Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Ј О В А Н

по милоста Божја, Архиепископ охридски и Митрополит скопски, до целата полнота на нашата најсвета Архиепископија Охридска

Благодат, милост и мир, од родениот во Витлеем, Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос



Браќа сослужители и чеда во Христа возљубени,

Оваа година Божиќната порака ја испраќаме од домашен притвор во Софија, Бугарија, каде Бог по големата љубов и милост Негова допушти да биде испробана нашата вера во Него, да биде искушана љубовта наша кон вас, словесното стадо Христово, но и вашата кон Бога и кон нас, како и стремежот повторно да го посведочиме единството на Црквата, тој драгоцен бисер што Црквата ја прави да биде неразделна од самото тело Христово.

Знаеме дека се грижите за нашето здравје и положбата во која се наоѓаме, знаеме дека ве интересира како влијае затворот врз здравствените проблеми што ги носиме, како и тоа дали оваа борба ќе има некогаш крај, но денес е ден благословен, денес е ден свет и благодатен и затоа да се радуваме, да се радуваме со радост небоземна, со радост восхитувачка и торжествена, зашто денес небото и земјата се споија, нествореното и створеното се премостија, Бог и човекот се соединија. Денес е празник на единството, затоа чесни отци, браќа и сестри вие денес да славите, бидејќи сè што претрпевме досега, свесно го претрпевме за денес со право да се радуваме на единството, да се радуваме на овој светол ден на боговочовечувањето, ден на помирувањето, ден на Новиот Завет.

Нема поголема жртва што човек може да ја направи за Бога, за ближниот, за Црквата од жртвата што се прави за единството. Таа жртва нас луѓето нè восличнува со Христа и со жртвата што тој ја направи за единството на светот. Неговата жртва е неизмерна и неспоредлива со било чија друга, Тој бивајќи Бог се понижи и стана човек, бивајќи цар стана слуга, бивајќи бесмртен прими смртно тело и сè само за да нè извлече нас од смртта, да нè спаси од гревот и распаѓањето, да нè удостои со царското свештенство во единството со Бога. Ние не можеме да се жртвуваме за животот на светот, тоа еднаш засекогаш го направи Христос, но можеме и должни сме да се жртвуваме за единството на Црквата зашто тоа е Заветот Негов. Треба да бидеме едно како што Тој (Христос) е едно со Бога Отца (Јн. 17,11).

Дојде Тој и постана како еден од нас луѓето, за ние да постанеме Богови, но само во случај ако се согласиме да се соединиме со Него. Дојде и изгради мост меѓу нестворениот Бог Отец и од него створениот свет, за ние преминувајќи преку тој мост да се соединиме со Бога. Дојде и го зеде нашето тело, за ние да се облечеме во ново и нераспадливо, но само ако имаме единство со Отца.

Денешниот ден, возљубени во Господа, денот на Рождеството во тело на Господа Исуса Христа е ден на единството. Бог во тајната на Неговото раѓање во тело ни го откри патот по кој единствено е можно да се стигне во вечен живот. Затоа единството на човекот со Бога, единството на децата Божји меѓусебно во едната Христова Црква всушност е единствениот начин за надминување на последиците од гревот. Нема друг начин да се ослободиме од смртта освен преку единство со Бога Кој ја победи смртта.

Затоа е благословена секоја жртва која ја правиме за единството. Со нашата спремност на жртва за единството ние покажуваме свесност за значењето на единството во Црквата. Со тоа, пак што покажуваме свесност за единството на Црквата стануваме и поблиски до Бога, стануваме восиновени синови Негови, собрани во телото на Оној што заради нас се вотелови.

Замислете сега на денешниот светол ден што би можеле да проповедаат расколниците во расколничките парасинагоги во нашата татковина. Ќе смее ли некој денес од нивните проповедници да им каже на луѓето дека Христос дојде за нè соедини со Него и сите нас меѓусебно? Сигурни сме дека ќе има и такви схизматички проповедници кои нема да се задржат само на мудреците и пастирите, туку ќе говорат и за смислата на боговотеловувањето, но прашањето што им се поставува неколку години наназад е: што прават тие за да се исполни Божјата волја за единство?

Од она што е забележливо последниве години, схзматиците прават сè само да не бидат во единство со Црквата. А можно ли е да не си во единство со Црквата, а да имаш единство со Бога? Да, можно е толку колку што е можно да не си во ковчегот на Ное, а да се спасиш од потопот. Но, да знаеш дека единството е самата суштина на боговотеловувањето, дека единството е смисла на постоењето и дека е тоа единствен начин за спасение, и притоа тоа да го занемаруваш, тогаш или имаш одредени недостатоци во развојот на умот, или пак треба да си потполно опрелестен од личната полза. Тие што имаат лична полза од расколот се неколкумина и познати им се на сите, но за жал тие се на врвот на схизматичката организација и направиле систем како да ја заштитат таа положба која во услови на единство длабоко би им се размрдала. Замислете ги таквите црковни водачи кога барем еден ден би се нашле во ситуација во каква вие се наоѓате веќе осум години. Замислете ги да треба да се жртвуваат за единството на Црквата, а тие до денес навикнале само Црквата да ја жртвуваат за себе.

