Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

До свештенството, монаштвото и побожниот народ на нашата најсвета Архиепископија охридска и Митрополија скопска



Сними ја пораката



Многуљубени и драги нам во Христа воплотениот,

Кога читаме во житијата на Светителите на Црквата Божја за злословија против нив, мачења, гонења, затварања, па дури и убивања, не треба да мислиме дека тоа e само историја и дека е далеку од нашата современост. Ако нашите современици би се движеле според „логосот на природата”, како што Св. Максим Исповедник ја нарекува исчистената од страсти човекова волја, a која во таков случај би се совпаднала со волјата Божја, тогаш веројатно повестите за мачеништвата ќе беа само славна црковна историја. Но, човекот и целото човечко општество не се движат секогаш според „логосот на природата”, односно според Божјото очекување и волја. За жал, и тоа многу често, луѓето се движат спротивно на Божјата промисла и волја.

Некогаш свесно, многу почесто несвесно, но секогаш кога човек не се движи според промислата и волјата Божја не прави штета смо на себеси, туку и на целата околина во која живее. Во занесот на себељубието, многумина тоа не го гледаат. Ги прават истите грешки како и оние кои не го примија откровението Божјо, како оние кои не поверуваа на доаѓањето Христово во тело.

Вака ја почнуваме оваа наша Божикна порака, скапи наши браќа во Господа, не за да се оправдаме што денес, на овој Голем ден не сме со вас и меѓу вас, и што ви испраќаме Божикна порака од прогонство, каде нè испратија властите на нашата татковина, туку за да ве замолиме да се молите за сите непријатели кои ја поткопуваат Црквата. Црквата е Божја и таа има милост за грешникот, Црквата е Мајка и таа ги љуби сите деца, и праведните и грешните, и здравите и болните, Црквата е Христос и таа ги собира сите што ќе се покаат.

Заради тоа Господ наш се воплоти, заради тоа Бестелесниот доби Тело, заради тоа Предвечниот влезе во времето, заради тоа Логосот Божји се себепонижи и стана Син Човечки. За да им прости на грешниците, за нив да ги привлече кон Себе, да ги просветли и да ги усмери кон вечноста, зашто рече: „Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание. (Лк. 5,32)

Знаеме дека сите неправди кои властите во нашата татковина поттикнати од расколниците ги вршат кон Црквата која сте вие, малите Христови браќа, сосема праведно кај вас раѓаат гнев, и немир, па можеби и просба за освета Божја. Вие, или подобро речено сите ние доживуваме гонења за кои некогаш мислевме дека ги имало само во минато. Сметавме дека владетелите веќе научија дека не треба да го подигаат мачот против Црквата, како Ирод против Христа, ниту да ги понижуваат Христијаните како отстапникот Јулијан, поготово зашто не така одамна проживеавме еден период во кој безбожни комунистички власти се дигнаа против Црквата со намера да ја уништат, но и покрај големите рани што ѝ ги нанесоа не успеаа да ја сотрат. Сега, пак, кога навидум имаме демократско општествено уредување, кога властите треба да го познаваат и почитуваат доприносот на Црквата во општеството, кога Црквата треба се гледа како запален фенер на мирно пристаниште, потомците на старите безбожници ја ставија Црквата пред нова проверка.

Проверката, драги наши, скапо откупени од Христа не е во тоа дали ние ќе издржиме. Црквата е непобедлива и кога сме во неа ние секогаш победуваме зашто Христос еднаш за секогаш го победи светот. Нашата проверка е дали ќе успееме кога нè удираат неправедно да го завртиме и другиот образ, кога нè гонат да благословуваме, кога лажно нè клеветат пред светските корумпирани судови да не мразиме. Ако успееме во тоа, тогаш сме Христови.

