Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

АРХИЕПИСКОПИЈА ОХРИДСКА И МИТРОПОЛИЈА СКОПСКА

До
Неговата Светост
Патријархот московски и на цела Русија
г.г. Кирил
Москва

Ваша Светост,

Примете го нашето длабото соучество во Вашата татковска болка заради убиството на свештеникот Даниил Сисоев. Неговото убиство е големо злосторство поттикнато од религиозна нетрпеливост. Да се убие свештеник е голем грев, затоа што убиството на свештеникот е всушност обид за убиство на Бога, Кому Му служи тој свештеник. Помрачена е и темна таа душа што ќе дигне рака на слугата Божји, а мил Му е на Бога оној кој ќе ја положи својата душа во Негово сведоштво.

Отецот Даниил кој ја посети нашата најсвета Архиепископија, и со кого лично сме се запознале, беше пример за тврда и непоколеблива вера која ја докажуваше како со зборови, така и со дела. Предаден на Бога и на Црквата Негова, тој ја сведочеше вистината за живиот Бог, како пред муслиманите во Вашата Голема земја, Русија, така и пред расколниците во нашата мала татковина, Република Македонија. При неговата посета на нашата земја направи и еден документарен филм за последиците од расколот во Р. Македонија. За тој филм кој е поставен на интернет презентацијата на Охридската Архиепископија има многу голем интерес, и истиот допринесува многумина да ја разберат трагедијата на расколот.

Соболедуваме со Вас, Ваша Светост, зашто изгубивте навистина ревносен свештеник, но токму таа пламена ревност во него Господ ја возљуби и сметаше дека отец Даниил е зрел да отиде во прегратките Авраамови, таму каде што нема ни тага, ни бол, ни воздишка. Смирено се молиме Господ да го вброи меѓу оние што посведочиле за верата, зашто замина како сведок достоен на мачениците и исповедниците на Црквата Божја.

Со братска љубов и секогаш одан на Вашата Светост,

АРХИЕПИСКОП И МИТРОПОЛИТ
+Охридски и Скопски Јован