Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija


23.06.2005

После долги одлагања, Апелациониот суд во Битола на 22 јуни 2005г. конечно заседаваше по жалбата на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован кој во август минатата година беше осуден од првостепениот суд во Битола на тешка робија во траење од 18 месеци. Претседателот на Апелациониот суд г-динот Кице Јузевски на 23 јуни 2005г. ја објави пресудата на Апелациониот суд од Битола кој по жалбата решаваше во следниов состав: Васко Кузевски – судија претседател, Владимир Радевски – судија известувач и Неџат Ајро – судија.

Како и многу пати досега за дела врзани со Епископите, свештениците и верниците за Православната Охридска Архиепископија, судот во Р. Македонија се покажа како циркус, но со многу слаб, крајно провинциски карактер. Само овој случај да беше и да не ги броиме овде многуте други во кои неправедно е пресудувано, на секој ќе му биде јасно, зашто судот во Р. Македонија е најкорумпираната институција и зашто има најнизок рејтинг на доверба кај граѓаните.

Од една збирштина на политички полтрони какви се мнозинството на судиите во судовите на Р. Македонија, на крај и не може да се очекува дека ќе постават темел на добро судство кое е темел и за успешна држава. Петнасет години од падот на комунизмот Р. Македонија не крена глава, и остана последниот комунистички бастион во Источна Еворпа, токму заради корумпираното судство.

Ете таков еден суд, денес во 21 век ја судеше православната вера на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, многупати судена и уште повеќе пати посведочена и го осуди на осумнаесет месеци робија затоа што не сакаше да се поклони на луѓе од власта кои се замислуваат дека се богови.

Да осудиш Поглавар на една помесна Православна Црква за распаслување на национална и верска омраза значи да му ја осудиш веросиповеста, зашто тој не е индивидуа која има самостојно мислење, туку тој е репрезент на Црквата која ја предводи и на верата која таа Црква ја исповеда. Да беа денес во Битола пред гореспоменатиот судски совет Патријархот Константинополски, или Рускиот, или било кој друг Поглавар на помесна Црква, повеќе од сигурно дека овој „чесен суд” и нив ќе им пресудеше.

Се судеше денес верата на сите православни христијани во светот, сите оние кои ја сметаат Македонската Православна т.н. Црква за расколничка и немаат единство со неа. Денес се судеа и осудија сите Епископи на сите православни Цркви во светот кои немаат општење ниту со јерархијата, ниту со народот на расколничката организација во Р. Македонија, не затоа што тие не сакаат, туку затоа што ереста која ја произведуваат расколниците во Р. Македонија е пречка за единство. Но, денес се судеа и историјата на Р. Македонија и нејзината иднина.

Народ кој ја брани историјата со меч, а не со аргументи, не е достоен за иднината. Луѓе кои не се свесни дека на лажни темели не може да се основа иднина личат на оној бедник од Евангелието кој гради куќа на песок. Црква која нашла сојузник во власта за со неа да врши инквизиција, ниту била, ниту ќе биде Црква.

Впрочем, ако подобро се анализира случајот со Архиепископот Јован ќе се види дека не Архиепископот, туку токму државните институции во Р. Македонија распалуваат национална, верска, па дури и меѓудржавна омраза. Очигледно за цел свет е дека за властите во Р. Македонија, сите соседни држави се непријателски. Како такви да влезат во Европска Унија или во НАТО и со нивниот комплекс да им прават проблем на сите?

Сепак, во оваа жалост нè прегрнува Божјата благодат. Тажни сме, но и радосни што Господ ни подари достоен Архипастир да ја сведочи верата. Ни подари вистински светилник кој просветли на тронот на охридските Архиепископи како 84-ти по ред. Зборот маченик не е дословен превод на грчкото „мартирас”. Мартирас е сведок, оној кој ја сведочи верата ако е потребно и со сопствената крв. Токму таков е нашиот архипастир. Како јагне непорочно пред оние кои го стрижат. Со вдахновувачка молитва и вера нè храбри сите. Тој кој го „носат на колење”, наоѓа утеха за сите нас, нè бодри и вели: „Не се молев да ме ослободат од затворската казна, туку се молев, Господи, нека биде волјата Твоја, и преку ова Ти да се прославиш. Ве советувам и вас, кога се молите за мене, но исто така кога се молите и за вас, барајте од Бога да биде волјата Негова. Тоа ќе биде најдобро и за мене, но и за вас.”

Што друго да ти речеме, оче и Владико освен: Достоен. Достојно носи го својот крст за нас кои сме слаби, но и за оние кои незнаат што прават, за по молитвите Твои сите да добиеме воскресение и живот вечен.

Од редакцијата на информативната служба
на Православната Охридска Архиепископија