ПРЕДГОВОР
кон книгата „Битието како заедничарење” од Јован Д. Зизиулас
Митрополитот Пергамски, проф. др. Јован Зизиулас е неодминлива личност во современото богословие, како на Исток, така и на Запад. Како ученик на големиот Флоровски кој во првата половина на 20-тиот век, почна сериозно да ги препрочитува отците на Црквата Божја, Митрополитот Јован Зизиулас сосема успешно се накалеми на т.н. „неопатристичка” теологија чиј основоположник е токму протопрезвитерот Георгиј Флоровски. Навраќајќи се на учењето на отците, особено оние источните, кои пишувале на грчки јазик, Митрополитот Зизиулас им го обнови помалку изместеното значење на поимите: личност, заедничарење, слобода, љубов кои се егзистенцијално врзани за постоењето на човекот, изедначувајќи ги истите до синонимност, но само во тајната на Црквата, која, пак, е единствениот простор во кој гореспоменатите поими можат да се поистоветуваат.
Теологијата на Митрополитот Јован во приложенава книга, но и во целиот негов опус е крајно егзистенцијалистичка, впрочем како што е својствено за големите учители на Црквата, но не егзистенцијалистичка со содржината што овој поим го има во философијата карактеристична за последниов век, туку егзистенцијалистичка бидејќи за врховен критериум го усвоила животот во вечноста и тоа во заедница со Бога, Кој пак е, прототип на животот како заедница.
Бог постои вечно, но слободно и непринудено. Тој не е роб на сопственото постоење, туку сака да постои и само затоа постои. Тоа го може само затоа што е личност. Ниту Божјата, а ниту човековата суштина постои гола, туку секогаш оличноснета. Сепак, личноста Божја не е налик на човековата која во паднатиот свет во кој што живееме се доживува како индивидуа (единка). Личноста во Бога е секогаш заедница. Речено крајно егзистенцијалистички, Бог не постои ако не е Света Троица.
Гладот и жедтта за вечен живот човекот може да ги задоволи само ако стане подржавател на начинот на Божјото постоење. Треба значи да го надмине индивидуализмот во кој се родил по биолошките закони на паднатата природа и да почне да постои како личност, а тоа значи како заедница. Таквата антропологија му ја должи човештвото, како ќе рече на едно место во книгава Митрополитот Зизиулас, на источните (грчките) отци на Црквата.
Меѓутоа, за да се премине од биолошки (индивидуалистички) начин на постоење, во еклисиолошки (црковен) начин на постоење, потребно е животот да почне да се живее како самопринесување на другиот, како живот за другиот, како непрекината аскеза. Аскезата секако дека не е целта на христијанскиот живот, но сепак е единственото средство со кое светот на единките (индивидуите) се преобразува во свет на личности кој пак се поистоветува со свет на заедничарење.
Сево гореспоменато, Митрополитот Јован ќе го разработи до детали со нему својствената методологија на концентрични кругови. Со доследна логика и мајсторска поврзаност, неговата основна мисла постепено се изоштрува та преку опфаќање на што поголем број можни аспекти да изрече што е можно повеќе од неизречивото, да објасни колку што е можно повеќе од тајната на битието.
Верно следејќи го Св. Максим Исповедник, за кого на едно место ќе рече дека има манија за Христа, Митрополитот Зизиулас ќе ја поистовети вистината со постоењето, а и едното и другото со Христа, но во Духот Свети. Вистината е во идниот век, а сега и овде се објавува како икона, во црковното собрание во Духот Свети кој од Црквата прави тело Христово. Со таквата своја Христолологија и Пневматологија кои според него се неразделно поврзани, Зизиулас останува христоцентричен, но го избегнува многу опасниот христомонизам својствен за западната теологија. Светиот Дух прави од Христа да биде Христос (Помазаник).
Она што Зизиулас го прави да биде православен теолог пар еџцелленце, пред се е неговата еклисиологија втемелена на еклисиологијата на источните отци, која, пак, само затоа што е евхаристиска е длабоко сотириолошка. Идентично како и големите отци и учители на Црквата, Митрополитот ја доживува Литургијата како икона на Царството Божјо, а тоа значи како работилница за вечен живот на човекот и светот што го опкружува. Литургиска задача на човекот е да се себепринесе, но и да му ја принесе на Бога целата створена природа та да може спасението да му биде интегрално.
Литургискиот поредок, пак, има препознатлива структура. Епископот е на врвот во тој евхаристиски поредок, но со самото тоа што тој принесува дарови за сите и за се, себи си се поставува како служител и уста на многуте, а не како владетел. Таа превртена пирамида на црковната структура има уште три неизоставни елементи: презвитер, ѓакон и народ Божји. Без било кој од овие четири елементи, Евхаристијата, а со тоа и Црквата која се поистоветува со неа не постојат. Централното место на Епископот во Црквата не се обезбедува преку неговото административно влијание, туку затоа што е икона Христова, а презвитерите, пак, икони на апостолите. Затоа, Црквата односно Евхаристијата која е возглавена со Епископот е полна соборна и апостолска Црква.
Заедницата на помесните, соборни и апостолски Цркви со едната вселенска Црква е проблем кој го разделува источното од западното христијанство. Ниту помеснните Цркви можат да бидат полни, соборни Цркви без заедница со другите помесни Цркви, ниту пак, некоја вселенска Црква може да има надредена улога над помесните Цркви. Полнотата и соборноста на помесните Цркви е во нивното евхаристиско единство со остантите помесни Цркви кои со тоа што се во евхаристиско единство ја сочинуваат вселенската Црква и ја прават да биде света соборна и апостолска.
Сиве овие теолошки аспекти кои само малку ги начнавме, многу суптилно и целовито се обработени во приложениов зборник на студии од Митрополитот Пергамски Јован Зизиулас. Сметајќи го секогаш за наш учител бидејќи како професор на Солунскиот теолошки факултет ни беше раководител во постдипломските студии, истовремено, пак, чувствувајќи се себе си помали од учителот и неподготвени да дадеме целосен пресек на големото дело поместено во оваа книга, бараме благослов да му заблагодариме на Неговото Високопреосвештенство што дозволи неговата најзначајна книга денес да ја имаме преведена и на македонски јазик, но уште повеќе да му заблагодариме што сесрдно се ангажира и застапува нашата Православна Црква што поскоро да биде прифатена од останатите помесни Православни Цркви.
Божик 2000
+Јован Митрополит велески и повардарски
сега Архиепископ охридски и Митрополит скопски
Предговорот е објавен во книгата „Битието како заедничарење” од Јован Д. Зизиулас Велес 2000.