Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

„Бидејќи ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен." (Мт. 6,14)

Единствен начин да имаме заедница со Бога е проштевањето. Прво, проштевањето Божјо на нашите гревови, а потоа, проштевањето наше на гревовите на другите. Гревот е промашување. Промашување на целта, на личностите, на животот. И тоа се така од Адама кој прв промаши. Го промаши Бога како личност и се постави себе си за бог. И згреши. Згреши пред сопствената иднина, зашто промашувајќи го Бога ја промаши и иднината. Се затвори Адам во сопствениот индивидуализам, самиот себе си се постави за цел наместо целта да ја гледа во заедницата со Бога и нормално, умре. Умре зашто творбата нема друга алтернатива ако не е во постајана заедница со Творецот кој ја одржува во живот и кој и ја обезбедува иднината. Смртта е алтернатива на гревот.

Но, Бог Кој не го створи светот за тој да умре и да исчезне, туку да има живот вечен, на сите нас, потомците Адамови ни остави една отстапница кон вечноста. Таа отстапница е покајанието или како уште го нарекуваме преумување. Да се покаеш значи да бараш прошка, од Бога, од ближниот, од пријателот, но и од непријателот. Тие да ни простат за надменоста кога се правиме помудри од другите, за лицемерието кога се поставуваме во нечија служба, за несправедливоста тогаш кога ги подвластуваме другите, па дури и за љубовта која бива совладана од зависта. Немањето чувство за покајание и прошка нас луѓето нè затвора во сопствената нарцисоидност, не прави самодоволни, но во исто време и живи лешеви, кои одат, а немаат душа, кои ги гледаш, а кои сепак се привид, кои говорат, а сепак се губат во бесмислата, и тоа се само затоа што не каејќи се и не проштевајќи, ја прекинале заедницата со Бога кој се поистоветува со Црквата.

Бог е првото име за Црквата, а Црквата второто име за Бога. Откога Бог слезе во створениот свет, Црквата постана Негово тело. Слезе за да го подгрее нашето покајание, за да ни прости, но и за да не научи што значи да проштеваме. Со врските на љубовта не поврза во едно тело, но само со љубов која проштева и бара прошка. Таа е врската на совршенство за која зборува апостол Павле, врска која ја вопотполнува нашата слабост и ги покрива нашите недостатоци, но и врска која не чини одговорни пред иднината, но и пред минатото. Единствено тука, во Црквата ја распознаваме историската генеза која стигнува до Адама, согледуваме колку гревот не деформирал, но исто така ја осознаваме моќта на покајанието и проштевањето. Го познаваме Бога како милостив Отец кој со прошка го наградува нашето покајание се само за да ни ја отвори перспективата на иднината која ја викаме живот вечен. Така, Црквата постанува наша мајка, која не не раѓа веќе по нужноста на природата, туку по слобода и љубов. Во Црквата влегуваме превреднувајќи го светот и постоењето, каејќи се, но и проштевајќи им на другите, се само затоа што еден Отец имаме, во едно Тело Христово сме вчленети со еден Свети Дух поврзани.

Денеска, кога ја фаќаме крмата на литургискиот живот во Штипската и Брегалничката Епархија и кога пред сите вас треба да ги откриеме програмските определби на Црквениот живот во оваа помесна Црква, подобар потсетник од прочитаната евангелска перикопа за тоа не ќе најдевме. Нема поважна определба за еден Владика од тоа да бара прошка од Бога за гревовите народни. Да му служи благодарење на Бога, да се моли за сите и за се, но и да проштева, за и нему Бог да му ја услиша молитвата. Всушност, Владиката се поставува за да служи Литургија, тоа значи за да го приведува светот кон покајание, но и да му благодари на Бога што веќе го помилувал светот. Таа служба е исполнение на сите служби и очекувања на човекот, зашто е координатор на сите дарови на членовите на Телото Христово кое е Црквата.

