Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Оваа година календарот на нашата Црква е посветен  на саможртвената љубов Христова. Саможртвената љубов на Господа не е ништо поразлична од самопонижувањето. Се понижи Христос до таа мера да биде распнат на крст за оние кои ги љуби, а тоа сме ние створените битија, помеѓу  нив најмногу  за луѓето.

Затоа, човекова должност е да се грижи за целата створена природа, зашто жртвувајќи се Христос за нас всушност се даде жртва за сѐ што е створено. Но, потребна ли му беше на Бога Отца таа жртва за да биде задоволена правдата која е нарушена со гревот човеков? Во средниот век, римокатоличката теологија го прифати учењето на Анселмо Кентербериски дека Христовата жртва беше неопходна за да се задоволи правдата на Бога Отца по гревот Адамов. Православната Црква никогаш не ја прифати таквата теологија на сатисфакција на Бога Отца. Учеше и сè уште учи дека Христос се жртвува од љубов кон створениот свет, а не за да ја задоволи правдата на Бога Отца, правда која Тој со ништо не бара да биде задоволена.

На потрагата по правда, Западната Црква, но генерално и целата западна цивилизација вложила голем труд уште од времето на појавата на римското право. Така, задоволувањето на правдата, или поинаку речено, правната сатисфакција за западната цивилизација е прифатена  како врвен критериум на таа цивилизација. Во тоа секако придонело  и горенаведеното  учење за сатисфакцијата на Бога Отца.

Но, Источната Црква и цивилизацијата родена во Источна Европа воопшто, никогаш не ја поставувала правдата над саможртвената љубов. Така сме  научиле од нашите претходници, така им предаваме на наредните генерации. Индивидуализмот роден во Западна Европа, последниве векови нашироко продира и на Истокот, па затоа правото и сите појави врзани со него добиваат централно цивилизациско место наспроти саможртвената љубов.

Истокот, векови наназад се образувал на евангелската вистина: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели.”(Јован 15,13) Тој бил и одговорот на Св. Кирил Солунски, кога Хазарите го прашале како христијаните војуваат, кога Божјата заповед им вели: „не убивај”?

Меѓу сите православни христијани, а така и меѓу Словените, чии врховни просветители се токму светите солунски браќа Методиј и Кирил, љубовта, а не омразата дури и кон непријателите прифатена е заради саможртвената љубов Христова. Како да мразиш некого, па нека е тој дури и твој непријател, а твојот Бог, т.е. Христос се распнал и за него?

Таа Христова жртва обврзува, верата во Оној што се распнал за „животот на светот” задолжува, луѓето да не се мразат, ако веќе сите не можат да се љубат. Некои, со ништо не заслужуваат да бидат љубени, но барем да не ги мразиме и тоа заради Христа, Кој ни покажа дека Неговата жртва е и за нив.

Ако, пак ние, сакаме да бидеме совршени, на што сме повикани, да не се задоволуваме само со тоа никого да не мразиме, туку да се обидеме љубовта да ни постане начин на живот. Да бидеме самокритични, секогаш земајќи го поголемиот товар од односот со другите врз себе. За нас, можеби е тешко и претешко да се саможртвуваме за сите, како што тоа го направи Господ Исус Христос, но таквата Негова љубов, го поттикнува секој кој се чувствува верник во Него, барем непрестајно да се обидува, а тоа значи барем непрестајно да вежба да љуби за тоа да постане начин на живот.

Ние христијаните, научени од Христа Бога се жртвуваме за ближниот, а не обратно. Се даваме за ближниот зашто така нѐ научи Христос, Кој се жртвува за „животот на светот”. Така, се надеваме дека ќе станеме учесници на вечниот живот, во кој иднината треба да ја делиме со сите жители на таа вечност. Е, токму за тоа ние денес се вежбаме, а се вежбаме така како што ни покажа Христос со неговата саможртвена љубов.

Паѓаме, па повторно стануваме и така сѐ до смртта. Но, се молиме на Бога смртта да не нѐ дочека во падната состојба. Сепак, надежта не ја полагаме на трудот вложен во духовниот подвиг. Надежта ни е во милоста Божја кон нас, што Тој ја покажа токму со Неговото самопонижување пред луѓето. Бог нѐ спасува по милоста Негова, а колкава му е милоста кон нас, многу очевидно е преку жртвата која ја поднесе за нас.

Затоа посакуваме милоста Негова да ве следи  и во нареднава 2023 година, честити да би бидат Божиќните и новогодишните празници и Бог да ги благословува сите добри дела на вашите раце.

Архиепископ охридски и
Митрополит скопски Јован