Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Се собравме браќа и сестри, денеска во неделата посветена на сите светители, не за да парираме на митинзите кои ги одржуваат незнабожците и атеистите против нас последниве денови, туку за да покажеме дека вистината не се мери со квантитет, туку се мери со квалитет. Сè друго во животот се мери и со квантитет и со квалитет, меѓутоа единствено вистината бидејќи е една единствена нема квантитет, нема број, една е и единствена и се јавува само како квалитет. Историјата на Црквата ни дава многу примери како мнозинството кое било против Црквата ја загубило вистината и вистината не била монопол на мнозинство. Се случило дури и тоа, еден човек како Свети Максим Исповедник да каже: ...и сите да служите заедно, и римскиот Папа да служи со вас, јас нема да служам, и вистината ќе биде со мене, а не со вас. Него, знаете дека раката десна му ја отсекле за да не пишува за вистината. Знаете дека јазикот му го отсекле за да не зборува за вистината. А кој е тој Максим Исповедник? Денес за него сите знаеме. Го почитуваме, како едно од најголемите светила во Црквата. Зошто? Затоа што не го жалеше животот свој за да остане со вистината и во вистината.

Има нешто повредно во животот на човекот од тоа да ја живее и да ја твори вистината? Ќе рече некој; -А што е вистина? Таквото прашање е погрешно. Зашто вистината не е предмет, за да прашаш што е, туку вистината е личност и треба да прашаш: -Кој е вистина? Еднаш еден за себе рече, а тоа е вистинито: „Јас сум Патот, Вистината и Животот. И никој не доаѓа до Отца освен преку Мене”. Тој кој тоа го рече е Христос. Христос е Вистината, браќа мои. Христос Живиот и Вистинит, Кој ни се објави како Богочовек и Кој страдаше заради нас и Кој воскресна, Тој е Вистината. И никој друг во овој свет, ниту светските главатари и велможи, ниту популарните луѓе во светот, никој не може во овој свет да ја победи смртта. Затоа Бог е вистинит. Затоа Христос е вистинит. Затоа што ја победи смртта. И ни даде живот вечен. И тоа е Неговата вистина која може и со која може да се задоволи човекот. Сè друго што води кон гроб, сè друго што води кон распаѓањето е лага, лажен живот, невистинит живот. Затоа што завршува, одминува, се распаѓа.

Црквата во Р. Македонија, браќа мои, денес е пред искушение, но не еднаш била пред искушение. Зашто не треба кусо да паметиме и кусо да гледаме. На овие простори христијанството е старо скоро 2000 години. 2000 години Црквата Божја на овие простори се бори со стихијата на светот. 2000 години бродот на Црквата упатен е кон Царството Божјо. Низ бура, преку тесен премин на Сцили и Харибди, ама секогаш со кормило насочено кон Царството Божјо. Ако сега во овие тешкотии кои ги имаме, го завртиме кормилото на животниот брод кон светот наместо кон Царството Божјо, ако се упатиме кон вистината на овој свет и се одречеме од вистината на Царството, сме ја загубиле засекогаш борбата со овој свет. Затоа што вистината на светот денес е пракса на гласање. Таму каде што е мнозинството таму е и вистината. И стигнуваме до состојба некогаш лагата да ја гласаме за вистина. Затоа што на мнозинството некогаш поугодно му е да живее во лага, покомфорно му е да живее во невистина отколку во вистина. Зошто? Затоа што животот во вистина има морални ограничувања. Затоа што патот кој води кон Царството Божјо е тесен и него го здобиваат само подвижниците. Само оние кои имаат подвиг и сакаат во подвиг да го живеат животот. Само оние кои се воздржуваат тие стануваат жители на Царството Божјо.

Пред предизвик сме, браќа мои, денес притиснати од мнозинството да ја предадеме вистината. За тоа Кој е вистината веќе рековме, Христос живиот и вистинит Бог со Кого се причестуваме, Кому му стануваме една честица од Телото Негово за да постанеме и ние вистинити, бидејќи без причест со него ние не сме вистинити. Ние сме сенка, ние сме прашина која се дигнала од времето и пак ќе се врати во земјата. Но, тогаш кога се причестуваме со Телото Христово, Христос нè потврдува како Негови мали браќа, нè чини да бидеме вечни битиjа да го наследиме вечното благобитие на Царството Божјо.

Црквата е Една Света, Соборна и Апостолска. И не прифаќаме дека таа може да се дели на два, на три или на повеќе делови. Црквата може да биде само Една, Света, Соборна и Апостолска, бидејќи Еден е Христос во Кого веруваме, бидејќи Еден е Бог на земјата, бидејќи Една е Литургијата која ја служиме, бидејќи Еден е Епископот во чие име свештенослужителите од неговата Црква служат Литургија. Денес кога сме пред предизвик да бидеме испитувани за упорноста во верата, да бидеме проверувани колку сме православни, не смееме да бидеме предавници, не смееме да се откажеме од преданието. Се собравме овде за да кажеме: Господи, само Тебе Те имаме, а во Тебе ги имаме сите што Ти си прегрнал со Твоите раце раширени на крстот. Друг освен Тебе немаме, зашто во Тебе се собира сè створено, и небото и земјата, и ангелите и луѓето, и мажот и жената така што секоја поделба во Тебе престанува. Сè друго во светот има поделби, сè друго во светот има разделувања, само Ти Христе си Еден Единствен, и Црквата Твоја е Една и Единствена.

Денес браќа мои, не сме во многу поразлично време од она на Св. Атанасиј Велики кога пет пати го гонеа од неговата катедра. Но, преку гонења се постанува Велики. Нема друг начин во Црквата да покажеш дека си во вистина освен тоа да си спремен да страдаш за вистината. Не страдаме ли ние браќа и сестри денеска за вистината? Со што друго би им покажале на незнабожците дека со нас е Бог: „разберете јазичници со нас е Бог”, освен со тоа да ги рашириме рацете како Христос на крстот, за да ги прегрнеме сите во љубов, но и во страдање. Не е можно да стигнеме до воскресение без да страдаме. Не е можно да стекнеме живот вечен без крстот кој овде треба да го износиме. А денес токму од нас се бара сведоштво за крстот. Не утре, не по една година, не по сто години, денес бара Бог да сведочиме за вистината, дека сме чеда Негови, дека сме спремни крстот Негов на себе да го примиме. Како што го примија единаесет од дванаесте апостоли. Сите главата ја дадоа за вистината. Нема друг начин да ја исповедаш вистината, освен да си подготвен маченички да загинеш за Христа.

Денес, во неделата на сите светители токму за ова пеевме. Мачеништвото е етос на Црквата, мачеништвото е начин на живот на Црквата. Браќа и сестри, ние и тогаш кога не бара од нас никој да сведочиме во мачеништво, се подготвуваме за мачеништво. Постиме, а тоа е мачеништво, се молиме, а тоа е мачеништво, правиме метании, тоа е мачеништво, клечиме на колена долго време, тоа е мачеништво, токму за да се вежбаме за во вакви одлучувачки моменти кога е тоа потребно да бидеме вистински маченици за Христа, вистинскиот Бог. Сè што имаме и што ќе стекнеме во иднината се собира во Него. Затоа сме свесни дека со мачеништво нема што да загубиме. Она што е најголем губиток за неверниците, а тоа е губитокот на животот, за мачениците е раѓање за вечноста. Она пак, што е најголем добиток за незнабошците, а тоа е богатството и славата, тоа не е и за мачениците. За нив е среќа да се сретнат со Бога. Вистинската среќа и вистинското богатство во животот е токму таа средба со Бога. Ако го сретнеш Бога тогаш си среќен, но тогаш не можеш а да не бидеш сведок на среќата, односно маченик. За чудо вистинито, во Црквата се поврзуваат среќата со мачеништвото.

