Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

28.09.2005

Долго време се колебавме дали е време да се разобличат лукавствата и кривоверието на г-дниот Наум, струмички митрополит во расколничката организација - Македонска православна црква. Бог ни е сведок дека многупати го прашував - „а, што со овој Господи”?, но, Он не ни даваше одговор. Се до денот кога во тесната затворска келија нè облеа со благодат, и радост, којашто произлегува од неа, и ни даде цврста потврда во тоа што одамна го наѕиравме. Наум е обичен измамник и подлец, којшто нема ништо заедничко со правата вера. Веќе неколку години наназад постепено се разоткрива неговата опрелестеност, и заблуда но, сепак бевме воздржани да го наречеме измамник и подлец. Неговата опрелестеност ја потврдуваа многумина. Од оние што најдолго и најдобро го познаваа, да го спомнеме тука старецот на светата обител Григоријат на Света Гора и братството на тој манастир со коешто живееше скоро осум години, преку монасите и монахињите коишто го напуштија откривајќи ја неговата опрелестеност, па, се до познатите духовни авторитети, наши современици, а сега Епископи во некои од православните помесни Цркви, на коишто им ја злоупотребил љубовта, како што некогаш Симон Маг ја злоупотреби добрината на Апостолите.

Го познаваме Наума многу одамна, и нека не ни биде забележано што не го титулирам како Епископ кога го кажуваме на Црквата (Мат. 18,15-17), затоа што за човекот којшто е кривоверник и отпадник, епископската совест не ни дозволува да го признаеме за правоверен учител, згора титулирајќи го и со епископска титула. Ако некогаш од Вселенски Собор му биде призната епископската титула, тоа ќе го почитуваме, но дотогаш, заради неговото погрешно верување, од нас, неговиот тужител ќе биде нарекуван само Наум.

За тој Наум, когошто го познаваме уште кога беше прост монах во Григоријат, сега јавно исповедаме дека сносиме огромна вина за неговото доаѓање од Света Гора во Р. Македонија и ракополагањето за епископ. Тој не познаваше никого од епископите во расколничката МПЦ. Некои, пак, од нив само беа слушнале за него. Ние бевме врската која го организираше запознавањето на расколничкиот митрополит Петар со тогаш светогорскиот монах Наум во метохот на Манастирот Григоријат во Солун, и тоа во присуство на старецот на манастирот, почитуваниот архимандрит Георгиј Капсанис.

Бог ни е сведок дека ниту тогаш, ниту било кога сметавме дека Наум треба да избега од Света Гора и тоа без благослов на старецот, како што тоа тој подоцна го направи и неканонски влезе од канонска во расколничка црква.

После нивното запознавање со расколничкиот митрополит Петар, тој одржуваше тајни врски за коишто не беше известуван ниту старецот на манастирот. Преку нивните тајни контакти беше договорено бегството на Наум и Климент од Света Гора, ракополагање на Наум во презвитерски чин, а на Климент во ѓаконски, од страна на Епископот на Куртеа де Арѓеш во Романија г. Калиник, а после тоа и изборот на Наум и неговата хиротонија за епископ во расколничката МПЦ.

За фактот дека избегал од Света Гора, без да се поздрави со старецот разбравме дури отпосле неговата хиротонија за презвитер во Романија. Претходно сите мислевме дека добил благослов од старецот, но после ја научивме заверата којашто ја направиле во тајните контакти со расколничкиот митрополит Петар. Ветувајќи му јурисдикција над Власите во Битола, Петар добил согласност од Калиник, Епископ на Куртеа де Арѓеш во Романија, дека ќе го ракоположи Наума. Ѓаволски план, со добри намери, за да неможе Наум веднаш да биде расчинет од Константинополската Патријаршија бидејќи, сепак, заминал во канонска Црква - Романската. Ако дирекно беше ракоположен кај расколниците, веднаш би бил расчинет.

Оној ист старец, игуман на манастирот Григоријат којшто има речено дека Наум му забил нож во грбот, го покриваше во љубовта, но и тој сега гледа колкава грешка направил. Некои лоши работи треба да се сосечуваат на време. Вака, Наум покрај тоа што го измами старецот, нас и Митрополитот Амфилохиј без чијшто благослов не ќе смееше да стапне на Света Гора, тој денес ги мами монасите, монахињите и конечно целиот народ кого лажно го пастирствува и наместо на зелена и сочна трева го води во пустина. Некои тоа го открија, избегаа и сега ги спасуваат душите во канонска Црква, други се пред одлука да го напуштат, а трети допрва ќе се просветуваат за тоа. Во секој случај како што точно прорече светогорскиот игуман Георгиј Капсанис, на крајот Наум ќе остане сам. Тогаш сите ќе знаат дека не само што е опрелестен, туку тој е поган еретик, подлец и измамник.

