Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ English

→ Српски

12.07.2012

Откако Информативната служба на Православната Охридска Архиепископија објави дека делото за коешто расколничката МПЦ го тужи Архиепископот Јован веќе е застарено, а Апелациониот суд ја нема донесено пресудата, во македонските средства за јавно информирање осамнаа различни толкувања и деманти.

Доминираше веста дека одлука има, но не е напишана!!! (Дневник, 09.07.2012, 12:13).

Други режимски куќи побрзаа да известат дека дури Апелациониот суд и да нема донесено одлука, тоа, Архиепископот Јован, воопшто не го спасува од затвор, оти против него се покренува друго, ново обвинение!!! (Вечер, бр. 15036). Ваквите ставови сведочат дека државата до бескрај ќе измислува сè и сешто, само и само Архиепископот Јован да не излезе од затвор!

Сепак, останува непобитниот факт дека на 28 Јуни, во текот на судскиот процес во Скопје, на кој беше присутен Архиепископот Јован, Апелациониот суд ниту донесе, ниту соопшти било каква одлука, туку само посочи дека одлуката ќе биде доставена во писмена форма! Таква одлука судот нема доставено ниту денес, а делото веќе е апсолутно застарено!

Средствата за информирање, исто така, нагласија оти Православната Охридска Архиепископија смета дека македонското судство е корумпирано и подложно на политички притисоци, но заборавија да истакнат дека тие квалификации се целосно превземени од релевантните извештаи на американскиот State Department и од Freedom House, и тоа неколку години наназад, а реформата на македонското судство е поставена како прв и неопходен услов за интегрирање на Р. Македонија во современите демократски текови.

Корумпираното македонско судство, значи, грубо ја извитопери севкупната процедура при судскиот процес против Архиепископот Јован. Во продолжение ќе наведеме само неколку повреди на постапката!

Судот го гони Архиепископот Јован само заради неговите верски убедувања

Судот направи суштествена повреда на постапката со тоа што, воопшто прифати тужба надвор од предвидениот рок (чл. 48 од ЗКП), затоа што целокупното работење на Архиепископот Јован беше одлично познато за синодот на расколничката МПЦ токму преку нивната финансиска контрола во епархиите кадешто Архиепископот Јован беше Епископ. Споменатата финансиска контрола, без исклучок покажуваше дека Архиепископот Јован едноставно нема неправилности во неговото финансиското работење. Toa посебно се гледа преку завршните сметки коишто секоја година ги разгледувал и одобрувал расколничкиот синод на МПЦ! Затоа расколничките епископи и не подигнуваа обвинение против Архиепископот Јован додека тој беше дел од нивниот синод. Следствено, сосема очигледно е дека државно-расколничкиот прогон против Архиепископот Јован започнува во моментот кога тој стапи во канонско и литургиско единство со соборното Православие. На тој начин, пак, пословичното македонско судство го прекршува и Членот 9 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, според кој секој има право на уверување, совест и религија, вклучувајќи го и правото на промена на религијата, како и право јавно да ја изрази својата религија преку богослужба.

Р. Македонија го поништува принципот на секуларно општество

Судството ја повредува постапката и со тоа што започнува процес за којшто Основниот суд во Велес воопшто и не е надлежен да му суди на Архиепископот Јован за споменатото дело, затоа што за тоа би бил надлежен единствено црковен суд, имајќи предвид дека „одлуките на органите на верските заедници немаат дејство надвор од нив“ (Службен Весник на РМ 35 од 23.07.1997 г., што важел во критичното време, чл.14), којшто директно забранува државата да има ингеренции во црковното работење. Во случајот на Архиепископот Јован, Р. Македонија го поништува принципот на секуларно општество и Основниот суд во Велес се става во улога на црковен суд, којшто суди според Уставот на расколничката МПЦ. На тој начин една судска единица т.е. Основниот суд во Велес го менува државното уредување, а тоа самовластие е премолчено од законодавната и извршната власт во Р. Македонија.