Денес браќа и сестри, кога го славиме денот на мачениците, зашто ова е недела на сите светители, па секако и на мачениците, можеме ли да не си спомнеме за Св. Јован Златоуст кој затоа што ѝ упати на царицата остар прекор, беше прогонет во Питиум. Но, како поинаку ќе беше голем јерарх. Како ќе беше светител меѓу најголемите во Црквата Божја ако не се спротивставеше на неправдата на властите во времето во кое што живееше. Или, пак, не си спомнувате за Василиј Великиот кој се спротистави на наредбата на царот да не го признава Светиот Дух како трето лице на Сетата Троица, на што овој му одговори: „Што можеш да ми направиш? Ако ми го одземаш богатството, знај дека немам ништо освен оваа стара мантија и неколку книги. Ако ме протераш, знај дека секаде е Божја земја. А, ако ми ја отсечеш главата побргу ќе ме приближиш до Господа.” Исто како што и апостол Павле рече дека е за него подобро побрзо да оди кај Господа, меѓутоа за верните, за народот Божји е подобро таквите големи луѓе подолго да поживеат на земјата.

Така живее Црквата Божја, браќа мои 2000 години и 2000 години без страв ја исповеда вистината. Во првите три века Црквата трпеше гонења и мачења, христијанството не беше признато, но сепак остана. Зошто? Зашто крвта на мачениците е семе за нови христијани, вели Тертулијан. Таков е етосот на Црквата браќа мои. Денес, собрани на оваа Света Литургија покажуваме дека сме едно во Бога. Но, и уште нешто друго покажуваме. Покажуваме дека луѓето на кои им е важна Црквата, на луѓето кои ја живеат Црквата, кои редовно во недела се причестуваат, кои другите ги упатуваат на побожен и чесен живот, тие денес дојдоа да сведочат. Не може да оставиме луѓето кои еднаш во годината доаѓаат да запалат свеќа, луѓето кои не веруваат православно и се колебливи, луѓето кои се атеисти или уште полошо се противници на Црквата тие да ни ги решаваат црковните прашања. Зошто? Затоа што мислат дека Црквата е една конзерва, и во неа не треба ништо да се менува, дека таа не е современа. Мислат дека таа му припаѓа на минатото. И ако некој се обиде да го промени тој стереотип, тогаш ќе има проблеми.

Меѓутоа Црквата е современа, секогаш жива и секогаш нова. И секогаш наново ја исповеда истата вистина во Христа Исуса. Затоа нема да дозволиме драги мои, некој да ни го одземе најсветото во Црквата, а тоа е единството. За што друго живееме, ако не за единство? Има нешто поважно од единството? Сè правиме заради тоа единство. Сè правиме за да бидеме едно со Бога. Меѓутоа некои наши браќа кои малку го разбираат животот во Црквата, малку ја сакаат Црквата, сакаат да ја делат Црквата по националности и не нарекуваат предавници. За што и во што? Го советувавме ли некого да се откаже од својата национална припадност? Не, но не е тајна дека многу пати сме говореле оти поважно е тоа што сме христијани. Тоа нè упатува кон единство, а другото нè разделува. Биолошкото битие во Црквата го надминуваме преку посинувањето со кое нè удостои нашиот Отец небесен. Заради тој заеднички Отец кој го имаме ние сме браќа и сестри во Црквата, без разлика на кој народ припаѓаме, во која држава сме се родиле или од кое семејство потекнуваме. Дури, како вели Христос, во Царството Божјо ќе се надмине и последната поделба која постои, а тоа е помеѓу машкиот пол и женскиот и сите ќе бидеме како ангели на небесата, едно во Господа. А ние сега се делиме на Македонци, Срби, Грци, Бугари и згора на сето тоа оставаме таквите разликувања да прават поделби во Црквата. Тоа е болест драги мои. Тоа е националшовинизам. Да ги мразиш другите затоа што не припаѓаат на твојата нација, значи да се мразиш и себеси.