Христос дојде во светот да го спои разделеното, да го соедини растуреното, да нè причести на Телото Негово и така во единство да нè изведе пред Отца. Дојде Христос за да нè благослови, да нè освети, да нè обожи. Но, тоа е неможно без нашата согласност. Зашто не дојде да насилствува, туку да донесе мир, не дојде да наметне своеволие, туку да нè просветли да се согласиме со Неговата спасителна волја. А, неговата волја е сите да бидеме едно. Само така, само во единство со Црквата која е самото тело на воплотениот Христос ние можеме да очекуваме и лично спасение. Надвор од Црквата нема спасение, многу јасно кажале Отците пред нас.

Нема спасение надвор од Црквата, зашто таа е тело на Оној кој заради спасение на светот слезе од небото, се воплоти и стана како еден од нас, поживеа меѓу луѓето, од нив беше распнат, но смртта не можеше да го задржи туку воскресна од мртвите. Така, тој што не ќе успее за време на еден краток човечки живот да влезе во општење со телото Христово, кое е Црквата, тој останува надвор од личното општење со Бога и пред целосна неизвесност за неговото конечно спасение.

Ова особено го нагласуваме зашто во нашата татковина има една расколничка организација која се обидува да имитира Црква. Тие носат ист модел на одежди како нашите свештеници, додуша многукратно поскапи и понакитени, читаат од исти богослужбени книги од кои читаат и Православните, иако со многу грешки во преводот, застапуваат ист богослужбен поредок, кој за жал многупати им преминува во беспоредок, но сепак, и покрај тоа што се трудат во сè да бидат слични со Православните, нивната литургија не е поразлична од театар. Тоа затоа што имитацијата на определен црковен поредок, па дури и споменот на одредени историски настани не ја прави Црквата да биде Тело Христово. Црквата е Тело Христово зашто е неразделно, за вечност врзана со личноста Христова, а преку Него со целата Света Троица.

Така, ако расколниците сметаат дека со тоа што ја имитираат Црквата тие станале Црква целосно се во прелест. Причината зошто не можат да бидат Црква е многу едноставна, а таа станува најочебијна токму во овој ден на Христовото воплотување. Не може да бидат Црква зашто Црквата е само една, Телото Христово е само едно. Или можеби Христос се раздели на две или повеќе тела, па сите схизматици можат да се наречат Црква?

Црквата, браќа, била и ќе биде само онаа што е во единство со Телото Христово и со соборните Цркви распрскани низ вселената. Тоа е учење на Православната Црква и секое друго замешателство по оваа тема е неблагочестиво. Секое пак оправдување на нечија состојба на раскол е покривање на гревот на делење на Телото Христово.

Затоа расколот е богоборен, тој го цепи единството на Црквата во Телото Христово, истовремено осудувајќи се себе на пропаст надвор од единството со Христа. Несфатливо е пак, да исповедаш дека Црквата е тело Христово, а дека истовремено и расколниците се Тело Христово. Тогаш не само расколниците во нашата татковина, туку и многу од протестантските секти, забележани и попочитувани во нивниот морален живот отколку расколниците во нашата татковина би требало да се Црква и Тело Христово? А расколниците во МПЦ нив не сакаат да ги наречат Црква. Епа како? Има ли двоен критериум за припадност во Црквата?

Критериумот е еден, љубени во Богомладенецот Христос. Или си во единство со Црквата, а со тоа и со Телото на воплотениот Христос, или не си во единство со Црквата, а следствено и не си во единство со Христос. Друга математика нема. Над таквата математика е секако љубовта Божја која ќе го спасува светот според големата милост Негова, но на каков начин ќе ги спасува оние што не се во Телото Негово, друговерците, еретиците или схизматиците надвор е од доменот на Божјата достапност за Негово познавање од страна на човекот. Ако расколниците во нашата татковина ја очекуваат Божјата милост како оние кои не поверувале во Христа, или како оние кои погрешно учат за Христа, тоа е друго и во таков случај со право очекуваат милост зашто Бог е многумилостив. Но, да изјавуваат дека и покрај тоа што се во раскол сепак ја имаат благодатта на Црква, тоа е обмана и безобразлук што се граничи со богохулење. Тоа е расекување на телото Христово, понижување и обесмислување на Неговото славно воплотување во тело. Додуша, Христос сам себе се понижи и бивајќи Бог стана човек, но тоа не е причина ние со нови делби и расколи да ја унижуваме Неговата икономија.

