Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован

Се пресели Ѓорѓи, и тоа без најава, тивко и мирно како што правеше сѐ тивко и внимателно од денот кога го запознав. А, го запознав пред скоро дваесетина години, кога ги правеше првите црковни чекори. Тогаш сè уште не можеше да се насети неговата решителност да го постави црковниот критериум над сите критериуми што му се наметнуваа како млад човек. Војник по професија, но постана вистински војник и за верата, во момент кога веројатно ја прими Божјата команда дека не треба ниту една друга команда да ја почитува ако се спротивставува на Божјата. Затоа многупати сакаше да ја напушти војската, а веројатно јас сум виновникот што тоа не го направи никогаш. Го прими советот дека од нешто треба да заработува, но тоа не значи дека на тоа од што се заработува секогаш треба да му се подари и срцето. Особено во средини каде не владеат црковните критериуми.

Си спомнувам кога дојде во манастирот Св. вмч. Георгиј во Неготино на денот кога расколниците нѐ избркаа насилно со полиција од Митрополијата во Велес. Од тој ден секојдневно доаѓаше во манастирот додека не нѐ избркаа и од таму, а потоа почна редовно, семејно да се црквува во Битола, каде што ние насилно избрканите најдовме уточиште.

Не можам да речам дека Ѓорѓи тогаш многу ја познаваше црковната еклисиологија, па затоа пристапи на Црквата која тогаш беше во многу тешка ситуација. Знаеше пред сите да каже дека самиот не ги разбирал црковните прилики, но дека многу од епископите на МПЦ уште во почетокот му рекле дека Јован е во право. Нивната дволичност го направила да дојде до вистината.

А, тогаш сè уште служевме во приватен стан во Битола под постојан надзор на полицијата која ги запишуваше сите кои влегуваа во станот бр. 23 на ул. Кочанска во Битола. Нему му беше подраго да се црквува во такви услови и тоа со целото семејството, ревносно како војник, отколку во широките храмови на МПЦ во кои не нашол благодат. Не пропушташе Литургија патувајќи во недела и во празник од Кавадарци каде живееше со семејството, до Битола и назад. И тоа речиси никогаш сам, секогаш носеше во автомобилот уште по некого со него. Намерно купи автомобил-комби за да може да донесе повеќе луѓе.

Ете така е кога човек живее и дише за Црквата. По некое време секако научи многу еклисиолошки лекции. На многумина им велеше дека сѐ што научил, научил од црковните проповеди. Подоцна постана и самиот проповедник на црковната вистина, многу луѓе донесе во Црквата, но никогаш не го забораваше почетокот. Секогаш кога се сеќаваше на почетоците плачеше, не за себе, не за своето семејство, туку за тоа што расколниците ѝ направија на Црквата.

Па, како јас да не проронам солза за тој човек кој прерано нѐ остави. Не, не ронам солза зашто се сомневам каде отиде, ниту од жалост што ги остави незгрижени двете прекрасни деца што му ги подари Господ, туку едноставно зашто се разделив од искрен пријател каков што не дава често животов на земјата.