Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н

по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски, до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска


Сними ја пораката

 

 

Благодат, милост и мир, од родениот во Витлеем, Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос

 

 

Браќа сослужители и чеда во родениот како човек Бог и наш Спасител Исус Христос,

 

Денес Синот Божји, предвечно роден од Отца се раѓа како човек од утробата на Пресветата Богородица. Оној кому божествената природа му е причасна од вечност, денес благоволи да се роди во природата на човекот. Со тоа на сите луѓе им ја обнови надежта во спасението и животот вечен.

Гладни сме и жедни ние љубени во Господа за бесмртен живот и за изобилство на Божјите дарови. Но, посрамени и разочарани стоиме пред фактот дека сами не можеме да му додадеме на својот раст ниту еден лакт (Лк. 12,25). Она, пак, што можеме и она што треба да го направиме за нашата иднина е да го примиме и да поверуваме во оној кој денес се раѓа заради нас и нашето спасение.

Љубовта која ја има кон неговата творба во потполност го смири Творецот, и денес тој дојде за да нѐ извлече од состојбата во која нѐ доведе гревот Адамов, но не помалку и нашиот личен грев. Дојде со намера да биде примен и прифатен како Бог кој се раѓа во тело, но во исто време наоружан со смирение никому да не му ја наметнува на сила ниту верата во неговото Божество, ниту спасението кое тој го носи.

Затоа се роди во пештера, а не во царски дом, но пастирите кои го имаа дарот одозгора да го препознаат, го признаа како Спасител. Отидоа и му се поклонија исто како и магионичарите што направија многу долг пат само за да го сретнат оној кој може да ги понесе на себе гревовите на светот.

Така, Господ уште од денот на неговото раѓање во тело го плени целото човештво со своето смирение. Но, со тоа на сите нас ни го покажа најсигурниот пат за спасение. Нема посигурен пат за задобивање на вечниот живот, браќа и сестри за било кој од нас, од патот на смирението.

Треба да се смириме пред Господа и да го признаеме неговото величие, но не само пред него, треба да се смириме и пред неговата творба, како и пред нашите ближни. Зашто само на тој начин се приспособуваме за соживот со другите, само преку смирение можеме да го поднесеме нашиот ближен. Поинаку, без цврста намера да ги поднесуваме другите, тие ќе постанат наш пекол како што велат некои од современите философи. И така без смирение пеколот ќе постане наш животен амбиент уште пред конечниот суд.

Но, Христос дојде меѓу нас раѓајќи се денес како човек за да не биде така. Дојде за да го отвори нашето срце за заедница со него, зашто само таа заедница за нас е спасителна, а истовремено да нѐ отвори и за прегратка со ближниот со кој ја делиме сагашноста, а треба да ја делиме и иднината.

Пораката што ни ја носи денешниов голем ден е едноставна, но длабока. Бог се роди како човек, за ние да постанеме богови по благодат, како ни вели Богословот Григориј. Само како богови ние ќе бидеме достојни за иднината, секако не по природа, како што е тоа Синот Божји што ги има двете природи, и Божја и човечка, туку како богови по дарот на восиновувањето со кој дар Бог Отецот нѐ обдари во Синот Негов кој дојде меѓу нас.

Тоа пак, што првостепениот интерес на христијаните е насочен кон иднината и вечниот живот, не нѐ прави наивни за сегашноста. Знаеме да ги распознаваме не само слепите туку и користољубивите водачи, знаеме да ги откриваме фалсификатите  кои последниве години ни ги нудат како храна за стока, знаеме да ги предвидуваме перспективите на татковината во која живееме во ситуација кога многумина од силните ѝ се спротивставени. Но, највеќе од сѐ знаеме да ги откриеме они кои се подговени да направат жртва за другиот, зашто на таквото расудување нѐ научи Синот Божји кој денес се раѓа како човек за да поднесе жртва за нашиот живот и нашето спасение.

Вие љубени во Богомладенецот, добро знаете низ што сѐ требаше да помине Вашиот Архиепископ последниве години, но заедно со него и многу други од нашата најсвета Архиепископија, Епископи, свештеници, монаси и лаици за да ги зачуваме вредностите што во Нов Завет ни ги остави Богочовекот. Нѐ клеветеа јавно и тајно, лажно нѐ обвинуваа, нѐ омаловажуваа и нѐ судеа во политички наместени процеси. Додека бевме во затвор правеа обиди  какви што ни на ѓаволот не можат да му дојдат на ум, само за да ни ги отежнат затворските денови.  Сега откако веројатно најтешкото веќе помина, пак не можеме да речеме дека победивме, зашто победата секогаш му припаѓа на Бога, но со сигурност можеме да кажеме дека издржавме. Издржавме да бидеме и да останеме слободни кога властите правеа вонредни и нечовечни напори за нѐ поробат. Издржавме во обидот да не нѐ вратат од патот на единството со вселенското православие, издржавме во напорите да не нѐ преумат со сила да се откажеме од најдрагоценото богатство што го имаме, верата дека Бог е еден, дека има едно Тело, дека неговото Тело се вика Црква и дека само тој што е во заедница со Црквата, само тој може да очекува спасение.

