Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

до чесното свештенство, преподобното монаштво и побожниот народ на нашата најсвештена Архиепископија




Сними ја пораката



Радоста со сигурност е она што најмногу им недостига на луѓето во нашава современост. Околу нас има луѓе многу сиромашни, но од друга страна и многу богати, има луѓе скршени и жалосни, и наспроти нив самозадоволни и надуени, има луѓе неграмотни и неуки, но и школовани и добро информирани, има телесно здрави, но и такви кои имаат големи болки, ама на сите нив, без разлика каде се вбројуваат, она што најмногу им недостига е радоста. Можеби сиромавиот, повредениот, болниот или, пак, необразованиот имаат причина повеќе да се нерадосни, отколку богатиот, самобендисаниот, образованиот и здравиот, но и едните и другите се во тешка духовна состојба ако не се радосни, ако се жалосни, или очајни.

Животот без радост нема вредност. Животот без радост е беспаќе, умор и гола обврска без слобода. Но, каде да ја најдеме радоста, може ли таа некаде да се купи? Може ли некој да ни ја подари?

Измачен е нашиот народ од лутања. Лутавме 45 години во комунистичката пустина, последно - лутаме речиси 20 години во оваа преодна, посткомунистичка пустина, а сеуште излезот не е на повидок. Сè само затоа што одамна го згрешивме патот, одамна ја промашивме целта. И, што е најтрагично, не се покајавме. Згрешија и други, во заблуда беа и некои соседни народи, но се покајаа и сега раѓаат плодови на покајанието. Ние згрешивме еднаш, и по вторпат, и којзнае по којпат, но ниту еднаш до сега не се покајавме. Ете, затоа немаме радост. Ете, затоа секоја цел која ќе ја поставиме ќе нè носи до очајание.

Љубени во Господа,

има само еден вистински извор на радост, а тоа е воскресението. Човек може да биде вистински радосен, само ако знае дека е бесмртен. Но, тоа не се купува, не се заработува, не се стекнува како наследство, тоа се добива на дар според верата. Ако веруваме дека Христос воскресна од мртвите за ние да совоскреснеме со Него, ако веруваме дека се воплоти за нас да нè соедини со Отца, ако веруваме дека беше распнат за да го земе гревот на светот, тогаш ќе бидеме радосни. Ќе бидеме радосни и во маката, и во сиромаштвото, и во болката, па дури и во жалоста. Ќе бидеме радосни зашто ќе имаме светлина во нас која ќе ни го осветлува животот. Верата во воскресението е светлина во нас, не надвор од нас, како што се другите извори на светлина.

Воскресна Христос, браќа и сестри како „првороден од мртвите”, за да нè собере сите нас родени од Духот Свети. Воскресна Христос за да ни биде гарант за нашата вечност. Воскресна Христос за да ни потврди дека не сме створени за смрт, туку за живот. Тоа е доволно за да бидеме радосни, дури и тогаш кога сè што се случува околу нас нè принудува да бидеме тажни и нерасположени.

Вие знаете низ што сè требаше да помине вашиот Архиепископ, љубени во распнатиот и воскреснатиот Христос. Којзнае уште што нè очекува во животот. Но, ниту дел од тоа не би го издржале ако бевме без вера во воскресението. Верата во воскресението дава смисла на страдањето, ја ублажува болката, ја намалува сиромаштијата, го восовршува знаењето и конечно, ја распламтува љубовта. Љубовта не само кон ближните, не само кон пријателите, туку љубовта кон непријателите. Таквата љубов е дар само на оние кои веруваат во воскресението Христово. Љубовта кон непријателите е плод од верата во Воскреснатиот.

За овие шест години откако влеговме во единство со Православната Црква многу работи што се случуваа во расколничката организација во нашата држава излегоа на видело. Се покажа кој живее од Црквата, а кој живее за Црквата. Се покажа дека многу ситни, би рекле и мизерни мотиви, како што се оние околу парите, ги задржуваат некои свештеници сеуште да пребиваат во раскол. Но, она што највпечатливо се покажа е дека пребивањето во раскол е најдобра завеса зад која се кријат многу безобразлуци. А, се покажа и нешто друго, дека оние што се родиле во раскол тешко е да стапат во брак со единството.

Сепак, ако некој сака вистински да се поучи од денешниот настан, од настанот на Христовото воскресение, ќе научи дека Христос воскресна за да нè собере во Него и за да нè соедини меѓусебно. Ако и покрај тоа, сепак, некој сака да остане во раскол, тогаш што претставува воскресението за него? Веројатно ништо повеќе од едно психолошко одушевување какви што има речиси во секоја друга религија.

Ние сме Црква и нашата врата е отворена за секој кој се кае. Но, не треба да очекуваат расколниците дека можат да влезат во единство со Црквата без покајание. Не треба да очекуваат дека ако останат во фалсификатите кои ги прават и во ереста во која полека но сигурно запаѓаат ќе може некогаш да имаат единство со Црквата. Треба да сфатат дека грешката е во нив, не во Црквата. Црквата е безгрешна зашто е самиот Христос. Ние пак, верните, не треба со нив да прекинуваме секакво општење. Доволна казна во овој свет им е тоа што Црквата не ги причестува, а ако останат во раскол тоа ќе им биде и осуда за вечност. Ние треба да ги љубиме како браќа, без оглед на тоа што некои од нив се веќе луди од омраза кон нас. Љубовта кон нив ќе биде сведоштво за нашата права вера, за верата во Христа воскреснатиот.

Ви посакувам на сите вас, тој Христос, Кој воскресна од мртвите да ви биде секогаш „патот, вистината и животот”, тој да ви биде утеха во маката, сила во болката, радост во жалоста. Тој да ви биде сè во сè, како што вели Апостолот.

Христос воскресе!
Навистина воскресе!

На Пасха 2008

+Јован по милоста Божја Архиепископ охридски и Митрополит скопски