Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Денес се навршуваат четири години од формирањето на Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија. На 25 Декември 2003 г. се собравме исто вака, во услови на зима, но и во услови и на политичко невреме за да го формираме Светиот Синод на нашата најсвета Архиепископија.

Кога ќе се погледне наназад, сега после поминати четири години од формирањето на Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, многу појасно станува дека сите гонења, малтретирања и затварања всушност почнаа од времето пред четири години, кога на овој ден се формира Светиот Синод.

Формирањето на Синодот беше неиздржливо за непријателот на Црквата, неможеше ѓаволот да поднесе на територијата на Р. Македонија да постои канонска Црква и црковен поредок, да се служат Тајните на Црквата, и во нив, и преку нив да се осветува Народот Божји. Затоа, превзеде сè што е во негова моќ, да ја уништи Црквата Божја која нему му е ист толкав непријател колку и самиот Бог. Впрочем исто онака како што тоа се обиде да го направи преку Ирода во деновите после раѓањето Христово во тело. Закла Ирод, помрачен од ѓаволот многу деца за да го уништи новородениот Цар на светот, Господ Христос, но вољата на Бога Отца беше поинаква. Благоволи Бог Отец во светот да дојде Неговиот возљубен Син за да ја спаси сета створена природа и во тоа никој не можеше да го спречи, па ни ѓаволот.

Благоволи Преосвештени отци и браќа, Бог и Отец да воспостави канонски поредок на територијата на која живееме и во тоа никој не може да го спречи. Претрпевме доста страдања во овие изминати четири години, гонења, плукања, навреди, понижувања, па дури и затвори. Но, ништо од тоа не нè поколеба. Напротив, како што тоа обично бива, гонењата само нè зацврстија, нè укрепија, но веруваме дека и сите нас нè смирија, не со мирот кој го нуди овој свет, туку со мирот Божји кој е милост Божја и посета Божја. Најважно е, а тоа го приметувам кај сите Вас, што сето она што ни се случуваше не породи кај нас омраза кон гонителите. Се боревме машки како војници во војската Христова, но на крај Оној Кој победи е Христос. Не е победата во тоа што ние издржавме несвојствени за 21-от век тортури заради верата, туку победата е во тоа што ѓаволот не нè убеди да ги мразиме оние кои нè клеветеа, кои нè судеа, кои нè затвараа, оние кои ни ги рушеа црквите, кои ни ги палеа манастирите. Нашиот Бог со љубов победи, и нема друг начин за трајна победа освен со љубов. Победник си ако успееш да љубиш кога сите околности те тераат да мразиш. Победник си ако речеш: „Господи прости им зашто не знаат што прават”.

А противниците на Црквата, воедно и наши противници, навистина не знаеа што прават. Распнувајќи нè мислеа дека ќе нè победат. Но, во Црквата важи обратна перспектива, тогаш кога е понижена, таа е славна, тогаш кога е распната, таа победува.

Ако некој мери колку храмови и манастири изградивме за овие четири години, веројатно ќе му изгледа малку. Ако некој брои колку хуманитарна помош поделивме за овие четири години, веројатно ќе му се чини уште помалку. Но, ако некој сака да го мери квалитетот на нашиот христијански живот со единството кое е постигнато, со тој единствен правилен црковен критериум, тогаш ќе одмери многу.

Сите сме свесни за тоа од каде почнавме. Почнавме исфрлени на улица, од таму каде нè остави злобата на нашите гонители. Без покрив на главата, со многу болка во срцето, плукани и валкани тргнавме по патот кој ни го трасира верата. После четири години стигнавме до овде, да имаме канонски призната автономна Црква, Свет Архијерејски Синод, свештеници, ѓакони и верен народ на кого навистина треба да му бидеме благодарни што заедно со нас се покажа спремен за мачеништво. Почнавме да служиме на ливада, под ведро небо, а денес имаме многу богослужбени места, неколку манастири и една ставропигија. Ова не го кажуваме за да се фалиме што сè ни подари Бог во овие четири години, туку за да имаме претстава што би имале ако не нè гонеа, ако не нè затвораа, ако не ни ги рушеа црквите, ако државата ни доделеше правен статус.

Сепак, некој скоро рече, а изгледа со право, дека најголем успех е тоа што во овие четири години му го растуривме темелот на расколот во Р. Македонија. Расколот е потполно обесилен, а расколниците останаа без апологија. Веќе никој нема оправдана причина да остане во раскол, освен ако од тоа нема некој вид на добивка. Во раскол сега се само оние што имаат потреба нешто да скријат од Црквата, најчесто некаков недостаток на морален план, или оние кои имаат некаков вид на материјална полза, со други зборови кои се платени да го одржуваат расколот.

Додека бевме во затвор, некои од расколничките Епископи, крајно подло и безобразно, а после изминати неколку години ќе речеме и незрело, користејќи ја нашата крајно слаба општествена позиција до која токму тие нè доведоа, со нивните написи во средствата за информирање сакаа да нè дотолчат. Сакаа да направат сè никогаш да не излеземе од затвор. Ние писмено одговоривме на нивните подлости, а тие замолчеа. Очигледно дека нивниот план не беше да отворат дијалог, туку што подолго да нè сместат во затвор.

Потоа, ние ги обвинивме расколниците дека велегоа во еклисиолошка ерес. До денес, никој на тоа не одговори. Ете затоа луѓето тврдат дека расколот е во темел растурен. Всушност расколниците во Р. Македонија немаат никаква апологија зошто се во раскол. Тие се во раскол едноставно затоашто сакаат да бидат таму. Затоа, никој не може да им помогне, никој не може да им посредува. За да им се помогне и за да се посредува треба тие тоа да го сакаат, а тоа значи да се подготвени за дијалог. А за каков дијалог се подготвени расколниците во Р. Македонија? Тие не бараат и не очекуваат решавање на црковен проблем. Тие сакаат Црквата да им ја признае нацијата, што ниту било, ниту може да биде, зашто Црквата не признава нации, таа признава личности.

Во овие четири години не успеавме да добиеме правен статус, но успеавме да издејстуваме промена на законот за верски заедници. Искрено се надеваме дека новиот закон кој скоро беше изгласан во Собранието на Р. Македонија не ќе биде дискриминаторски и наскоро ќе добиеме правен статус. Вие сите знаете дека нам ни е потребен правен статус во државава само за да престанат гонењата врз нас. Во друг случај признавањето од страна на државата ништо не ни значи, особено од држава која е многу векови помлада од нашата Архиепископија. Но, како да градиме храмови ако државата не нè легализира?

Еве, ова накратко е тоа што имаме чест, Ваши Преосвештенства, денес да го кажеме пред Вас, она што сте го слушале на многупати, но и она во што и самите сте учествувале многупати. Сепак, иако не е ништо ново, заради историјата, а уште повеќе заради иднината, ова вреди да го повториме.

Ви посакуваме со црковна радост, а таа е секогаш помешана и со тага, да го дочекаме Рождеството Христово. Господ во овие денови на милост и посета да излее богато од својата благодат врз сите нас, да нè благослови и да не причести уште поприсно во Него.

Добар Божик и на многу години!

25/12 Декември 2007