Духот Свети уште на неговата хиротонија во презвитерски чин во Романија ја навести таа негова прудолнина, и мнозина коишто присуствувавме на неговото ракополагање таму бевме потиштени од настанот што се случи. Имено, штом Епископот Калиник ги положи рацете врз Наума на Литургијата, за да го ракоположи и низ молитва Го замоли Светиот Дух да слезе врз неговата глава, Наум падна и не можеше да стане од подот. Откако го подигнаа, неопходно беше да го седнат на синтронот, бидејќи во таква состојба не можеше да учествува во Литургијата. Побледе и се потеше со ладна пот. Ги паметам зборовите на Епископот Калиник, којшто откако виде дека на Наума му станало нешто подобро, и дека го слуша што зборува, му рече: „Се уплашив да не случајно Светиот Дух не сака да слезе врз тебе”.

Кога во 1998 г. избегаа од неговата Епархија скоро сите монаси и монахињи, бевме прилично воздржани да поверуваме во причините на монасите зошто го напуштиле. Кога расколничкиот митрополит Петар со цврсти докази нè уверуваше дека Наум сепак морално не е чист, му одговоривме: „Што и да слушнам за него јас пак го љубам”. Веројатно заради таа љубов и верба дека е нова надеж на Црквата дозволивме по вторпат да бидеме измамени. Тоа што сега по негова иницијатива сме осудени на казна затвор, а откако веќе влеговме во затвор прави се ако е можно никогаш да не излеземе од овде, е негов начин на благодарност. Сепак, за тоа му проштеваме. Тоа се човечки слабости, а згора на сето тоа, веројатно несвесно со тоа ни помага во духовниот живот. Но, за тоа што ја руши Црквата не може да му се прости, ни на овој, ни на оној век.

Оттогаш се намали блискоста меѓу нас. Скоро и да не сослужувавме, освен на некои големи свечености, кога беше неопходно. Многу пластични беа објаснувањата на монасите и монахињите коишто избегаа од кај него и дојдоа кај расколничкиот митрополит Петар, за гревот што го направил. Заради тоа Наум крајно ги влоши односите со Петар. Дури и не бевме сигурни дали воопшто ќе гласа „за” нашиот избор за Епископ. Само неколку месеци пред тоа, тој настојуваше да ги прекинеме докторските студии во Солун, да се замонашиме и ракоположиме во презвитерски чин, за да можеме да влеземе на кандидатската листа за Епископи на МПЦ којашто се правеше. Планот беше нашата смиреност да влезе во составот на Синодот и заедно со него, и со Петар, да издејствуваме пензионирање на Кирил и Горазд, и да имаме влијание во Синодот заради надминување на деценискиот раскол. Со други зборови поттикнуваше реформи, и затоа, иако со тешко срце, ги прекинавме студиите во Солун сметајќи дека со влегувањето во Синодот ќе допринесеме повеќе за единството на Црквата. Уште потешко ни беше што во тој период, Петар којшто беше наш духовен отец, беше во Австралија и немаше можност тој да нè замонаши, што секако беше наша, но и негова желба. Ни се јави од Австралија и ни рече дека заради итноста на ситуацијата се соголасил Наум да нè замонаши и да нè ракоположи, за да влеземе во кандидатската листа за Епископи на којашто тогашниот архиепископ Михаил го беше предложил сегашниот расколнички митрополит Агатангел, кому штотоку му беше умрела попадијата и којшто неколку дена пред нашето монашење и самиот се замонаши. Желба на Петар беше Наум да ни го даде името Јован.

Сево ова го пишуваме за да кажеме дека се до заминувањето на монасите и монахињите од неговите манастири, Наум имаше иницијатива со Петар и со нас да го пензионираме Кирила којшто беше голема пречка за единството на Црквата, а подоцна и Горазд, и имајќи влијание во Синодот да воспоставиме единство со Црквата. После заминувањето на монасите тој како да постана целосно друг човек. Воочлив беше неговиот гнев, а ако подобро размислам и љубомора кон Петар. Тие и скоро да не зборуваа, освен службено. Така, Наум од најголем подржувач на Петар, безрезервно застана против него при изборот на нов расколнички архиепископ, после смртта на Михаил.

