Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

ПАСХАЛНА ПОРАКА*

 

„Вчера се сопогребав со Тебе Христе, денес, совостанувам со Тебе воскреснатиот, вчера се сораспнав со Тебе, Ти сопрослави ме Спасителе во Царството Твое.”

 

Атмосферата на конформизам во  којашто живее современиот свет, сака да воспостави критериум на живот без болка, без мака, без жалост, без страдање, едноставно живот без крст. Сите служби во овој свет се насочуваат и се развиваат кон таа цел, да го ублажат страдањето на човекот, да ја направат поднослива болката на неговото распнување на кое бива воден дури и без тоа да го сака.

Во многу земји од светот за коишто велиме дека се напредни, мртовците пред погреб ги шминкаат и разубавуваат, сè со цел да не се прикаже целиот ужас на смртта, да се разблажи болката на оние кои жалат за ближниот, да се намали тагата предизвикана од нeизвесноста донесена со смртта. Човекот, денес, свесно се труди, па дури и вежба, како помалку или воопшто да не се потсетува на смртта. Вежба како смртта која според сè е нешто најлошо и најгорко што може човекот да вкуси, да ја потисне до заборав, да ја онеприсутни, ако веќе не може потполно да ја уништи.

Наместо да го прими лекот за бесмртност, наместо да заедничари со Воскреснатиот кој е извор на живот вечен, наместо да ја сотре смртта со силата на Воскресението Христово, човекот  честопати смета дека му е полесно проблемот со смртта да го одложи за подоцна, со неа да не се занимава додека е млад и способен, сеќавањето на катастрофата предизвикана од неа да го избледи до исчезнување и сметајќи дека ја нема, да биде посреќен.

Но, смртта ќе остане човековиот најголем непријател, дури и во услови да биде игнорирана, занемарувана, потиснувана. Таа ќе остане суштински нерешен проблем за секој кој не сака да прими лично решение за неа, без разлика што истата е еднаш за секогаш од Христа победена и сотрена до непостоење. Во светот во кој покрај неа постои и Воскресение и живот вечен, таа ќе остане како мамец на кој ќе се ловат непросветлените, неверните, безнадежните.

Браќа и сестри, чеда во Христа возљубени,

Нас Господ нѐ просветлил да ги оставиме делата на мракот кои водат кон смрт и распаѓање. Нè повикал со верата да ја победиме смртта, а со надежта во Царството Божјо потполно да ја сотреме. Нè повикал да го љубиме Него, кој прво нас нè возљуби, но да се љубиме и едни со други, зашто на тој начин нема да бидеме подведени на разделбата која ја носи смртта. Љубовта е победа над смртта, токму затоа што ја спречува делбата, цепењето и распаѓањето. Во љубовта сме едно, едно со нашиот Господ, но едно и помеѓу себе. Тоa единство нè прави учесници во телото на Воскреснатиот Христос, нè поврзува со врската на совршенство, та така сплотени да станеме победници, да извикаме со апостолот: „Смрт каде ти е осилото, аде каде ти е победата?” (1Кор. 15,55)

Но, ако партиципираме или подобро речено, ако сакаме да партиципираме во прославеното Тело Христово кое е Црквата, не можеме и не смееме да го одбегнеме крстот, страдањето, болката и жалоста кои произлегуваат од распнувањето на тоа Тело. Христос умре и воскресна.  Ако не умреше не можеше да воскресне, но не можеше ниту да ја победи смртта, ниту да донесе живот вечен. Така, преку Неговиот крст, смртта стана премин кон вечноста, Пасха кон невечерниот осми ден, а не пропаст и распаѓање.

Затоа Свети Јован Дамаскин во пасхалниот канон вели: „Вчера се сопогребав со Тебе Христе, денес, совостанувам со Тебе воскреснатиот, вчера се сораспнав со Тебе, Ти сопрослави ме Спасителе во Царството Твое.” Не можеш да соучествуваш во Воскресението без да го примиш крстот како начин на живот, не можеш да влезеш во вечен живот без да поминеш преку погребението и адот. Но, блажен е оној, голем е оној, просветлен е оној кој доброволно го зема крстот Христов на себе во овој живот, и кој не негодува заради тежината од истиот, туку напротив, со радост и веселба го носи. Блажен е оној, голем е оној, просветлен е оној кој свесно ја поднесува болката на крстот свој, знаејќи при тоа дека со тоа учествува во Христовиот крст, во Христовата смрт, во Христовото страдање. Затоа таквиот ќе стане наследник на вечните блага, затоа ќе се покаже како победник и обезоружувач на смртта, бидејќи крстот Христов преку кого дојде победата, постанал негов крст, погребението Христово кое стана премин од трулежност кон нереспадливост, станало негово погребение, страдањето и болката Христови на крстот за животот на светот, постанале негови страдања, но и копнежи и надежи за добивање на ветеното Царство.

Чеда во Христа возљубени,

Ова е единствениот критериум кој нè вчленува во Царството Божјо, единствениот критериум кој е вистинска радост. Сите други критериуми се промашувања, било личносни, било колективни, било национални, па дури и сечовечки. Црквата не распознава друг критериум и друг пат кон вечноста. Преку крст – победа, преку смрт – воскресение, преку страдање – вечен живот.

