Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Го погребавме телото на блаженоупокоениот Архиепископ пеќки, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски Павле за да биде сочувано до денот на доаѓањето Господово когашто се надеваме дека сите ние, Црквата Божја во вселената, ќе се радуваме на Господа заедно со него. Ние веруваме во благословена иднина на целата творба после второто Христово доаѓање, веруваме во стварање на ново небо и нова земја, во новиот живот со Света Троица на којшто нема да има крај. Таа вера ја живееше и на дела ја покажуваше Патријархот Павле. Ја живееше иднината како да е веќе остварена, учествуваше во Царството Божјо како веќе да се случило. А сепак знаеше дека Господ сеуште не стигнал по втор пат, дека сеуште го чекаме и копнееме по Него. Затоа секојдневно се подготвуваше, се подготвуваше како малкумина од нас за достојно да го дочека Господа. Затоа и покажуваше толку голем подвиг, подвиг кој можеби телесно го ослаби, но од него направи духовен горостас. Постана наш пример во сè, во богољубието, во човекољубието, во смиреноста, во великодушноста, во состраданието, во љубовта. Постави некој критериум за патријархување и со тоа го задолжи и следниот Патријарх. Но нè задолжи и сите нас епископите, бидејќи народот покрај со Христа, сега ќе нè споредува и со Патријархот Павле. Колку сме се приближиле до неговиот раст и до неговото име!

Од една страна, со болка се збогувавме од нашиот сакан Патријарх, но од друга страна знаеме дака отиде на подобро место, дека отиде кај својот Господ и нашиот Господ, Когошто толку го сакаше и Кому Му го посвети целиот свој живот. Отиде за да ја заврши својата историја на земјата, која за некои ќе биде значајна за со него да ги споредуваат случувањата и личностите во неговата современост, но неговата историја, заради верата во Господа и животот во Него ќе биде залог за иднината, негова, наша, црковна.

Самата служба на Патријархот е служба која обединува и зацврстува, служба која се грижи за единството на Црквата, и секако, служба која на некој начин го одржува и самото единство на човекот со Бога. Заради тоа е и многу важна, па и неопходна. Кога соодветна личност ќе прифати таква служба, тогаш таа со службата што ја врши постанува личносен гарант за единството. Токму така се вгради личноста на Патријархот Павле во неговата патријаршиска служба. Постигнувајќи личносно единство со Бога, тој, во тоа единство го приведуваше поверениот му народ, но ја приведуваше и целата Црква којашто ја патријархуваше. И затоа не е чудно што додека некои бивајќи лично дезинтегрирани, ја дезинтегрираат и Црквата, правејќи расцепи и расколи, тој преку личното единство со Бога ги исцелуваше расколите.

Сведок сум колку тој се залагаше да го излечи македонскиот раскол. Правеше отстапки што тешко е да се замисли дека некој друг би ги направил. Сите оние што се упатени во преговорите околу исцелување на расколот во Република Македонија го знаат тоа. Ние лично, и Црквата којашто ја претставувам, Православната Охридска Архиепископија, имаме повеќе причини да му благодариме. Тој ни го потпиша Томосот за црковна автономија, тој мене ме потврди како Архиепископ на таа автономна Црква.

Злонамерните, пак, наоѓаат да зборуваат и против овој Божји човек. Но тоа се повеќе оние што сакаат да ѝ наштетат на Црквата, па се обидуваат да рушат и толку голем авторитет каков што е тој. Дека тоа нема да им биде лесно доказ е народот што се собра на неговиот погреб, што го испрати како некој од кого очекува молитви и завземање пред Господа.

На Павле, светејшиот и високодостоен Архиепископ пеќки, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски вечен спомен.

АРХИЕПИСКОП И МИТРОПОЛИТ
+Охридски и Скопски Јован