Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Српски

25.09.2013

Од 04-ти до 09-ти Октомври, оваа година, Српската Православна Црква го организира најрепрезентативниот собир во нејзината историја.

На повикот на Неговата Светост Патријархот српски г. Иринеј, да земат учество во централната свеченост во одбележувањето на 1700-годишнината од Миланскиот едикт, во Ниш, родниот град на светиот цар Константин, веќе се одзваа Претстојателите и високите претставници на помесните Православни Цркви, на чело со Неговата Сесветост Патријархот константинополски и вселенски г.г. Вартоломеј, Неговата Светост Патријархот јерусалимски г.г. Теофил, Неговата Светост Патријархот московски г.г. Кирил, Неговото Блаженство Архиепископот кипарски г.г. Хризостом и Неговото Блаженство Архиепископот варшавски г.г. Сава. Покрај високите делегации и на останатите канонски Православни Цркви, на централната прослава ќе присуствуваат и претставници на источните дохалкидонски цркви, висока делегација на Ватикан, челници на црквите на реформацијата, како и различни христијански организации од Европа и светот.

Како претставници на канонската Црква од Р. Македонија на оваа прослава се поканети и ќе учествуваат Архиерејите од Православната Охридска Архиепископија.

Расколничката МПЦ не е поканета на овој сеправославен, сехристијански собир со светско значење, помеѓу сѐ останато и поради тоа што го покрена фарсичниот судски процес против Архиепископот охридски г.г. Јован и со тоа ги напушти христијанските и основните човечки етички начела. Заради самодоволноста и самоизолацијата на расколничката МПЦ, граѓаните не можат ни да замислат во нашата татковина да се случи ваков сеправославен собор, каков што се случува во најблиското соседство. Во нашата татковина речиси никој ниту се прашува зошто расколничката МПЦ не постои на мапата на светското Православие, зошто нејзините великодостојници пројавуваат духовен аутизам, но на целиот православен свет, недвосмислено му е јасно дека оваа расколничка организација е претворена во гонител на соборната Црква во Р. Македонија! Со предизвикување на затворањето на Архиепископот охридски г.г. Јован, со прогонот на Православната Охридска Архиепископија, и со сеењето страв со рушењето храмови, затворските пресуди, монтираните судски процеси, напади врз недолжни монахињи... расколничката МПЦ целосно ги напушта не само добрите правила на православно однесување, туку ги отфрла и начелата на Миланскиот едикт за дозволување на целосна слобода за верско уверување, коешто секој си го претпочита.

Значи, централниот настан на годинешниов сехристијански јубилеј ќе се случи во недела, 06-ти Октомври, во 9 часот, кога во Ниш, пред новоподигнатиот храм на светите цар Константин и царица Елена ќе биде служена света Архиерејска Литургија на која ќе началствува Неговата Сесветост Патријархот константинополски и вселенски г.г. Вартоломеј во сослужение на присутните Претстојатели и претставници на помесните, канонски Православни Цркви.

Во понеделник, 07-ми Октомври, гостите на Неговата Светост Патријархот српски г.г. Иринеј, ќе престојуваат во Подгорица, кадешто ќе биде осветен новиот храм на Воскресението Христово.

Православната Охридска Архиепископија ги повикува своите духовни деца, но и сите луѓе со добра воља кои не сакаат да бидат заложници на расколниците и сфаќаат од што сѐ ги лишува расколничката МПЦ, со своето присуство да станат учесници на ова најголемо христијанско собрание на овие простори.