Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

25.04.2012

На 23-ти Април, оваа година, беше закажано судско рочиште во однос на случајот што расколничката МПЦ го има покренато против Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Но, тој ден Архиепископот Јован не беше доведен во Основниот суд во Велес.

После неодржувањето на споменатото рочиште, низ средствата за информирање следеа многу шпекулации во однос на неговата здравствена состојба, без притоа да се има елементарен културен однос кон личноста за којашто се пишува.

Судијата Тања Милева следното рочиште го закажа за 26-ти Април, оваа година, нагласувајќи дека доколку Архиепископот Јован, па и неговиот адвокат Васко Георгиев, не се појават на закажаниот термин, судењето ќе биде одржано по секоја цена со тоа што таа ќе назначела бранител по службена должност. Со таквата постапка судијата Тања Милева свесно го крши законот за кривична постапка според кој обвинетиот го има правото да биде суден во негово присуство и да се брани лично или со помош на бранител по сопствен избор.

Имајќи предвид дека Архиепископот Јован е затворен според најстрог режим и не е едноставно да се дојде до информација за неговата здравствена состојба, на 24-ти Април, заради загриженоста за неговото здравје во затворот во Шуто Оризари се јавија Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко и членови на семејството на Архиепископот Јован, но за жал затворските власти и медицинскиот персонал настапија со став дека не се овластени да даваат информации за здравјето на Архиепископот Јован.

Сепак, Православната Охридска Архиепископија дојде до проверени информации дека Архиепископот Јован има сериозни проблеми со ’рбетниот столб и дека на 24-ти Април бил однесен на преглед кај доктор-специјалист, којшто му определил неколку денови мирување после кои повторно ќе треба да отиде на контрола и снимање на ’рбетниот столб.

Имајќи ги предвид посочениве околности, изгледа дека судот во Велес му забранува на  Архиепископот Јован дури и да се разболи! Притоа, треба да се земе во вид непобитниот факт дека Архиепископот Јован се наоѓа во притвор, та кога човек ќе се разболи во притворот, тој навистина не може да се појави на судското рочиште, а самиот притвор истовремено упатува на тоа дека не е возможно рочиштето да се избегнува.

Судот би требал да ја земе предвид здравствената состојба на Архиепископот Јован, а не да ја повтори истата грешка од минатото, и да продолжи да му суди на Архиепископот Јован во негово отсуство.