Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
Воскресение Христово

„О Пасха голема и најсвештена, Христе
о мудрост и Логосу Божји, и сило,
дај ни нам уште поприсно со Тебе да се причестиме
во невечерниот ден на Царството Твое.”

(Тропар од 9-тата песна од Канонот на Пасха)


Денес кога празниот Христов гроб точи радост и тоа во време кое според сите показатели може да се нарече време на жалост, денес, кога светлината која засветли од местото каде што лежеше телото Господово стана причасна и на створената природа на човекот, денес, кога смртта беше обессилена и адот обезоружан зашто Христос воскресна, да запееме со восхит: Христос воскересе из мертвих смертију смерт поправ!

Ако човек се задлабочи во смислата на животот, многу лесно и без никаков напор ќе открие дека без вечен живот овој краткотрајниот живот кој го живееме на земјата е бесмислен. Не само што истиот брзо поминува, туку ако на време не се открие смислата на постоењето, истиот ќе се потроши во лутање и трагање по некаква смисла, во барање на цел, но и во често промашување на истата. За да не се троши неповратно времето кое ни е дадено за искупување, потребно е веднаш и неодложно да се усмериме кон целта и со брзина условена од даровите кои сме ги добиле да се движиме кон истата. А, ако целта сеуште не сме ја откриле и не сме ја познале, денес таа јасно и за секого очебијно се открива. Таа цел е Воскресението Христово кое е образец за нашето воскресение.

Ако е важно да имаме цел на движење во животот, многу поважно е таа цел на движење да биде усмерена кон Воскресението Христово. Секоја друга цел е промашување, сè што не води кон воскресението го нарекуваме грев. Така, гревот не е ништо друго од промашување на целта, од промашување на смислата.

Затоа, несериозни изгледаат сите оние кои наоѓаат било каков изговор да не се движат кон воскресението. Но, воскресението не е акт на поединецот или како уште го викаме индивидуа. Воскресението е акт на заедницата. Нема воскресение на поединци кои тоа го заслужиле заради нивното трудољубие или етичен живот. Воскреснува само оној кој се причестил на Црквата, зашто само Црквата е таа која ќе воскресне. Таа е тело Христово и како таква таа е веќе воскресната и прославена и само оној кој е во неа може со право да се надева на воскресение.

Ова прастаро учење за Црквата е многу важно зашто кога околу Црквата беснеат разни схизми и ереси не треба да го премолчуваме ова, особено денес, на денот на воскресението, кога според сето благочестие е најпогодното време за да се раздели светлината од темнината, животот од смртта, Царството Божјо од адот.

Можно ли е, а ако е можно како, истиот Дух да биде врската на совршенство и во расколот, и меѓу еретиците, и во Црквата Божја? Можно ли е, а ако е можно како, Духот Божји во Црквата да соединува, да прави од многуте едно тело, во расколот да распарчува, да разединува, да растура? Не е потребно големо познавање на теологијата на Црквата за да видиме дека е тоа неможно.

Отецот нè повикува во заедница со Неговиот Христос, да постанеме едно тело со Него, за и нас да нè воскресне како што го воскресна Својот Единороден. Таа заедница ја градиме поврзани со врската на едниот Дух Свети кој е заеднички и за Отецот и за Синот, но причастен и со нас за да нè покаже како мали Христоси, како деца на истиот Отец кој е Отец и на воскреснатиот Исус.

Од ваквата, многу едноставна и лесно разбирлива причина неможно е расколниците да бидат во истото тело на Црквата. Или е расколот тело Христово, или е Црквата тело Христово, но неможно е и едните и другите да бидат во истото тело Христово. Зашто, замислете, како би било ваквите раздори и нетрпеливост кои ги имаме со расколниците, гонењата и малтретирањата кои ни ги приредуваат да продолжат во вечноста? Тогаш, телото Христово нема да биде тело на единство, на хармонија и љубов, туку место на раздор кое би се самоуништувало.

Припадници на еден раскол кој скоро се залечи во Америка, многу отоворено кажуваат и сведочат, дека откако сфатиле дека не е истиот Дух кој ги осветува даровите во Црквата со оној дух кој пребива во расколот, престанале да служат Литургија сè додека не се присоединиле кон Црквата. Секое служење на Литургија надвор од Црквата, а тоа значи во раскол или ерес, е исмевање на Духот Свети и не е ништо поразлично од обична театарска претстава.

Токму ова треба да ни биде на ум, на денот на воскресението на нашиот Бог и Спасител, Господ Исус Христос. Ако за некои воскресението е една убава бајка, ако за други е недокажана работа, за трети, пак, историски спомен од кој може да се заработи, како на пример за расколниците, за Црквата Божја воскресението е центар на сите центри, пат кон кој треба да водат сите патишта, смисла која ги осмислува сите безизлези.

Затоа, браќа, да му благодариме на Воскреснатиот. Тој нè повика во единство со Него и во единство со Црквата Божја. Без Неговиот повик и ние можеби сеуште ќе бевме во безизлезот и во гревот на расколот. И да не ги судиме расколниците. Тие се наши браќа кои паднале и имаат духовен проблем. Да им дадеме љубов, особено денес, кога Божјата љубов се излева на сè што е створено. Така Господ ќе нè распознае дека сме Негови деца и Негови браќа, но ќе не распознаат и нашите непријатели, и оние кои нè гонат, и оние кои нè мразат. Ним да им простиме, заради Воскресението. Но, не и да се помириме со расколот. Расколот е грев против телото Христово кое е Црква. Затоа, со него да не престануваме да се бориме. Тој е една злокобна болест која ја напаѓа суштината на верата. Затоа од него да бегаме, а со оние кои упорно прават раскол и остануваат во него не смееме да имаме никава заедница. Не затоа што ние ги мразиме, туку затоа што тие го мразат Христа.

Љубени во Господа, да се потрудиме единството со Воскреснатиот да ни биде мерило над сите мерила во животот. Тој нè искупи, Тој нè избави, Тој нè просветли, Тој нè освети, Тој нè спаси. Затоа, трикратно нека слушне:

Христос воскресе! Христос воскресе! Христос воскресе!


Ваш горешт молитвеник пред воскреснатиот Христос,
+ Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован

На Пасха 2006