Во Црквата никој од нас не бара да се откажеме од националноста. Но, многу поважно е што како христијани постануваме избран народ, царско свештенство, а не само обични припадници па нека е тоа и на најпривилигираната нација на светот. Само преку припаданоста на тој избран народ Господ ќе не распознае како свои. Тоа е нашиот пасош за вечноста. Не затоа што сме Македонци, туку затоа што сме христијани можеме да се надеваме на влез во Царството Божјо. Дури кога ќе го разберат ова луѓето околу нас, дури тогаш ќе ја сфатат смислата на Црквата. Кога ќе сфатат дека Црквата е наднационална, а не ненационална, ќе им стане јасно зошто е поважно да бидеш христијанин отколку Македонец, Србин, Бугарин или Грк. Ние влегуваме во Црквата со билошката каректеристика на нацијата на која припаѓаме, меѓутоа таа каректеристика ја надминуваме и постануваме браќа и сестри во Христа, зашто Неговиот Отец, во Црквата постанува и наш Отец.

Денес, денес браќа и сестри дадениот збор меѓу нас многу малку или нималку важи. Меѓутоа, ќе се сетите дека првата глава во Евангелието според Јована вели: „Во почетокот беше Зборот (или на грчки: Логосот) и Зборот беше во Бога и Бог беше Зборот”. Значи да дадеш збор некому е исто како да дадеш завет пред Бога. Луѓето кои не го одржуваат зборот немаат страв Божји. А имаме такви многу околу нас. Нема да ги споменам, зашто знаете на кого мислам. Но, факт е дека зборот кај еден човек е силен толку колку што е силна и верата, верата негова во Господа. Кога ќе дадеш збор, треба тој да биде непроменлив, како што е Логосот Христос непроменлив. По тоа се распознаваме ние христијаните и тоа нè разликува од другите.

Често пати сте ме слушале да говорам дека ние христијаните сме врвот на општеството, без разлика дали тоа некој го гледа, го признава или не. Ние единствени знаеме каде одиме, а после смртта каде ќе стигнеме. Не е ли тоа најважното? Не е ли тоа најголемо богатство и најголемо знаење кое може да го примиме? Да знаеме каде одиме. Да знаеме до каде треба да стигнеме. Затоа браќа и сестри денес се собравме да се причестиме со Телото Христово. А оние кои дошле да гледаат сеир, нека видат дека оваа Црква Божја е Црква која се причестува. Не дошле верниците како на фудбалски натпревар, да коментираат, да навиваат и да викаат „уа” судија. Не дошле да направат чаршиски муабет, туку да сострадаат, да ја примат на себе болката на другите делови од Телото во кое и тие партиципираат. Кога страда еден од членовите на телото страда целото тело. Да се пресече прстот нема ли да боли и да е сакато целото тело? Така и ние браќа и сестри, така го доживуваме животот во Црквата, така живееме, така го сфаќаме и така сакаме да им го предадеме преданието на наредните генерации. Зашто така сме го примиле, сме примиле Црква како предание. Покрај Светото Писмо и Неа (Црквата) како предание. А, ако има таков, нека ни каже што од тоа што говориме и што правиме не е црковно, не е канонски, не е предание на Црквата? Ако има такво нешто и ако ни го докажат веднаш ќе се покаеме. Зато што не сакаме да живееме во лага. Одбравме еден живот за кого имаме цел на Христа Бога да му го предадеме. Ако живееме во лага и ако и другите ги поучуваме на лага, тогаш осудата наша ќе биде голема. Меѓутоа, ако немаат ништо да ни противречат на црквеното учење кое го проповедаме од ова свето место, ако немаат ништо да ни замерат во канонскиот поредок кој го држиме, а треба да кажат со факти ако сакаат да ни замерат, тогаш нека нè остават да страдаме, но нека не ни ја наголемуваат болката. Ако сакаш да си со Христа треба да поминеш преку крстот како преку мост. Нека го благослови Господ нашиот крст, драги мои, зашто со Христа дури и во пеколот е добро.

30 Јуни 2002г.
Храм Св. Пантелејмон - Велес

+Јован Митрополит велески и повардарски