Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МИТРОПОЛИТ СКОПСКИ

Протокол бр. 41 од 18 Jули 2005

До
Неговата Сесветост
Архиепископот Константинополски,
на Новиот Рим и Вселенски Патријарх
г.г. Вартоломеј

Ваша Сесветост,

Бог кој ни се објави во Троица, Отец Син и Свети Дух, благоволи нашата смиреност да ја постави за 84-ти Архиепископ на древната катедра на охридските Архиепископи, со титула Архиепископ охридски и Митрополит скопски.

Неговата Светост, Архиепископот пеќки, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски г.г. Павле, согласно Согласноста постигната во Ниш во мај 2002г., на 24/13 мај 2005г. го потврди изборот на Светиот Синод на Православната Охридска Архиепископија од 25/12 декември 2003г., нашата смиреност да биде Поглавар на Православната Охридска Архиепископија и Претседател на нејзиниот автономен Архијерејски Синод. Исто така, на тој ден, 24/13 мај 2005г., Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква, нас, како на Поглавар на Православната Охридска Архиепископија ни издаде Томос за црковна автономија на Православната Охридска Архиепископија.

Со ова МИРНО ПИСМО, се обраќаме до Вашата Светост да Ве известиме за горереченото и да ги побараме Вашите свети молитви за нашата смерност, како во Литургијските сословија, така и во останатите од Вас произнесувани прозби и молитвословија.

Црквата на која сме поставен за Поглавар полни триесет и пет години беше во раскол со полнотата на Православната Црква. После самопрогласената автокефалија во 1967г. која ниту една Православна Црква во светот не ја призна, т.н. Македонска Православна Црква од страна на Српската Православна Црква беше прогласена за расколничка организација. Беше прекинато литугијското и канонско општење со Архијерејите и клирот на споменатата расколничка организација.

После долгогодишни преговори за кои Вашата Светост е потполно информирана, дојде до потпишување на Согласност во градот Ниш во Србија во мај 2002г. од страна на делегации составени од Архијереји на двете Цркви. Со неа воглавно се решаваше црковниот статус т.н. Македонска Православна Црква, тој да биде автономен, со најширока можна автономија и името на Црквата да биде Православна Охридска Архиепископија, а за внатрешна употреба, да може да се употребува и Македонска Православна Црква.

Таа согласност беше прифатена од Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква во мај 2002г., а под директен притисок на власта во Р. Македонија беше одбиен од Синодот на т.н. Македонска Православна Црква. За да ѝ биде познато на Вашата Светост зошто Власта во Р. Македонија изврши толкав притисок да не се прифати таа Согласност од Ниш, Ве запознаваме дека т.н. Македонска Православна Црква е формирана од страна на тогашната комунистичка власт, за од една страна, преку Црквата да ја контролира дијаспората во Америка, Австралија и Европа која беше антикомунистички расположена и второ, да создаде раскол за да ја ослаби Православната Црква во тогашна Социјалистичка Југославија. Повеќето од Епископите на таа расколничка организација поставени се од страна на Власта во времето на комунизмот, не за да бидат верни на Црквата и со својата побожност и образованост да светат на катедрите на кои се поставени, туку верно да му служат на комунистичкиот режим кој ги поставил.

Откако се исцрпија сите можности за канонско решавање на расколот, Неговата Светост, Патријархот српски упати повик поединечно до секој Архијереј на т.н. Македонска Православна Црква, до клирот, монаштвото и народот Божји да пристапат во литургијско и канонско единство со Српската Православна Црква, а преку неа со цела полнота на Православната Црква, без при тоа да поставува било какви услови.

На тој повик одговоривме само ние, тогаш Митрополит велески и повардарски со сето наше свештенство кои ги даде своите потписи, монаштвото и побожниот народ на од Бога доверената ни Митрополија. Само неколку дена после приемот во единство со Српската Православна Црква, полицијата на Р. Македонија, без за тоа да има судски налог, тоа значи самоиницијативно, влезе во зградата на Митрополијата каде што живеевме и работевме и нè избрка на улица заедно со монаштвото кое живееше во зградата.

Од тогаш започна невиден атак врз нашата личност од страна на Власта на Р. Македонија. Неколку пати нè ставаа во притвор, нè осудија на затворска казна од една година условно, затоа што влеговме во храм за да крстиме малолетно девојче, маскирани и вооружени луѓе, секако испратени од полицијата ни ја запалија куќата во која што живеевме, полицијата ги избрка на улица монасите и монахињите од четири манастири кои од раскол преминаа кон канонската Црква, Власта ни ја сруши манастирската црква која ја градевме на приватен имот, за конечно Второстепениот суд на Р. Македонија да донесе обврзувачка пресуда за наше затворање во траење од осумнаесет месеци затоа што нè обвинија дека сме „распалувале национална и верска омраза”.

За казната на која сме осудени, до Вашата Светост ќе упатиме друго писмо, зашто ова МИРНО ПИСМО не заслужува да биде обременето со сите бесмислени и долни дејствија кои ги превземаат властите во Р. Македонија против Архиепископот, Епископите и клирот, а од неодамна и врз побожниот народ на Православната Охридска Архиепископија.

Дозволете Ваша Светост да бидете запознати за горереченото и Ве замолуваме со тоа да ги известите и браќата Архијереји на од Вас возглавената Света Православна Константинополска Патријаршија, а за што претходно бевте запознати и од Неговата Светост, Патријархот српски г.г. Павле. Меѓу другото, примете на знаење дека со одлука АСбр. 81/зап.183 од 25/12 мај 2005г. донесена на Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква прекинато е литургијското општење не само со Архијерејите и клирот на т.н. Македонска Православна Црква кое беше направено уште во 1967г., туку и народот кој ја поддржува таа расколничка организација.

На крај, би сакале да Ве увериме дека по мерата на благодатта дадена ни од Бога ќе се потрудиме да ја сведочиме верата на апостолите, на мачениците и исповедниците на Црквата Божја. Со Божјата љубов закрепнати и од Вашите молитви поддржани ќе се потрудиме да покажеме дека сведочењата за верата која спасува се потребни во сите епохи, на секое место и во било какви услови. Тајната на спасението која нè огреа во откривањето на Светата, едносуштна, животворна и неразделна Троица ќе ја чуваме како највреден дар и ќе се трудиме да им ја предадеме на оние кои се повикани од Бога и други да научат во неа.

Таа, пак, Света Троица, заедно со Пресветата Мајка Божја и хорот на сите ангели и светители, нека ни биде на помош, по Вашите свети молитви во сите дни на нашиот живот.

Целивајќи Ве со братски целив во љубовта на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, остануваме на Вашата Сесветост во сè одан брат и сослужител,

АРХИЕПИСКОП И МИТРОПОЛИТ
+Охридски и скопски Јован