Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н

по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски, до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска

благодат, милост и мир, од Христа Спасителот наш Кој се роди во тело

 

Браќа сослужители и чеда во родениот како човек Бог и наш Спасител Исус Христос,

 

Секоја година барем еднаш годишно, а оние кои се подуховни тоа го прават и многу почесто, си споменуваме за големиот настан на Рождеството Христово, кој го подели времето на време до него и време по него. Времето е поделено на време до Него и време  по Него заради големото значење кое токму овој настан на Рождеството Христово го има  за минатото и сегашноста, но уште повеќе за иднината.

Невидено и нечуено е до тој ден на Рождеството Христово, Бог да се роди како човек, но тоа останува невидено и нечуено и после тоа. Ниту една друга религија во светот не верува дека Бог може да постане човек. Во тоа веруваат само Христијаните, тие што го добиле името по Богот Кој се родил како човек, а името му е Христос.

Припадниците на други религии ќе речат: Каков е тој Бог Кој како Бог совршен се раѓа и станува несовршен како човек? Ние нема да се согласиме дека Христос Кој се раѓа како човек бил совршен како Бог, а по раѓањето како човек станал несовршен. Совршен бил како Бог, но совршен е и како човек.

Совршениот, пак самостоен е во сѐ, во одлуките, во дејствата, во односите. Таков е Бог, но таков е и Богочовекот Христос. Ќе рече некој, како бил самостоен кога бил дете, а детето ако од никој друг зависно е барем од мајка му. Токму заради тоа Пресветата ја почитуваме веднаш по Бога зашто Богочовекот ќе го немавме без неа, семоќниот и совршен Бог, Кој сѐ може и самостоен е во сѐ, само едно не може, да постане човек без на тоа да се согласи онаа која треба да го роди, Пресвета Богородица.

Христос е совршен како Бог и во тоа не може никој да се сомнева, но како е совршен како човек, кога својство на човекот е токму тоа да биде несовршен?

 

Христос, љубени Богољупци,

совршен е не како обичен човек, туку како Богочовек. Стана човек, ни најмалку не отстапувајќи да биде Бог, а постана човек само заради нас и нашето спасение. Всушност Неговото понижување, Тој Кој е роден како Бог, да се роди и како човек, нас луѓето нè возвиши, ние да станеме богови по благодат.

Но, без тоа Негово понижување ние луѓето ќе бевме како  изгубени овци, без водич, без пастир. Токму за тоа пастирите кои душата своја си ја полагаат за овците свои беа удостоени први да му се поклонат на Бога роден како човек. Се понижи, или како со црковен речник тоа го нарекуваме: се испразни за ние луѓето, но и целата створена природа да се воздигне. Така, ние луѓето, преку неговото раѓање како човек се возвисивме да станеме богови. Секако по благодат Божја, зашто само еден е Бог по природа.

Она што треба непрекинато да се сеќаваме по овој возвишен настан на Божјо вотеловување е смиреномудрието. Ако Тој бивајќи Бог се смири до мера да постане човек, тогаш бесмислено е ние смртните луѓе да се превознесуваме и насилнички да се промовираме како богови. Ако се смириме ќе бидеме вистински богови, но не преку нашата надменост, туку со мерата со која Бог родениот како човек нѐ прифаќа за рамни нему.

 

Браќа и сестри во Богочовекот Христос,

пандемијата предизвикана од COVID вирусот, еве веќе полни две години ја вознемирува планетава на која живееме. Вие сте сведоци дека уште од првиот момент кога пред две години се појави тој вирус и кога се покажа колкаво зло за кратко време може да направи, ве советувавме да не бидете немарни на тој предизвик. Сега, кога по мислењата на оние што се повеќе упатени во вирусологијата, при крај сме на тој предизвик, повторно повикуваме, мерките кои ни се препорачани како заштитни да ги практикуваме неизоставно. Ќе се спаси само оној кој ќе ја прескокне целта, не и оној кој ја гледа целта, ама нема сили да стигне до неа.

За политиката и политичарите во нашава татковина при оваа прилика нема ништо да ви говориме зашто очигледно нема нешто што по тоа прашање не ви е јасно. Единствено кое добро го прават тие е да ја гонат Црквата, но оној кој кренал рака на Црквата, кренал рака на самиот Бог, зашто токму овој празник покажува дека Бог е Црквата.  Затоа вака лошо им оди нив, но лошо им оди и на оние кои се од нив водени, зашто целиот народ го водат само до сопствениот џеб и неподобен е оној кој ќе се спротивстави да влезе во него.

Пред неколку седмици навестивме на ТВ Храм, а истото го стори неодамна и Епископот бачки г. Иринеј во неговото опширно годишно интервју за Печат, дека со тоа што престануваат државните прогони на членовите на Православната Охридска Архиепископија се создаваат услови за преговори меѓу СПЦ, ПОА и МПЦ за канонскиот статус на последнава. Но, многу добро подготвените и информирани аналитичари од нашата татковина, секако иронично кажано дека се подготвени и информирани, веднаш побрзаа да изјават дека СПЦ се уплашила што игуменот на Бигорскиот манастир бил примен од Константинополскиот Патријарх, па затоа наскоро ќе имало преговори.

Таквите неграмотни аналитичари, не само во религиозната област, туку и во политиката, кои ги поставуваат работите како нашата татковина да е центар на сите светски збиднувања придонесоа нашата држава последниве 30 години незапирливо да назадува во сите делови од државноста. Надменоста и незнаењето му се најголеми непријатели на човекот за неговиот општествен развој.

 

Затоа, чеда возљубени во Христа воплотениот Бог и Спасител,

да бегаме од надменото однесување и од сѐ она што не го прославува Бога, туку има намера да нѐ прославува самите нас. Тоа не е во согласност со Божјото смирение кое ни е покажано од Него најповеќе денес, на денот на Неговото раѓање кое се случи само заради нас и нашето спасение.

 

 

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

 

Издадено на Божиќ  2021г.

во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“ во Битола

 

Ваш молитвеник пред Бога,

 

 

Архиепископ и Митрополит
Охридски и Скопски Јован