Но, дали овој критериум го има усвоено расколничката организација во Р. Северна Македонија која сосем погрешно се нарекува Црква. Ако  си Црква тогаш кога си Тело Христово, а за да бидеш член во неа треба да го прифатиш крстот, и страдањето, и смртта Христова за свои. Тогаш како нив да ги распознаеме како Црква? Епископот е глава и уста на помесната Црква. Во Него се собира мноштвото народ како околу Христа и тој е икона Христова со тоа што предводи во сè, па и во борбата со злото. Смирен и скромен како самиот Христос, тој треба трпеливо да го носи својот крст, дури и кога е гонет за вистината, за верата, за Црквата. Носат ли некаков крст „епископите” на расколничката организација во Р. Северна Македонија, или пак одбрале „комфорно распетие”? Заради тоа што го одбрале ова второво, Црквата не може да ги  препознае како свои. Не затоа што другите не сакаат тие да бидат во заедница со полнотата на Православието, туку затоа што не можат нив да ги препознаат како автентични Епископи. Ниту по нивната вера, а уште помалку по нивните дела.

Но, не е толку страшно што тие самите не влегуваат, најстрашно е тоа што на другите не им допуштаат да влезат во Царството Божјо. За нив Христос рече дека се гробови варосани (Матеј 23,27). Може ли вистинска Црква да ги ползува методите на прогон, судење и казна кои ги ползува овој свет? Може ли Црква да руши храмови, манастири и параклиси? Може ли побожен Епископ да дава налог, на сред зима да се избркаат на улица монаси и монахињи кои со својата пот го граделе и обновувале манастирот, а со своите солзи пролеани меѓу другото и за нивните гревови ги кваселе студените манастирски камења? Може ли некој исихаст, како што некои од нивните „епископи” се самонарекуваат, да дава наредби да се палат манастири, да се крадат богослужбени предмети и да им се стриже косата на монахињите кои се затекнале во манастирот? Ако се во светот, таквите индивидуи би биле третирани како психолошки  нестабилни, а ако се во Црквата, тогаш Таа нема да ги препознае како свои деца, туку како разбојници кои дошле да украдат, да напакостат и да растурат.

Државната власт, пак, која пред неколку месеци коленопреклоно молеше да бидат отворени вратите на манастирот Св. Прохор Пчињски за да  прослави годишнина од АСНОМ, упорно се труди истите да ги затвори. Неговата светост, српскиот Патријарх г.г. Павле им рече дека само тие (власта), со нивната неблагодарност и дрскост можат да ги затворат, а тие го одбраа токму тој пат. Заедно со расколничката банда која се чувствува покомотно кога е поизолирана од другите, власта нè направи последната дупка во светот за чии граѓани ќе воведат виза не само Бугарите, туку и Албанците. До сега мислевме дека само на расколничките епископи не им одговара единството и заедницата со другите Цркви, но сè поуверени стануваме дека и на власта ѝ одговара да бидеме во гето. Поинаку, како да се објасни што властите во Р. Македонија ја гонат Православната Охридска Архиепископија која предводи во процесот на интеграција и обединување на регионот во којшто живееме. Очигледно дека се само декларативни заложбите на власта за интеграција во процесите на обединување на Европа и светот. Сите нејзини постапки, а особено тоа што ја гони авангардата на обединувањето – Православната Охридска Архиепископија, покажуваат дека нивните определби се разединувачки, деструктивни и без визија.

Преплашен од комунизмот, нашиот народ ја изгуби колективната свест да ја штити вистината, да се жртвува за правдата, да биде јунак за верата. Идеологијата на омраза помеѓу класата на богатите и сиромасите која ја создаваше комунизмот за да може да управува, современиве комунисти ја преобразија во омраза кон соседите. Денес, сите наши соседи: и Грците, и Србите, и Бугарите, и Албанците ни се виновни затоа што не сме вични во политиката, затоа што економијата не ни тргнува од рака, затоа што образованието ни стагнира. Проблемот не  е во другите народи и држави, иако власта упорно се труди во тоа да нè убеди, ниту во другите Православни Цркви кои не ја распознаваат како православна Црква расколничката организација во Р. Македонија, туку во нив, главешините народни, кои решиле да го водат во пропаст нашиот народ.

Но, браќа наши, возљбени чеда во Господа,

Сè додека има воскресение и надеж за вечен живот,  ваквата жална и болна слика за нашата земја не е толку непроменлива. Силата на Воскреснатиот има моќ да преобразува, да создава нови димензии, нови светови. Треба да се претрпи, да се издржи, да се отстрада. Ќе ѝ дојде крајот и на безбожната власт како на многу безбожници пред нив. Ќе им дојде крајот и на еретиците во синодот на расколничката банда, но нивниот пад ќе биде пострашен од оној на власта бидејќи многу повеќе души  носат во пропаст. И после нив, и после сè ќе остане Црквата, зашто е Тело на Воскреснатиот кој ја сотре смртта, го победи адот и нам ни дарува вечен живот.

Христос воскресе!

 

На Пасха,  2022 година

Ваш молитвеник пред воскреснатиот Христос
+Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован

 

 

* Пасхалната порака читана за Воскресение Христово 2005 година, повторно е читана на празникот Воскресение Христово 2022 година.