Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н

по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски,
до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска




Сними ја пораката

Благодат, милост и мир, од воскреснатиот во слава, Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос.

 

„Пасха свештена нам денес ни се покажа, Пасха нова света, Пасха таинствена.” Вака почнува првата стиховна стихира на Утрената на Пасха. Ја чувме денес сите кои Духот Свети нѐ собра да го прославиме чесното и славно Воскресение на Господа Исуса Христа.

 

Браќа и сестри во Воскреснатиот, чеда наши возљубени,

 

Пасха е збор со корен во еврејскиот јазик и во превод на нашиот мајчин јазик значи: премин. Премин од едно место на друго, од една состојба во друга, од едно време во друго. Денес, значи, нам ни се покажа Премин, се вели во стиховната стихира на Утрената. И тоа не некој стар премин, познат на сите, туку нов Премин, а згора на тоа и таинствен. Не оној премин со кој Евреите преминаа од Египет во Ветената земја водени од боговидецот Мојсеј, туку премин во новиот Ерусалим кој ги осветува верните.

Тој премин ни го отвори воскресението Христово. Откако Христос умре „за животот на светот” раширувајќи ги рацете на крст за така да го прегрне целиот свет, по три дена воскресна. И стана првенец од мртвите (1 Кор. 15,20). Над него смртта немаше сила, него адот не можеше да го пороби. Но, дојде ли Христос во нашиот свет само да ни го покаже тоа дека него смртта не му може ништо?

Не, љубени во Христа, не дојде Христос во нашиот створен свет примајќи тело како нас луѓето од Пресветата негова мајка Богородица само за да ни покаже дека тој е господар и на животот и на смртта. Се роди Христос во тело човечко за нас, створените битија да ни го покаже патот кон победата над смртта. Да ни го открие тој Премин од смрт кон живот. И не само да ни го открие, туку и да ни помогне да преминеме преку него.

Затоа денес сме исполнети со радост. Не затоа што случките и состојбите околу нас ни даваат поттик за радост, туку затоа што нашата радост доаѓа од нашиот успех да ја победиме смртта. А смртта пак, не ја победуваме со нашите извонредни сили, мудрост или способности, туку смртта ја победуваме со вера во Воскреснатиот.

Верата пак, нѐ причестува, нѐ прави заедничари во Воскресението. Но, никогаш да не заборавиме дека заедничари во Воскресението можеме да станеме, откако претходно сме станале и заедничари во крстот Христов. Ете тој е преминот што ни го отвори Спасителот, преку крстот да преминуваме кон воскресение и живот вечен.

Што значи, секој од нас кој има вера и надеж во воскресение, преку крстот треба да се подготвува за живот вечен. Крстот е испитот преку кој преминуваме кон вечноста. Но, не било кој и не било чиј крст. Нашиот личен подвиг и крст не се доволни за тој премин. Треба да го земеме крстот Христов, зашто само неговиот крст е спасителен и може да нѐ одведе до воскресение.

Сведоци сме дека веќе подолго време и нашата татковина е на некаков крст. Званично прогласена е револуција, без оглед што таа го носи името: „шарена”. Секоја пак револуција се прави заради превреднувања на вредностите. Нешто што е многу потребно на општеството во кое живееме. Вредностите кои се усвоени уште од времето на комунизмот останаа за жал во нашево општество непревреднувани. По падот на комунизмот речиси ништо не променивме од лажните вредности што беа усвоени од нашите претходници во времето на тој безбожен систем. Последиците од тоа ги трпиме денес.

Животот во лажни вредности не ја покажува неговата распадливост веднаш, туку по одредено време. Сиве овие години наназад добивавме сигнали дека таквиот живот основан на лага ќе нѐ одведе во пропаст. Но, за жал, нашето обезбожено општество немаше сили за превреднување на вредностите.

И сега сме во криза. Криза со широк обем, зашто не е веќе само криза на вредностите, туку постана сеопшта општествена криза. Од криза на врeдностите постана криза на моралот, од криза на моралот – криза на семејството, од криза на семејството – криза на севкупниот социјален живот, од криза на социјалниот живот – криза на институциите, а тоа значи криза на државата.

Луѓето што денес ја образуваат „шарената револуција” почна да ги гуши неправдата која веќе влезе на голема врата во нашата држава. И со право креваат глава за да ја вдишат слободата без која нема живот. Единствено што пречи е недоследноста на некои од тие луѓе што денес ја предводат „револуцијата”. Кога нас почнаа кривично и судски да нѐ гонат уште во 2002 година, а како што е познато гонењата не престанаа до денес, и тоа само затоа што се спротивставивме на лажните вредности на општеството и на фалсификуваната национална историја во многу области, никој или малкумина се проблематизираа од таквите гонења.

Во тоа време таквите гонења беа насочени кон „предавниците” како што нас нѐ нарекоа. За жал, или за среќа, во овие четиринаeсет години предавници постанаа многумина. Денес власта ги препознава како предавници и сите учесници во „шарената револуција”. Но, долго време, долги години да бидеме „предавници” беше само наша привилегија, на Вашиот Архиепископ и на сите Вас што припаѓате на Охридската Архиепископија.

Еве што донесе нашата упорност и доследност. Донесе превреднување на вредностите. И тоа веќе никој не ќе може да го запре. Зашто само превреднувањето на вредностите може да биде излез од длабоката криза во која нѐ втурнаа лажните вредности.

Токму тоа им го посакуваме на нашите сограѓани во денот на Воскресението Христово. Неговото подигање од мртвите да биде подигање на сите за нов живот и нови вредности, потврдени, докажани и испробани. Вам, пак, верните чеда на Црквата Божја Ви посакуваме да останете доследни на верата која ја покажавте низ годиниве на искушенија, сведочејќи го распнатиот, но и воскреснат наш Спасител, Исус Христос.

 

Христос Воскресе!

 

 

На Пасха 2016 г.

од Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола

 

 

Ваш во Воскреснатиот Христос,
Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован