Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

09.03.2016

Во дневниот весник „Слободен Печат“, од 6-ти Март 2017 год., отпечатен е текстот на г. Кире Наумов, со наслов „Клерикализација за крај“. Без да се мешаме во политичките ставови на г. Кире Наумов, кои се негово неотуѓиво право, се осврнуваме само на грубите невистини, коишто се напишани во гореспоменатиот текст, а се однесуваат на светиот Николај Охридски и Жички.

Имено, во редовите на г. Кире Наумов, читаме: „Николај Велимировиќ... бил отворен клерофашист, обожавател на Хитлер и антисемитист, кој верувале или не СПЦ го прогласи за светец.“

Господинот Кире Наумов не наведува извор од којшто ги црпи посочените ставови, но бидејќи не сметаме дека станува збор за злонамерност од негова страна, туку повеќе за неинформираност, во продолжение ќе појасниме за што точно станува збор.

Кога светиот Николај бил Епископ во Битола, во 1926 год., по негова иницијатива се направени гробишта за телесните остатоци на германските војници од Првата светска војна. Овој благороден гест сведочи за неговата хуманост и за високата цивилизациска свест да се закопаат сите оние што ги изгубиле животите во војната, без разлика на која страна се бореле (слично како што Црвениот Крст им помага на војниците од различните завојувани страни). Таквиот гест бездруго придонесува за воспоставување на мирот и довербата. За жал, можеме да констатираме дека кај денешните македонски власти отсуствува ова елементарно цивилизациско ниво, отсуствува основната човечка доблест, што се гледа во одбивањето да бидат уредени гробиштата на бугарските војници на Кајмакчалан, кои всушност биле Македонци.

Заради посочениот гест, Епископот Николај, после десет години, во 1936 год., е одликуван со орден од тогашната германска власт, на чие чело бил Хитлер. Но, да не заборавиме дека во тоа време Хитлер бил водач и канцелар на Германија, и, меѓу другото, од таа позиција непречено се среќавал со многу видни личности. Неговата тогашна популарност била толкава, што во 1938 год., бил прогласен за личност на годината на угледното американско списание „Тајм“, и во архивите на списанието сè уште се наоѓа насловната корица со ликот на Адолф Хитлер. Се разбира дека никој денес не ги прогласува за „клерофашисти, обожаватели на Хитлер и антисемитисти“, ниту списанието „Тајм“, ниту сите оние политичари и јавни личности со коишто Адолф Хитлер во тоа време се среќавал, допишувал или им изразувал благодарност.

Од друга страна, во документарни филмови забележани се бројни сведоштва на Евреи на коишто светиот Николај, во текот на Втората светска војна им го спасил животот, ризикувајќи го својот. Голем дел од војната го поминал во притвор, а непобитниот факт дека недвосмилено јасно бил гласен противник на фашизмот, кристално бистро се согледува во тоа што од страна на фашистите бил затворен во злогласниот концентрационен логор Дахау, близу Минхен, заедно со тогашниот Српски Патријарх Гаврил.

Секој читател сега нека се праша и сам нека си одговори: како е возможно еден „обожавател на Хитлер“ да заврши во злогласен концентрационен логор?

Ставовите на г. Кире Наумов се ставови на титоистичкиот еднопартизам, кој заради големиот углед на светиот Николај Охридски и Жички помеѓу народот и помеѓу тогашната светска интелегенција, во него гледаше свој опасен противник. Оттаму потекнуваат лагите, клеветите и јасните закани дека доколку влезе во СФРЈ ќе биде ликвидиран. Затоа, светиот Николај ќе го заврши својот живот во САД, прогонет од властите во својата татковина.

Ваквата пропаганда за светиот Николај Охридски и Жички денес има своја почва само уште кај малкумина неупатени, кои ползуваат еднострани извори. Учениот доктор на науки, еден од највидните интелектуалци на 20 век, личност со плодна писателска и беседничка дејност, и светител на Православната Црква, Николај Охридски и Жички, кај оние кои со испитување ги примаат податоците, сигурно не е ниту клерофашист, ниту обожавател на Хитлер, ниту антисемитист. Оттука, светиот Николај Охридски и Жички, имајќи предвид што сè му приредува пропагандата, доблесно ќе ги испее следните стихови: „Благослови ги непријателите мои, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам. Непријателите ме турнаа многу повеќе во Твоите прегратки, отколку пријателите. Пријателите ме врзуваа за земјата, непријателите ме ослободуваа од земјата и ги рушеа сите мои надежи во земјата...“

Делата на светиот Николај Охридски и Жички денес се преведени на македонски, англиски, кинески, руски, бугарски, романски, грчки и на уште многу, многу други јазици. Тој е сеправославно почитуван светител. Оттука, ова соопштение не е насочено против ничии лични ставови, туку има за цел да ја соопшти вистината, наспроти грубите невистини, кои повремено се изнесуваат за светиот Николај Охридски и Жички, како анахронизам од времето на титоистичкиот еднопартизам.

Од Канцеларијата на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска