Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н

по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски, до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска

Благодат, милост и мир, од Христа Спасителот наш Кој се роди во тело

 

Браќа сослужители и чеда во родениот како човек Бог и наш Спасител Исус Христос,

 

Раѓањето Христово не е издвоен акт со значење за потесното семејство на праведниот Јосиф, или евентуално и за пријателите на тоа свето семејство. Раѓањето Христово има општочовечко значење, бидејќи ѝ дава друг тек на историјата, но повеќе заради тоа што историјата ја преобразува во вечност. Човекот додуша е жеден уште за многу други работи, но без заситеноста на жедта за вечност, тој е празен, обесмислен и потполно дезориентиран.

Христос дојде меѓу нас за да ни ја открие тајната на постоењето на творбата Божја; дојде меѓу нас да нѐ увери дека Бог се грижи за нас и по падот Адамов; дојде за да ни донесе квалитет на живот кој ѝ приличи на вечноста, на идното Царство, на непропадливоста.

Затоа денес прославуваме, не со празни гоштевки од кои најчесто имаме штета, туку прославуваме со духовна трпеза, јадејќи го телото и пиејќи ја крвта на Логосот Божји, Оној истиот Логос Кој неразделно пребива во Светата Троица, а денес се воплотува заради нас и нашето спасение.

Токму по таквиот начин на прослава се разликуваат припадниците на стадото Божјо од оние кои го прославуваат Рождеството Христово недолично. Духовно ориентираните луѓе ја примаат духовната порака на празникот, а таа порака е многу едноставна и јасна, кажана уште во времето на свети Атанасиј Александриски: „Бог стана човек, за човекот да стане Бог.“

Наспроти тоа, сите сме сведоци како се празнува Рождеството Христово кај оние што немаат заедништво со Црквата Божја. Се празнува со топла ракија и колбаси и тоа на Бадник кога сè уште Црквата е во воздржување. Општо е познато, но да спомнеме уште еднаш: оние што се во раскол со Црквата можеби прават сѐ слично како Црквата, но не се Црква.

А тоа е лесно забележливо токму на големите црковни настани како што е Рождеството Христово. Дворовите на храмовите, кои ги има узурпирано МПЦ, се полни со луѓе - но само на Бадник, кога кај нив по непостоечко предание се служи топла ракија. Погледнете колку луѓе имаат на Божиќната Литургија? Зошто е така? Па едноставно, ниту нивниот епископат, ниту свештенството, имаат материјална полза од тоа народот да си ја познава верата.

Најлесно ќе го управуваш човек што нема соодветни познавања, а уште полесно кога е и незаинтересиран за духовните вредности. За жал, поголемиот број на луѓе во нашава татковина се незаинтересирани за духовен живот, тоа пак им одговара на некои што се кријат зад мантиите, за да може само материјално да го искористуваат народот.

Сепак, ниту пораката на празникот по чиј повод се обраќаме, ниту пак сосредоточеноста на оваа порака, нема да оди во правец на неправилностите кои се среќаваат кај оние што црквата ја доживуваат како театар.

 

Вака Ви се обраќаме, љубени во роденото Богодете,

не затоа што Вас може да Ве соблазни тој скоро нецрковен начин на живот, туку затоа што овие празнични пораки од Вашиот Архиепископ, стигнуваат подалеку и зборовите на истите се читаат и се пренесуваат и меѓу оние што сè уште не се во потполно општење со нас.

Она пак, што Вие сте го разбрале, а други не го разбрале во потполност, е тоа дека без единство нема Црква. Црква што не е позната и призната од другите Цркви е во самоизмама дека е црква. Тоа е многу едноставно ако само се задлабочиме во денешниот празник. Христовото раѓање е еднаш за секогаш. Не затоа што Бог нешто не може, па дури и повторно да се роди, туку затоа што неговите дела се единствени, а тоа значи вечни. Тие се единствени за во тоа единство да нѐ постави нас, кои веруваме во Неговото дејство во историјата, а вечни се затоа што нема никаква потреба историски да се повторат, кога нашата вера ги повторува онолку пати колку што сака.

Нормално дека ова тешко или никако не би го разбрал човек кој не живее во верата во Родениот во тело, но затоа пак нема потреба да им се докажува на оние што ја живеат тајната на Црквата и во овој голем ден и во другите денови на годината. Тие знаат дека Господ Христос дојде да нѐ направи едно тело со Него, но ако расколниците сметаат дека се едно тело со Христа, тогаш Црквата не е едно тело со Христа, зашто е невозможно да се биде во единство со Бога, ако не си во единство со Неговото тело кое е Црквата. Повеќе од јасно е дека не може да бидат едно тело со Христа и едните и другите, кога едните со другите немаат општење во тајните Христови.