Нему му требаа нови групирања во Синодот и почна да ги прави. Преку Претседателот на Владата Љубчо Георгиевски со кого имаше добри релации, успеа да го провре Стефан за архиепископ. Оттогаш, позициите му се подобрија. Во меѓувреме успеа да се доближи до одметнатиот од него монах Климент. Деновиве дури го поддржа да биде избран и ракоположен како епископ кај расколниците. А, тој Климент, после напуштањето со другите монаси и монахињи на манастирот од Наума, знаејќи дека не бевме потполно убедени во исправноста на постапката којашто ја направија, најде за потребно во специјална средба, очи во очи, да ми ги пренесе сите детали од неморалните сеанси на Наум. Не затоа што тоа не беше така, или затоа што тој не беше убедлив, но во Климента се сомневав заради друго, заради неговото лицемерие. И, тој мој сомнеж се покажа и сега, кога после многу години плукање по Наума, повторно му е лева рака. Како и да е, Климент полакоми да биде епископ, но колку што можевме да го процениме, без разлика на тоа што е лицемерен, не е подготвен на таква подлост, како Наум. Тврдиме со сигурност, дека Наум е подготвен да изврши убиство за неговата опрелестена идеја. Во разговор со познаници на разбојниците коишто ја опљачкаа и запалија куќата во манастирот „Свети Јован Златоуст“ и им ги истрижија косите на монахињите, го потврдивме она што претходно го знаевме, дека Службата за безбедност и контраразознавање при Министерството за внатрешни работи на Р. Македонија ја изведе таа акција со „благослов” на Наум. Украдените богослужбени предмети од манастирот предадени им се на расколничкиот митрополит Стефан и на Наум. На една VIP журка во Скопје каде што често може да се сретне во машко и женско друштво, на прашањето како да се среди состојбата во Црквата тој одговорил: „Само ако се ликвидира Јован”. Република Македонија е мала земја. Отприлика за секого се знае се. Сите жители вкупно се колку бројот на жителите, на пример, во Белград. Наум пак не е толку наивен за да не мислел дека некој од тоа друштво, во коешто се наоѓал нема да ја пренесе пораката. Всушност, неговата цел била токму таа, да ни биде пренесено дека ќе бидеме ликвидирани. Ете, зошто толку сигурно го тврдевме претходното, дека Наум нема да се колеба да убива. Ако е ваков начинот на живот на човек којшто себе си се претставува како духовник што го видел третото небо, како исихаст на којшто сите Епископи во православната Црква треба вода да му носат, и молитвеник којшто е „слободен ” пред Бога а, за разлика од него, како што тој има речено, старецот Георгиј Капсанис бил неслободен пред Бога, затоа што не му давал да оди во расколничка организација, тогаш што да се очекува од него? Може ли трњето грозје да роди? (Мат. 7, 16), вели Христос.

Не би се задржувал во оваа прилика со коментар на неговата школа за исихазам, која е позната како школа на прелест. Кој вистински исихаст во историјата на Црквата правел реклама на своите умносрдечни способности, како што тоа секојдневно го прави Наум? Дури ни најопрелестените не напишале „Школа за исихазам”, како што Наум ја нарече неговата најнова книга. Оние кои вистински ја имале и ја имаат умносрдечната молитва во смиреност го восовршувале тој дар. Само опрелестените самопофално говорат за себе и се насладуваат кога другите им говорат дека се обдарени со тој дар. На крај, единствено Црквата го распознава тој дар и го прифаќа некого кој е носител на таков благослов. Тоа што Наум не слушнал што говорат светогорците за неговата духовна опрелестеност, тоа што не знае дека во сите Православни Цркви го сметаат за егзибиционист е само плод на духовната изолација во која се наоѓа. Она што тој се самопрогласува за исихаст, Црквата не му го признава, но тој е „слободен” и тоа не го интересира, без оглед на тоа што надвор од Црквата не постои вистинска слобода. „Слободен” е до таа мера да се слече по гаќи и пред камери со неговите „духовни чеда” да игра фудбал, како имавме прилика деновиве да го видиме на телевизиските екрани. Сепак ова е веќе апсолвирана тема на секаде во Православието, освен некои пикантни детали кои не нè личат да ги прераскажуваме.

