Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н

по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски,

до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска

 

 

Благодат, милост и мир, од воскреснатиот во слава, Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос.

 

Браќа сослужители и чеда во Христа возљубени,

 

Верата на православните христијани е вера во победата на животот над смртта, вера во вечниот живот, вера во смислата на трпението за здобивање на вечноста. Тоа ни го порачува самиот Исус Христос, кој поживеа на земјата меѓу створените битија, го носеше на себе човечкото тело во кое сме облечени и ние, луѓето, ги искуси маките и  страдањата со кои се соочува човекот во овој свет, беше распнат заради нас и умре на крстот заради спасение на човекот и на целата створена природа, но не остана во Адот, туку воскресна по три дена од гробот, за да на нас луѓето  ни го отвори патот кон вечноста.

 Еве, накратко изложена, оваа е смислата на верата на православните христијани, смислата на нивните очекувања и нивните посакувања. Да се здобие вечноста,  токму за тоа вреди човек и да се помачи и да страда ако е потребно, па дури и да биде распнат. Тоа е пораката на денешниов ден кој е над сите денови во годината. Таа порака ја среќававме и на секој чекор на патот по кој тргнавме пред педесетина дена, започнувајќи ја Светата Четириесетница, преку Страсната седмица, стигнувајќи до денешниов ден на Воскресение.

Не правиме грешка во броењето, љубени чеда во Воскреснатиот, зашто четириесет денови од Светата Четириесетница се учевме како со покајанието да ги отвараме вратите на вечноста, но во Страсната седмица, што не се брои во Светата Четириесетница се научивме дека покајанието нѐ води кон нова врата, низ која е неопходно да се помине за да се влезе во вратата на вечноста. Таа е вратата на крстот низ која е неопходно да се помине за да се влезе низ најтесната врата, а тоа е вратата кон вечноста.

На тоа нѐ научи Оној чие Воскресение денес го славиме. За отварање и минување низ првата врата ни го остави клучот на покајанието, а клучот за минување низ втората врата го изработи Сам и ни го остави кога сакаме, ние луѓето да ја отклучуваме последната врата кон вечноста.

Клучот, браќа сослужители и чеда во Воскреснатиот е крстот. И тоа само Неговиот, зашто само тој клуч ја отклучува таа врата. Потребно е значи да го земеме Неговиот крст на себе, зашто само со својот крст не ќе можеме да ја отклучиме таа врата. Скоро сите луѓе носат во животот по некое страдање, но тоа не е клуч за последната врата кон вечноста. Потребно е да го земеме Неговото страдање на себе, подобро речено да не бегаме кога Господ Христос ќе ни го подари Неговиот крст за да ја отклучиме за нас и за тие околу нас и последната врата кон вечноста.

А што значи да го земеме Неговото страдање на себе? Тоа значи да имаме вера дека само Неговиот клуч ја отклучува вратата кон вечноста, да сме свесни дека Христос е Син на Бога и Отца, дека бивајќи Бог и самиот, само заради нас се понижи Себе си и стана смртен човек, заради нас и нашето спасение беше распнат, пострада и во третиот ден воскресна од мртвите. Животот согласно со ваквата вера на човекот му носи преумување. Не го живее животот само со приземни цели на кои може да се потроши и долгогодишен живот, туку животот го живее со една цел, да влезе во вечноста, а сите други приземни цели, кои може да се усогласат со оваа највозвишена цел, ги подредува на најважната.

Ете тоа значи и да го земеме на себе Неговото страдање. Да се откажеме од целите што си ги поставуваме во животот, ако не се согласни со најважната цел, да влеземе во живот вечен. Тоа се вика покајание, но тоа не е доволно.  Сите заедно треба да се насочиме кон вечноста, во Црквата која не носи како брод, а тоа значи носејќи го, доколку е потребно на сопствените рамења и крстот на својот ближен.

Војник  кој е ранет не би требало да биде оставен на непријателот од своите другари, а камоли да биде оставен пред вратата на вечноста некој кој заедно со нас се бори за стекнување на живот вечен. Но, ако самиот не сака да ја прифати најважната цел во животот, влез низ вратата на вечноста, дури и најблискиот роднина по крв, не можеме насилно да го однесеме таму.

Наш ближен е тој кој оди по патот што води кон вечноста, зашто ако ние одиме по тој пат, а нашиот најблизок роднина по крв, по друг, па дури и потполно спротивен пат, ние нема да се сретнеме, како што и добриот Самарјанин немало да го сретне оној што пострадал од разбојници доколку тој не бил на патот на кој одел самиот тој.

Со други зборови, љубени во Воскреснатиот, должни сме на сите да им укажеме кој пат води кон вечноста, но ако некој не сака да чекори по тој пат, ние немаме вина, а нема ни Христос. Спасението зависи од самиот човек пооделно, не само од Бога, зашто самиот Бог Отец, преку Христа на сите им покажа кој пат и која врата води кон животот вечен.

Многумина денес ни нудат различни патишта за успех и напредок. Од тие понуди некој само материјално се збогатил, но реално, ниту тој ниту ниту ние имаме вистинска полза. Од времето кога се распадна СФРЈ, а нашата држава стана самостојна, се појавија многу лажговци што се обидуваат да ги прелажат дури и христијаните. Секако во тоа не успеваат, зашто христијаните го знаат својот пат и својата цел што никогаш не се совпаѓа со она што го нудат овие лажговци. Тие нудат богат живот во сегашноста, но само нудат, а не остваруваат. Ниту имаат визија, а ниту ја нудат вечноста како цел и смисла на животот.

За жал, расколниците од оваа територија многу успешно им помагаат на тие лажговци, зашто и самите ги имаат истите цели како нив, да се збогатат материјално, а за вечноста да се интересираме ни оставаат нам, сметајќи нѐ за наивни што пред сѐ нѐ интересира вечноста.

Ние пак, да оставиме да нѐ сметаат за наивни, но по никаква цена да не се откажуваме од вечноста, зашто за да ни укаже на таа цел, Христос беше распнат, но Него смртта не можеше да го задржи. Доколку веруваме во Неговата искупителна смрт на крст, но и во Неговото тридневно Воскресение, ние стануваме Негови следбеници, не следбеници на лажговци од овој свет, во кои за жал имаат доверба само тие што не се просветлени со Воскресението Христово.

Ние пак, да го држиме патот што преку крстот и страдањата води до воскресение, зашто­:

Христос воскресе!

 

На Пасха, 2019 година

 

 

 

Ваш молитвеник пред воскреснатиот Христос
+Архиепископ охридски
и Митрополит скопски Јован