Јавното обвинителство не докажа кој е повреден, што значи – нема оштетен

Исто така, никој од расколничката МПЦ не ја кажува непобитната вистина, дека автомобилот што го користела велешката епархијата во времето на Архиепископот Јован, двата трактори, секој квадратен метар земја под концесија, библиотеките, опремениот апартман во расколничката архиепископија, мермерните столбови во битолскиот храм „Св. Димитриј“, зградата „Малина“ во Велес, црковната економија „Воскресение“ и нејзините два автомобили, и сиот останат подвижен и неподвижен имот за којшто расколничката МПЦ и после десет години го обвинува Архиепископот Јован, во ниту еден миг не бил негов приватен посед, туку напротив, и денес се наоѓа во неотуѓива сопственост на расколничката МПЦ, после што е сосема јасно дека Архиепископот Јован ја оставил епархијата во многу подобра состојба од којашто ја затекнал. Поради тоа тој беше и на двапати ослободуван од Основниот суд во Велес, додека третиот пат, властите го заменија судијата Валентин Зафиров и ја поставија судијата Тања Милева само за да ја прочита политичката одлука за затворање на Архиепископот Јован.

Следствено, пренамената на средствата која провејува во актот против Архиепископот Јован, е со цел да се стекнат добра само за расколничката МПЦ и за никој друг, а тоа значи дека - нема оштетен. Јавното обвинителство не докажа кој пропис е повреден во работењето на Архиепископот Јован во критичниот период. Не е јасно што за Јавното обвинителство и за судот значи „стекнување средства за себе и за друг“, кога е евидентно дека сè се стекнувало за расколничката МПЦ и сè останало во расколничката МПЦ, па се поставува прашањето што точно Јавното обвинителство сака со овој обвинителен акт да заштити?! И, кој е оштетен кога и распитаните расколнички епископи Агатангел и Тимотеј јасно одговараат дека Архиепископот Јован ништо не понел со себе!!!

Судот ги крши човековите права на Архиепископот Јован

Исто така, кршејќи ја Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, во членовите 3-б, 3-в и 3-г, во коишто е определено дека на секого треба да му се обезбедат услови за подготовка на одбраната, како и право да повикува и сослушува сведоци, судот најпрвин одби да ги повика како сведоци расколничките епископи Стефан и Петар, коишто, за разлика од Архиепископот Јован, имале наредбодавни функции во времето кога тој бил помошен епископ, а потоа, иако вештачењето е направено во отсуство на Архиепископот Јован, судот забрани вештачење во негово присуство, за на крајот да му го одземе и времето за произнесување по однос на споменатото вештачење, односно да му го одземе времето за изложување на одбраната.

Обвинувања во континуитет со цел уништување на Архиепископот Јован и Православната Охридска Архиепископија

Во однос на новото обвинение за „перење пари“, сосема јасно се гледа оти по препораките на Апелациониот суд, не е спорно дека Архиепископот Јован за себе не присвоил никакви пари, туку дека „располагал со средствата на расколничката МПЦ како да се негови“. Значи, очигледно е дека тој не ги присвоил средствата, туку сè, за што расколничката МПЦ го обвинува Архиепископот Јован, и денес е во нивна сопственост. Тогаш таквото „перење пари“ е возможно само за корумпираното и подложно на политички притисоци судство!

Верскиот прогон – загрозување на иднината

Сето ова сведочи дека власите во Р. Македонија, пред очите на меѓународната заедница, го штитат монополот на расколничката МПЦ и истата ја ставаат над законот, потпишувајќи на тој начин капитулација на демократските вредности, што секако ќе се одрази на иднината на сите македонски граѓани. Затворите и судските процеси во континуитет, еден после друг, јасно демонстрираат дека македонските власти се решени со сите средства да ги уништат верските слободи во нашата татковина, и со комунистички методи покриени под плаштот на „независни судски одлуки“ да ги збришат од лицето на земјата Архиепископот Јован и Православната Охридска Архиепископија.

Жалбата на адвокатот Васил Георгиев упатена до Апелациониот суд