Она што одамна го рече старецот Георгиј Капсанис, дека Наум на крајот ќе остане потполно сам е сосем точно, но точно е и дека психички ќе се растрои. Повод да го напишам ова ми дава богатото искуство од историјата на Црквата коешто неподмитливо сведочи дека секој богоборец на крајот се помрачува во умот. Неговото богоборство е во самото негово црквоборство, коешто е современ вид на богоборство. Црквата е Телото Христово и борбата против Црквата е еден вид христолошка ерес. Додуша, црквоборството е еден нов вид на ерес, скоро непознат до наше време. Црквата прележала различни видови на детски болести коишто ги нарекуваме ереси. Во времето кога се појавувале тие биле тешко распознатливи и не било едноставно да се дијагностицираат и осудат. Така е и сега. Барем две години наназад зборуваме дека кај расколниците во МПЦ се појавува ерес. Некои се уште тоа не можат да го препознаат, но ние ги обвинуваме за - црквоборство. Архиеретик е токму Наум. Секој негов настап на средствата за информирање или, воопшто, во јавноста, секој негов текст отпечатен или прикажан на интернет презентацијата на расколничката МПЦ, во последниве две ипол години е црквоборечки. Во суштина, се она што го прави Наум последниве две ипол години е црквоборство и до сега не е забележано во Црквата, та затоа велиме дека е нова ерес. Од една страна смета дека е во Црквата, но од друга се бори против неа, ја омаловажува и ја навредува. Паралогично, но непоречно. За Вселенскиот Патријарх пишува дека бил Грк, а со тоа пристрасен во решавањето на расколот на МПЦ. За Рускиот Патријарх вели дека немал добра желба да го реши украинскиот раскол па како ќе посредува за „македонскиот”, кој е на исти основи? Скоро излезе со предлог сите неканонски и расколнички цркви да стапеле во единство, мислејќи на: украинската расколничка, бугарската расколничка, црногорската парацрква и некои грчки старокалендарски цркви. Нешто по природа неостварливо. Па, тие организации нема да се расколнички, ако можат да бидат во единство со некого. Српскиот Патријарх, според Наума бил стар и изманипулиран, а скоро исто таков и Бугарскиот. Атинскиот Архиепископ бил против името Македонија, а, и Албанскиот им порачал да се откажат од името македонска. Епископите во Америка биле далеку и не ги познавале проблемите на Балканот, а Романскиот Патријарх паѓал под влијание на Грците. Митроплитот Амфилохиј бил четник и се залагал за голема Србија, а Епископот бачки Иринеј суетен гркофил.

Нас пак, нè нарекува предавник на државните интереси на Р. Македонија, шпион на други држави, распалувач на национална омраза и припадник на туѓа Црква. Сево ова е, сепак, подносливо спрема обвиненијата коишто ги прави кон Епископите на другите Православни Цркви. И, немаше ова да го пишуваме ако сметавме дека само нас нè навредил. Но, тој ги навредува Претстоителите, скоро, на сите Православни Цркви. Многу Епископи од сестринските Цркви ги омаловажува. Па и тоа дури нема да е толку страшно и црквоборно, доколку тој преку сета таа криза којашто ја создава не сака да биде во единство токму со тие луѓе што ги омаловажува. Таква духовна перверзност не е забележана ниту кај познатите еретици. Тие ја критикувале Црквата, но сакале да се отцепат од неа, овој плука по Епископите коишто се икона Христова и уста на Црквата, а „има намера“ да биде во единство со нив.

Заклучокот е следен:

Повеќе од сигурно е дека во тоа нема да успее. Црквата не се фаќа на таков мамец. Впрочем, Наум е прочитана книга скоро во сите Православни Цркви. Српската го знае одблизу, Грчката преку светогорците коишто први рекоа дека е опрелестен човек со бујна фантазија дека е единствен жив исихаст во светот, а Бугарската преку неговото лично презентирање на сопствента интелектуалност како „кандидат доктор” на софијскиот Универзитет. Него приказната му е звршена уште истиот миг кога почнала, песната му е испеана уште пред да ја започне, зашто Црквата го препознава како нов еретик – црквоборец, измамник и подлец. Оние, пак, коишто се надвор од Црквата, било да се некрстени, паднати во грев или во состојба на раскол потешко ќе ја откријат воспоставената дијагноза.

Сепак за поскоро да се просветлат особено оние во раскол, да речеме за нив: Господи помилуј!

Во темница заради Христа,
а, сепак, просветлен од Него
Архиепископ охридски и Митрополит скопски
+ ЈОВАН