Низ својот историски пат, Црквата поминала низ многу премрежија. Тешко е да се каже со сигурност кога ѝ било најтешко. Кога по заповед на римските цареви христијаните биле страотно мачени и убивани, кога беснееле лути и душепогубни ереси, кога нѐ газеле Турците муслимани, или кога атеистите ги затвараа црквите. Пред опасност да говориме пристрасно, зашто и самите сме учесници, мислиме дека гонењата што паднаа на сите Вас последниве години се најтешките. Не затоа што можат да се споредат со гонењата од  првите три века по Христа, не затоа што животот ни бил потежок од оној на нашите предци под турското ропство, туку едноставно само затоа што нашите гонења се најбесмислените во досегашната историја на Црквата. Тоа боли, тоа е тешко, да не кажеме неиздржливо, да знаеме дека во 21-от век по Христа, во векот на најголемите права и слободи што постојат откако е створен светот, некој простак, без ни малку визија за иднината, бездушен и нечовечен, само затоа што е на власт да има право да ни чепка во срцето и да не гони за најсветото, слободата да веруваме во оној кој ни го пленил срцето.

Но, вие добро знаете дека во нашава вселена сѐ има крај. Историјата не запаметила таков владетел кој ја победил Црквата. Навистина многумина со својата безумност направиле големи штети на Црквата, но таа, љубени во Господа е непобедлива. Не затоа што ние христијаните сме многу силни па можеме да ја одбраниме, туку затоа што неа ја брани оној чија невеста е таа, оној кој дојде помеѓу нас испразнувајќи се до таа мера што бивајќи Бог постана и човек, за нас да нѐ обожи.

Кога се одлучивме да го отфрлиме расколот и да стапиме во единство со сите Православни Цркви во светот нѐ нарекоа предавници. Но во тоа време, пред речиси 15 години тоа беше име со кое сакаа да нѐ посрамат, иако ниту тогаш ниту сега никој не кажуваше кого и што сме предале, освен расколот. Денес предавници се наречени барем половината од населението во нашата татковина. Секако не затоа што тие навистина се предавници, исто како што не бевме и ние, но кај нас за жал, од времето кога нас нѐ нарекоа предавници, тој збор ја изгуби смислата. Од тогаш па до денес, кај еден дел од нашиот народ, под поимот предавник се подразбира оној кој на било кој начин има одредени спротивставености со оние што владеат. Но, таквата необмисленост направи непремостива поделба во населението на нашата татковина и тоа се подели на патриоти и предавници. Најголема пречка за помирување на едните со другите се изместените општествени вредности за кои се чини дека не се ниту толку нови, зашто се создавале со децении наназад. Така денес гледајќи ги оние што себе си се нарекуваат „патриоти”, добиваме погрешна претстава за смислата на тој збор, исто како што и гледајќи ги оние што од „патриотите” се наречени „предавници” добиваме извртена претстава за тоа кои се предавници.

Ќе рече човек ситуацијата ни е безизлезна. Но, нашите предци пребродиле многу поголеми безизлези, и премостиле многу поголеми поделби. Во тоа неодминливо помогнала верата во оној кој денес се раѓа како човек од утробата на Пресвета Богородица.

Затоа скапоцени во Богомладенецот, да ги споредиме вредностите што досега сме ги усвоиле во животот со вредностите што ни ги донесе Божјото доаѓање меѓу нас. Да ги споредиме општествените вредности што сме ги прифатиле со вредностите на Заветот што како Нов со нас го воспостави Синот Божји. Она што сме го прифатиле, а не е подобно на тие вредности брзо да го оставиме и да се покаеме, она пак што има корен во вредностите што ги донесе Христос, тоа да го правиме, да го проповедаме и да го чуваме со жртва.

Така ќе ја имаме трајно благодатта на оној кој денес се раѓа за нас и за нашето спасение.

Христос се роди! Нека ви е честита Новата 2017 година.

 

 

Издадено на Божик 2016 г.

во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола

Ваш молитвеник пред Бога,
Архиепископ и Митрополит
Охридски и Скопски Јован