Има некои од последователите на расколот кои се до таа мера опрелестени, што мислат дека е важно да бидат причестени во некоја од помесните Цркви, па дури и тоа да го прават со измама. За нив е пофалба и самопофалба што не биле попречени да се причестат во некоја друга Православна Црква. Но, пред да се причестат, дали кажале дека нивната црква е расколничка? Таквите треба да имаат на ум дека некое причестување е за „суд и осуда“, како што се вели во молитвите пред причест. Бесмислено е да се помисли дека можеме да го измамиме Христа. А Тој се воплоти сите да станат Тело Негово, секако и оние што сè уште пребиваат во раскол, само тие да сакаат.

Ние сме свесни дека многумина од оние што сè уште остануваат во раскол се опрелестени од своите пастироначалници. Веќе рековме дека некои од нив имаат лична полза што подолго време народот да си остане загубена овца. Но, оваа порака е за тие што имаат уши да чујат, како што вели Евангелието.

 

Веќе навикнавте љубени во Богомладенецот,

во пораките од Вашиот Архиепископ на големите празници, каков што секако е празникот на Раѓањето Христово, да чуете и пораки важни за целиот народ во оваа наша татковина, зашто одговорноста за животот и соживотот во нашево парче земја не е одговорност и привилегија само на оние што се на власт, туку на сите нас кои го чекаме новиот ден и Сонцето на правдата.

Речиси нема граѓанин што не го чека решението за спорот со името кое што нашава татковина го има не само со Елада, туку и со многу други земји во светот од кои е призната под името Поранешна Југословенска Република Македонија. Политичарите како да сакаат да ни наметнат мнение дека сега, само пред неколку денови се јавила идеја за решавање на тој проблем, со кој се поставени многу сопирачки за развојот на оваа земја.

Меѓутоа, живеејќи со проблемот долги години, не би требало никој да може да нѐ заблуди дека решавањето на спорот ќе биде скоро. Не затоа што може да приговори дека политичкиот врв тоа не го сака, туку затоа што и сега е очевиден погрешниот пристап кон проблемот. Ваквиот вид на проблеми не се решава со политички договори, туку со покајание, потполно исто како што и МПЦ може да излезе од расколот.

Мислите дека е возможно да се реши долгодеценискиот проблем за името на државата без покајание за кражбата на античкиот македонизам за кој веќе некој одамна обезбедил лиценца? Истото го говоревме уште пред 15 години. Добивме затвор и долгогодишни малтретирања, но проблемот остана, едноставно зашто пристапот на нашите политичари до него беше погрешен. Нив како да им одговара народот да си живее во незнаење и прелест. Денес, пак е научно сосем јасно, а политички прифатено, дека македонската култура е елинска култура, во која можеш да учествуваш, но не и да ја поседуваш исклучиво. Елинската култура од која македонската е само дел,  е причесна (отворена за учество), но практично е неисцрпна. Е токму од таа култура, во спој со јудејската, произлегува она во што веруваат христијаните. Но, таа култура не произведува нации и не се затвара во нации. Таа култура е толку широка, што може да биде само наднационална.

Така, не навлегувајќи во добрите намери на политичарите, конечно проблемот со името на државата да се реши, посочуваме дека и многу други добри намери можат некого да го одведат до пеколот. Неразумно би било овој проблем да се остави на импровизации и на луѓе што само имаат добри желби. Решавањето на проблемот побарува знаење, одлучност, а дури на крај добра волја. Која било од овие три компоненти да недостига, наше скромно мислење е дека уште долго ќе чмаеме во чекалната за напредок.

Во овие денови на неизречива радост, наша архипастирска горешта молба до Логосот роден во тело, е да ги собере верните во својата прегратка, да нѐ направи нераздвојни членови од сопственото тело - кое е Црквата, и да нѐ утврди во единство со Него кое единствено е спасоносно и исцелително.

 

Христос се роди! Нека ви е честита Новата 2018 година.

 

Издадено на Божик 2017 г.

во Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“ во Битола

 

Ваш молитвеник пред Бога,

Архиепископ и Митрополит
Охридски и Скопски Јован