Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Сомнежот низ молба знакот Твој го чека
волја ли е Твоја во затвор да Те пеам?
А, Ти не чекајќи ни мугра да ме самне
опаши се рече, нешто ќе те прашам:

Каде беше ти кога мракот го дробев и како низ инка сонцето го леев?
Кога небото го виткав и морето го полнев?
Каде беше ти пред Адам да биде
и пред Ева Едем да го види?

Останав без збор и со суво грло, сал пролеав солза и по неа втора.
Мал знак ли е, си реков, светлината тивка во мракот што ја гледам
и тоа што распнат, но без тага на крстот свој висам
тоа што плачам, а полн утеха бивам?

Уште пред мајка ми со утробата да ме допре
Ти во Логосот Твој веќе ме беше видел
и бидејќи крајот за почеток го имаш
ко слободен ме гледаш, а јас уште в затвор бивам.

Во Твојата тајна служител ме вчини
и слобода ми дари, Амин да ти речам
па кој знак сега да го барам
или какво чудо друго вон неа да чекам?

Да ѕирнам во крајот и таму ми даде
зашто покрај Алфа и Омега Ти си
па заридав горко и пролеав солзи
оти маловерен пред Тебе, да стојам се најдов.

Ми даде Завет за в срце да го ставам
на Авраама да си спомнам, на Јаков и Јосиф,
со Јов да се тешам, со Јован и Павле
и радосна тага да сведочам што е.

Ак погледам назад, сал твојот прст го гледам
ак погледам напред, пак пред мене стоиш
и горе и долу, Седржител Ти си
од Тебе надвор за живот јас незнам.

Ме креваш во Духот и печатиш тајна
тоа дека Црквата тело на Христос е Твој
оти непорочна e и ќе биде
без оглед на тоа што некогаш волци во овча кожа ја пасат.

Се открија тие, уште пред „Нека биде” да речеш
но им даде можност светлина да видат
да Те познаат Тебе во Троица Еден
причестени в Црква да живеат вечно.

А, тие место тоа, сал на стомакот гледаат
и Црквата ја делат ко некогаш Ариј
без иднина се секако делата такви
но пакоста нивна во затвор ме стави.

Ертетици лути во векот дваеспрви
облечени в расо и чин владички имаат
народот го лажат среде Охрид славен
дека Христос не е еден, а и друго тело има.

Хитонот Негов насреде го цепат
таму кај што шиен не е
сè само за користа нивна на Власта се спремни подлизурци да бидат.

Но, и тоа ќе пројде ко и сè друго пред нас,
а Ти пак ќе стоиш ко Постар од денот
сети се тогаш на слугата Твој Јован
кој капка љубов, во океанот на љубовта твоја капна.


04/21. 12/11. 2005
Воведение во храмот на Пресвета Богородица
Затвор Идризово Скопје

Архиепископ охридски и Митрополит скопски
+ Јован