Та, што да речеме сега кога примаме власт од Бога да ги координираме даровите на поверениот ни народ и свештенство, но исто така и одговорност да ја покриеме неодговорноста на многумина, како што тоа го направи Христос кога распнат на крстот рече: „Оче прости им не знаат што прават"? Ништо друго освен да му заблагодариме за милоста со која не помилува, за знаењето со кое не просветли, за радоста со која ни ја осмисли жалоста, за љубовта со која ни ја покри слабоста. Но, не само заради тоа, туку и затоа што ни го довери овој побожен народ на Штипската и Бреглничката епархија, народ кој скоро две иљади години е Црква и во Црква, народ со богата историја, но што е уште поважно со многу богата иднина. Ако историјата му е богата затоа што генезата на христијанизирањето се протега до апостолско време, иднината му е богата заради верата дека воскреснатиот Христос повторно ќе дојде и ќе го осмисли секој човеков бесмисол.

Им благодарам на членовите на Светиот Архиерејски Синод кои ми укажаа доверба да дојдам помеѓу вас верен народе, да ја делам со вас истата судбина, да се радувам со радосните но и да плачам со тажните, со сите вас да копнеам по Царството на нашиот Отец, но и да давам поттик, а исто така и да бидам поттикнуван од вашиот подвиг заедно и со сила да влеземе во Царството Божјо, зашто тоа е Царство за силните и само силните го грабаат. Така научив од моите учители, како што научив, но и сеуште учам да не се штедам себе си за Црквата и правдата Божја, да не живеам за себе, туку за доверената ми паства, да немам своја програма на живот надвор од онаа на Евангелието.

Единствено Евангелието Христово нуди совршен светоглед, пред се затоа што со воскресението Христово се осмислува иднината, се затвора или можеби подобро се отвора онтолошкиот хоризонт на човекот, но и на целиот свет, но исто така, се добиваат морални и одговорни личности потребни за заедницата во која што живееме. Затоа е неопходно, сите ние да настојуваме, секој според своето влијание, што поскоро верската поука да влезе во училиштата, бидејќи познавањето на верата и животот по неа, не дозволува човекот да западне во криза која секако дека не би смееле да ја пренесеме до идните генерации. Секој вид на материјална криза втемелен е врз криза на духот. Човек кој е изеден од бесмислата не е полезен, па дури е и штетен за општеството во кое живее. Но, како да не се западне во бесмисла ако не се има одговор на прашањата за Бога, за гревот, за смртта, за животот вечен, за спасението?

Не многу одамна, на денот на мојата хиротонија во епископски чин, се обврзав да се залагам за онотолошко преориентирање на малдите кои тонат во сопствениот безизлез. Немаат работа, но напати немаат ниту визија, па ниту желба да работат. И тоа сметам се само заради тоа што се духовно дезориентирани. Човек кој не е жеден за вечноста, духовно е сакат. А такви сега имаме многумина бидејќи самите наставни програми во училиштата сега се без интерес за вечноста, но и за иднината воопшто.

Затоа сега, кога го превземам кормилото на Штипската и Брегалничка епархија, се потсетувам себе си, ве потсетувам вас, но ги потсетувам и одговорните владини структури да не го пропуштиме најубавиот повод, 2000 годишнината од Христијанството за да се преумиме и направиме услови младите да се среќаваат со Црквата и преку училиштата. И тоа „за наше добро" како велат во пооделни министерства.

Бог нека не благослови, нека ни даде мир, спокојство и љубов, но најмногу од се да го потркепи нашиот труд кој треба да биде насочен кон литургиско единство со Бога, преку заедницата која Христос ја оствари со створениот свет. Христијанството не е идеологија, туку пред се една жива заедница. Тоа го кажувам од првиот ден помеѓу вас, но не ќе престанам до последниот бидејќи единствено тоа не прави да постоиме. Токму тоа треба да го согледаме сите ние и со помош на едносушната, животворна и неразделна Троица да се собираме на секоја неделна и празнична Литургија, да се причислуваме на телото Христово и да се надеваме на Неговата милост која е секогаш изобилна, ќе не помилува и спаси.

12/28.03/02.2000
Штип

+Јован епископ дремвицски
и Местобљустител штипски и брегалнички