Се сеќавате, не така одамна судовите во нашата татковина, нас, вашиот Архиепископ го осудија на затворска казна зашто на расколниците им рече дека се: „последна тврдина на комунизмот”. Сега, кога ние веќе подолго време не ги споменуваме, зашто според советот на Апостол Павле ги оставивме на сатаната (1 Кор. 5,5), народот кој долги години намерно го држеа во мрак ја отвори устата бидејќи го разбра она што пред повеќе години им го кажувавме. Сфати народот дека расколничките свештенослужители живеат од црквата, не за црквата. И тоа живеат добро, не во сиромаштија и беда како што живее поголемиот дел од населението во нашата татковина. Нивните епископи купуваат хотели и раководат со богати претпријатија. Тргуваат со парите кои вдовиците од крајот на својата беда ги оставаат во црковната каса. И што е најжалосно, тогаш кога ќе пукне скандал за нивниот неморал тие не даваат отчет никому. Имаат имунитет за сите злодела зашто уште од почеток на создавање на расколот во далечната 1967 година, па сè до денес, тие се под закрила на власта, а тоа значи и под закрила на средствата за информирање. Прашуваме јавно: Зошто таквите луѓе да сакаат да имаат единство со Црквата Божја? За да даваат отчет и да имаат одговорност? И прашуваме уште нешто: Има ли некој помеѓу нивните епископи што се издвојува од таа општа претстава за неморал меѓу расколниците? Досега никого не чувме да го издвои своето мислење, да не се согласи или пак да собере храброст да се спротистави на добро познатиот општ неморал меѓу нив.

Сето ова, пак најмногу им годи на полтичарите. Тие сега имаат зад кого да го затскриваат својот грев. Имаат црква за еднократна употреба, таа им произведува низок морал и сите се задоволни, само на штета на народот. Па нема веќе кој не знае за вонбрачните деца на епископите на расколничката МПЦ, за тоа дека црковните пари одат за нив да им се обезбеди лесен живот, станови, покуќнина и автомобили. Па како да сакаат единство со Патријархот Павле кој во целиот свет важи за најголем аскет меѓу Патријарсите? Најдобро за сите ќе биде тие сами да се повлечат, но очигледно е дека за тоа немаат ниту помисла. Единствено народот може да ги притисне.

Ние, пак, во овие денови на сеопшта радост не смееме да заборавиме каква штета нивната неблагочестивост ѝ направи на Црквата. Не само со тоа што на правда Божја нас, вашиот Архиепископ веќе два пати нè ставија во затвор. Од нас тоа нека им биде простено, заради Христа кој дојде да нè измири, но токму од Него нема да им биде простено додека не се покаат. Тие го онеправдаа Него, изворот на правдата, тие го затворија Него, дародавецот на слободата, тие го злословеа Него, Телото на Црквата. Деца, им вели Свети Григориј Богослов на своите духовни чеда во неговата проштална беседа изречена на Вториот Вселенски Собор во Константинопол: Чувајте ги преданијата, памтете како ме каменуваа. Неговото каменување тој го поистоветува со предание на Црквата, зашто каменувањето или затворањето на еден Епископ е ново каменување и затворање на самиот Христос.

Така, нашите страдања, љубени чеда во Богочовекот Христос, се ново предание на Црквата. Тие се вградија неизоставно во Телото на Оној Кој денес за сите нас се раѓа во тело. Затоа сме радосни во болката, затоа славиме во тагата. Христос се роди за Отецот да нè усвои за Негови синови, Христос се роди за ние Негови сотелесници да станеме, Христос се роди за собрани во Духот Свети едно Тело со Него да се јавиме.

Тој нека ни биде сè во сè како што вели Апостолот, и како што подоцна тоа го повторува небообјавителот Василиј.

На многу години и честита Нова година.

На Божик 2008

Ваш молитвеник пред Бога,
+Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован