Обраќање по повод 20 годишнината од хиротонијата во архиерејски чин на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован
Ваши Преосвештенства, драги браќа во епископството и сослужители пред престолот Божји, чесни отци презвитери и ѓакони, возљубен народе Божји,
Брзо поминаа овие дваесет години, како што впрочем брзо поминуваат и илјада. Ако животот не се влие во вечноста сè брзо поминува, а времето не може да се стигне. Тоа брзо врви зашто животот е како река во која не може истата вода да се зафати во два различни временски моменти. Сè тече, одамна рекол Хераклит. Ништо не исто како вчера, а камоли од пред 20 години.
Јубилеите на оние кои сè уште се живи, имаат вредност и оправдано се прославуваат само воколку и оние кои прославуваат, и оние кои дошле да направат чест, ја оприсутнуваат вечноста уште во овој минлив живот. А такви сте сите Вие, Ваши Преосвештенства, чесни отци и благочестив народе Божји. Овој јубилеј всушност е награда Ваша, потсетник на Вашата трпеливост, истрајност, отвореност, мудрост и саможртва.
Пред 20 години бев ракоположен во епископски чин, а оние кои можеле тогаш да ме чујат, или отпосле ја прочитале мојата пристапна беседа се сеќаваат на тогаш даденото мое ветување, дека ќе направам сè да се воспостави и да се чува, нарушеното единство на Црквата во нашата татковина со останатите помесни Цркви во светот.
Една новинарка која многупати, секако многу неуко ги критикуваше моите постапки при воспоставувањето на единството со Српската Православна Црква и преку неа со сите Православни Цркви, многу искрено ми кажа дека ќе ги критикува моите постапки, веројатно од само за неа разбирливи причини, но дека не само што не може да замери на мојата доследност, туку дека и не сретнала човек од јавниот живот на оваа држава што бил подоследен во она што го кажал и што го прави.
Но, доследноста, браќа и сестри не е само надворешна карактеристика на личноста која длабоко е во содејство со себепредаденоста и одлучноста, туку пред сè во најприсно содејство е со верата која длабоко ја осмислува секоја смисла на жртва, за другиот, за ближниот за Црквата. Доследноста пред сè е производ на верата, но секако дека не е без влијанието што прави образованието, културата, оформената совест и одговорноста.
Ете, воколку во нашата личност се нашла понекоја од тие карактеристики, чувствуваме потреба прво да му заблагодариме на Бога во Троица, потоа да Ви заблагодариме Вас, кои се собравте да ни оддадете почит на овој не толку голем, но и не безначаен јубилеј. Најпрво да му заблагодараме на Неговото Преосвештенство, Епископот пожаревачки и браничевски г. Игњатиј кој ја прекина својата програма за денес да биде со нас. Од него најпрво ги примивме фундаменталните догми за Црквата, за нејзината надвремена димензија и за нејзиното функционирање како едно тело. Еден е Бог Отец, една верата во Него, една е Црквата, често го повторуваше ова Неговото Преосвештенство на часовите по догматика. Две Цркви, би значело вера во два Бога, расудувавме уште како студент, затоа лесно сфативме дека схизмата всушност сака да легализира да постојат две Цркви, а тоа е невозможно.
Благодарност и до Неговото Преосвештенство, Епископот полошко – кумановски и Местоблустител дебарско – кичевски г. Јоаким кој со својата смиреност и старечко расудување многупати помогнал Светиот Синод на Православната Охридска Архиепископија да донесе издржани одлуки, достојни за почит.
Му благодариме и на Неговото Преосвештенство, Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко кој го изнесе ова поздравно слово до нашата смерност. Но, му благодариме уште повеќе за крстот кој го поднесе кога беше под судски прогон и тоа на правда и вистина, само затоа што е Епископ на Православната Охридска Архиепископија. Незмерно се радувам што тој и Епископот стобиски Давид, презвитерите, монасите и монахињите што првично пред неколку години беа осудени во судски процес подигнат против членови на Православната Охридска Архиепископија, конечно се ослободени и таа радост ја одменува тагата од неправдата што останавме осудени на затворска казна само ние, и тоа на толку време, колку што веќе имаме поминато во притвор.
Чест ни е да му заблагодараме на Неговото Преосвештенство, Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, кој како наш помошен Епископ не само што достојно го понесе крстот неправедно да биде гонет и суден на правда и вистина, туку во наше отсуство, додека бевме во затвор се грижеше во Архиепископијата Охридска и Митрополија скопска да се одржи без недостаток богослужбениот циклус, да не затаи администрацијата и да се актуализира информацијата за државниот прогон на Православната Охридска Архиепископија. Со голема трпеливост и многустран труд тоа го постигнуваше со големо расудување, при тоа не оставајќи нè без неопходните информации за случувањата дури и зад затворските ѕидини.
Би замолил нашите благодарења да ги примат чесните презвитери, како и во Христа ѓаконите чиј труд не остана незабележан, особено во овие тешки услови во кои се поставени да служат. Без храмови и други општи услови за богослужбен живот, тие се во континуиран подвиг од 2002 година, а некои од нив беа и судски гонети, па дури и условно осудени, но се молиме тоа да им се најде како привилегија пред судот Божји, зашто овде, барем засега лишени се од секаква привилегија.
Особена благодарност кон браќата монаси и сестрите монахињи кои не само што нè пратат со нивните молитви каде и да се наоѓаме, туку не престануваат да го оприсутнуваат и невозможното, да се молат дури и за непријателите, за оние што тирански ги судат и им го одземаат дури и најнеопходното.
Посебено споменување заслужуваат сестрите на оваа света обител, на Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во кој денес служиме, за подвигот кој го издржаа при палењето на објектот во кој живееја. Насилниците до денешен ден не се откриени, не затоа што не се познати, туку затоа што сè уште се под заштита на некои моќници. Власта им ја сруши до кров изградената Црква и тоа пред нивни очи, неколку пати Полицијата вршеше детални претреси во нивните ќелии, а тие стоички, со машка стаменост тоа го издржаа и дури и на гонителите им покажаа дека само љубовта кон Христа е непобедлива.
Последно по ред, но не и последно по значење на жртвата што ја поднесоа го споменувам и овој народ Божји, но и целиот народ на Православната Охридска Архиепископија. Навистина голем и преголем е подвигот, наместо во храм, на Литургија да се собираш во станбен простор, во подруми, или како што тоа го направивме денес, на отворен простор. Но, тоа покажува дека „ниту смртта, ниту животот, ниту ангелите, ниту поглаварствата, ниту силите, ниту сегашноста, ниту иднината, ниту височината, ниту длабочината, ниту било која друга твар нема да може да нè оддели од љубовта Божја, која е во Христа Исуса нашиот Господ.” (Рим. 8, 38-39) што вели Апостол Павле. Ако имаме љубов кон Христа, како што има овој народ од Православната Охридска Архиепископија, таа ќе ни ги надополни сите недостатоци што ни се прават од оние што се спротивставени на единството на Црквата.
За крај не би можеле да не изразиме благодарност кон гостите што нè удостоија денес на оваа свеченост да заедничарат со нас. Благодарност кон почитуваните протоереи и ереи од други епархии што не жалеа ни труд, ни време да дојдат и денес со нас да се радуваат на настанот. Благодарност до надарените певци од хорот „Пријатели на Кареја” што дојдоа дури од Белград, за да ни честитаат со химни и славословија, а секако им благодариме и на сите оние лаици што дојдоа од различни краеви, некои навистина и од далеку, за денес да бидат со нас.
Ова благодарење би го завршиле онака како што и го започнавме. За сè што направивме за надградба на Црквата во овие 20 години му благодариме Бога, за Неговата промисла, Неговата благодат и Неговата искрена љубов на која се наситивме особено во деновите поминати во затвор. Она пак, што не успеавме да го направиме, а било во Божјата промисла, не го направивме само заради нашата немоќ и слабостите што како човек ги имаме. Ете за нив, замолуваме да ни простите и да се молите на Бога тие да исчезнат од нашиот живот како чадот што исчезнува во воздухот и како што се топи восокот од лицето на огнот.
Благословот Господов и милоста Негова да Ве пратат во сите дни на Вашиот живот.