, припадници од Православната Охридска Архиепископија не чувствува дека треба да изрази некаква благодарност затоа што добиле ослободителна пресуда. Не само заради многуте малтретирања, кои ги издржаа последниве години во судските гонења, на правда и вистина, не само заради тоа што многумина од нив го изгубија здравјето, туку особено заради тоа што корумпираниот судија, кој е познат и во други процеси кога судел по наредба на властите во заминување, не собра сили да суди праведно. Се надеваме дека новата власт ќе смогне сили да го преразгледа овој случај, кој е школски пример за корупција во судството.

Православната Охридска Архиепископија на чело со нејзиниот претстоител, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован нема да го попречува процесот на преговори за статусот на МПЦ која сè уште не е призната од ниту една православна Црква, а кој до сега не можеше да се оствари токму заради режимските судски гонења на членови на Православната Охридска Архиепископија. Сепак, упорно ќе се бори, заедно со новите власти, кои тоа го најавуваат, против расипаните судии, што стојат на патот на развојот на демократијата во нашата татковина.