Сепак има повиновни дури и од нив, а тоа се оние што го знаат сето тоа, што знаат значи дека нивните расколнички водачи ја држат целата Црква надвор од единство со Бога и надвор од единство со другите Цркви само заради лична полза, а сепак немаат храброст да се спротистават на таквиот безобразлук. Црквата не е приватна сопственост на расколничките епископи и на нивните семејства кои со години управуваат во расколничката МПЦ. За таа Црква Бог го жртвуваше сопственото достоинство, се понижи и постана човек, за таа Црква Христос претрпе крст, страдање, смрт, за таа Црква Тој би го направил и денес истото и би се жртвувал повторно, а за жал, од таа расколничка Црква никој не е подготвен да ја прими таа жртва.

Неподготвен да ја прими Христовата жртва, љубени во Господа е оној што не е спремен да го поддржува Господа во страдањата. Воскресението после падот Адамов е можно само како след на Неговиот крст. Затоа монасите се вежбаат во подвиг како што војската вежба во мирнодобски услови, за да биде спремна да војува тогаш кога ќе има војна. Сите Христијани, но особено монаштвото нема друг идентитет освен небесниот, нема друга татковина освен Царството Божјо, и токму тоа што не треба да имаат ништо за што би се врзале во овој свет ги прави да бидат секогаш спремни да се жртвуваат за правата вера и за единството на Црквата.

Салонското монаштво е безбрачност заради луксуз. Тоа е многу поголем грев од гревот на невоздржување кај граѓанските лица. Зашто монах кој не копнее барем еден ден во животот да ја посведочи верата, кој нема желба барем една вечер да помине во затвор заради Христа, кој не е спремен да ја загуби општествената првилегија воколку се спротистави на властите што вршат неправда на народот, таквиот монах е само неженет фантазер, бескомпромисен сладострасник што мисли само за сопствената удобност и лагоден живот. Но, таквото монаштво може да се нарече секако поинаку, само не монаштво на Православните.

Сите Христијани сме повикани да го поддржуваме Христа во Неговата жртва за единство на Црквата, ама особено на тоа се повикани монасите. Сите сме повикани да се причестиме во телото Христово, но особено монасите се повикани да ги примат раните од клинците на крстот. Замислите како низок и долен е оној Христијанин што бега од крстот што му се нуди како Божја волја, а како изгледаат монаси што бегаат од крстот можете да видите во оние што останаа со расколниците. Само низ борба се делка карактерот, само во борба се издвојуваат великаните, а во мир сите се прават генерали.

Како е возможно да го празнуваш празникот на единството помеѓу Бога и човекот, Рождеството Христово, а притоа да си во раскол со Црквата? Одговорот е никако. Расколникот е одвоен од телото на Христа кое е Црквата, и така не зема учество во икономијата Божја. Расколникот може да е религиозен човек, може да ги прифаќа, па дури и да верува во православните догмати, може да се вежба во добродетелите, па дури и да се смирува пред Бога, но она што му недостасува, а тоа е љубовта за целовитоста на телото Христово, и токму тоа го прави сето друго да му биде не за награда туку за осуда. Во тајните на расколниците наместо спасение има осуда велат отците на Црквата.

Затоа браќа, да го молиме Бога да ни испрати благодат правилно да ја примиме и прифатиме тајната на денешниот празник на раѓањето на Бога во тело. Значењето на овој настан има едно име, единство. Да се трудиме тоа единство да го чуваме како очите, како срцето, да го чуваме со спремност на жртва, зашто ако нешто во животот вреди да се жртвува човек за него, тоа е единството на Црквата. Жртвата за единството има богата награда, само што некогаш таа награда доцни, некогаш се доделува дури и посмртно. Но, жртвата за единството со сигурност брише многу гревови.

Вие љубени во Господа, добро знаете дека гореспоменатите карактеристики за расколот и расколниците не се изречени од состојба на гнев, во каква состојба по сè што ни се случуваше последниве осум години и сеуште ни се случува, дури и со право би биле. Ни Господ не би можел да нè прекори за праведниот гнев кон рушителите на црковното единство, кон оние што го цепат хитонот Христов и единствена работа им е нас да нè ставаат во нови искушенија. Но, заради нас, заради целата Црква е подобро ако се оспособиме на злото на оние што нè гонат и затвараат да им одоговориме со добро, со молитва Господ да ги вразуми, да им го прибере умот, да им ја смири зависта, да им го скроти бесот. Таква да биде нашата божиќна и новогодишна честитка за нив, горешта да биде нашата молитва за расколниците, зашто по тоа ќе не препознаваат дека ние сме деца на Отецот небесен, браќа Христови, сотелесници на Бога Кој заради нас денес прими тело.


Христос се роди!



На Божиќ 2010
од притвор во Софија

+Јован Архиепископ охридски
и Митрополит скопски