Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МИТРОПОЛИТ СКОПСКИ

Протокол бр. 33 од 12 февруари 2007

До
Архијерејскиот Синод на МПЦ
кој пребива во раскол



Ваше Високопреосвештенство,

Ги препрочитавме писмата заведени во нашата архива под бр. 1029 од 13. 10. 2002 г. и бр. 44 од 08.03.2003 г. кои нашата смиреност ги испрати до Вашиот Архијерејски Синод и се уверивме дека за многу кратко време нашите предвидувања веќе се оствариле. Уште во првиот пасус од првото писмо Ви пишувавме: „Бидејќи заборавивте дека Епископот е соборна личност, дека според каноните на Црквата тој е максимално заштитен, токму од причини што ако се валка неговото име се валка и целата Црква, должност ни е како Егзарх на Охридската Архиепископија да Ве потсетиме дека претеравте. Претеравте во грубоста, во насилство, во измамите, но особено претеравте во нечовештината и канонските престапи кои ги правите”.

Во второто писмо, пак, од 08. март 2003 г., Ви пишувавме: „На голема жалост сета надеж дека Синодот на архијереји на МПЦ во ваков постоечки состав, ќе го отфрли расколот како погубен за спасението и ќе се присоедини кон Телото на Црквата, кое всушност е самото Тело Христово, скоро е загубена. Но, заради историската одговорност пред наредните генерации, заради оние кои ќе одлучат да живеат во Црквата и ќе го намразат расколот како душепогубен, заради оние кои утре ќе ги проколнат сите ваши постапки и одлуки како противцрковни, неканонски и еретички, заради нив решивме да одговориме и да го разобличиме Вашето опрелестено дело, злобата и зависта својствена на расколниците, но најмногу од сé Вашиот погрешен избор во животот, наместо кон воскресение и живот вечен да се движите кон гробот и распаѓањето”, а подолу во истото писмо продолжуваме: „Жал ни е само што некои кои седат со Вас, некогаш имаа подобар углед помеѓу верниците, а сега го изгубија. Добро би било да си направат една сондажа каков им е сега угледот? Не кај населението во Македонија, ниту кај новинарите, тие не се критериум за Црквата, туку кај оние кои редовно се црквуваат, кај оние кои се причестуваат со Телото и Крвта Христови, тие се вистинска Црква и вистински критериум. Народот вели: со кого си таков си, а Апостолот вели: Ќе ги земам ли значи, членовите Христови и од нив ќе направам членови на блудница (1 Кор. 6,15), секако сакајќи да каже дека со оној со кого имаш однос и заедница, не само телесна уште повеќе духовна, со него и се поистоветуваш. Суштински плод на расколот е вашата некомуникација. Не сакате да се видите еден со друг, едни со други не зборувате.”

Не сме ниту пророк ниту пророчки син, но за да се предвиди ова што сега Ви се случува не беа ниту потребни пророчки дарови. Патот по кој тргнавте, всушност нема друг завршеток од оној кој веќе почнавте да го вкусувате. Се послуживте со крајно безобразни измами за да нé понижите и да нé затворите, но како не размисливте дека тоа е злосторство пред Бога, а народот нема да Ви го заборави? Можеби некому ќе му изгледа надмено, но Ве уверуваме дека смирено, а сепак со жед за вистината констатираме оти треба да си многу лековерен и потполно без дар за предвидување за да не пресметаш до каде можат да доведат конструираните измами против еден Ваш довчерашен собрат. Судејќи се со еден Ваш собрат (со нашата смиреност) на граѓански суд, Вие директно ја рушите Црквата. Што мислите, зошто каноните на Црквата предвиделе дека свештени лица не треба да се судат пред граѓански судови?

Да Ви се зборува Вас за каноните на Црквата мислиме дека е безефектно зашто знаеме дека повеќето од Вас кои седите во тој Синод на расколници никогаш не виделе како изгледа еден зборник од каноните на Вселенските и помесните Собори, а да не говориме за тоа дека сите, а не само повеќето од Вас воопшто не ги ни почитуваат истите.

Она што сега Ви се случува воопшто не е казна Божја, иако според сé ја заслужувате, туку ова е след и тоа со математичка прецизност на погрешниот почеток кој го избравте. Та зарем можевте да замислите дека некој ќе Ви поверува оти Јован, нашата смиреност, за само 4 години архијерејска служба направил толку злоупотреби за колку го обвинувате, а Вие кои сте архијереји по неколку децении не сте направиле ниту една злоупотреба?

До сега ја ползувавте наклонетоста на средствата за информирање и нивната потполна неупатеност во црковните проблеми. Ги замајувате да нé третираат како предавници и да не ни дадат нималку медиумски простор, како би им кажале дека опасноста не е во Црквата, туку дека опасноста е во расколот кој како што е веќе забележливо, премина во ерес. Ако ни дадеа простор порано, ова што сега Вас ви се случува ќе беше откриено многу порано. Сега самите стигнаа да Ве разоткријат зашто Вашето бесчестие се излеа нашироко и веќе не може да се сокрие. Но, нечувствувате ли дека луѓето со Вас се побиваат како што тоа го правеа со некои од Вас и во времето на комунизмот? Разликата е само во тоа што сега кога новинарите почнаа да ги разоткриваат Вашите безобразлуци Вие ги проколнувате, а тогаш кога Вашите измами и конструирани лаги ги пренесуваат дословно, тогаш ги благословувате. Лицемерието нема долгоденствие. Особено не сега, во ерата на информатичко општество и интернет.

Како што и самите гледате, се откри сé многу порано отколку што очекувавте, а да бидеме искрени, многу порано отколку што и ние предвидувавме. Сега уште само некој во Мариово, таму каде што нема ни телевизиски програм, а да не говориме за интернет, можете да го замајувате дека МПЦ била чувар на нацијата. Па господо, МПЦ е творба на комунистите од 1967г., како можела да го чува македонскиот народ во времето на османлиското ропство или потоа до крајот на втората светска војна кога се знае дека до укинувањето на Охридската Архиепископија во 1767г., Архиепископијата администрирала речиси само на грчки, од 1767г. до 1920, територијата на денешна Р. Македонија била под јурисдикција на Константинополската Патријаршија, а некои делови од 1870-1914 под јурисдикција на Бугарската Егзархија.

Ве молиме, за името Божјо немојте да го лажете народот. Почнувајќи од 1914г., а званично од 1920г. па се до 1941г., територијата на денешна Р. Македонија била под јурисдикција на Српската Православна Црква, за од 1941-1945 да биде неканонски ставена под јурисдикција на Бугарската тогаш сеуште схизматичка Црква. Од 1945-1958 била без ниту еден Епископ, тоа значи еретичка.

Македонската Црква е создадена со комунистички декрет дури во 1967г. и уште еднаш Ве замолуваме немојте да ги манипулирате луѓето дека МПЦ го очувала македонскиот идентитет. Ова писмо не е место за анализа како и кога настанала македонска нација, но кога и да е, тоа нема ама баш никаква врска со МПЦ. Од единствена причина, МПЦ постои од 1967г., а претходно сите црковни јурисдикции на територијата на денешна Р. Македонија не биле македонски. Или, ако Вие ги третирате македонски јурисдикциите на: Константинополската Патријаршија, Бугарската Егзархија и Српската Православна Црква?

Излезете пред огледало и запрашајте се, со истото лице и со истата ли уста еднаш ги благословувате новинарите кога нас нé клеветат со клеветите кои произлегле од Вас, а со друго нив ги проколнувате зашто ја кажуваат вистината за Вас?

Ако мислите дека со лицемерие ќе ги задржите позициите кои ги имате, знајте дека сте се прелагале. Лицемерието никого никогаш не усреќило. Барем не за вечност. А, сè друго што не е за вечност џабе и го правите, зашто тоа ќе се распадне уште веќе утре. Ако барем малку имате некаква визија престанете со гонењата против Православна Охридска Архиепископија. Зашто тие всушност, ако приметувате сите Вас Ви се враќаат.

Впрочем поучете се од онаа старата поговорка: Кој плука на небото, плуканицата на лице му паѓа. Живата Црква не можеа да ја уништат ниту Евреите, ниту Ромеите, нема да ја уништите ниту Вие со сите Ваши злодела, па нека е со Вас и сиот безобразлук, подмолност и лукавство на Бранко Црвенковски, по сé изгледа последниот добротвор во Вашиот циркус.

Со почит,

АРХИЕПИСКОП И МИТРОПОЛИТ
+ Охридски и скопски Јован