Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Во човековиот соживот со живиот Бог има настани кога неизречивоста говори повпечатливо отколку што тоа може да го направи зборот. Има настани кога тој соживот ни се открива како тајна за која секој збор е премногу ограничен за да ја исцрпи. Тогаш ни останува само она литургиското: Да му благодариме на Господа!

Бивајќи свесен за службата на која бидувам поставен, да го свештенодејствувам домостројот на спасението собран во Телото и Крвта Христови, служба повисока од ангелската и херувимската, служба која ги надминува моите сили и знаења, немам што друго да речам освен: Да му благодариме на Господа! Да благодариме не само за тоа што од небитие во битие не преведе, туку и затоа што тогаш кога отпаднавме Тој не покри со љубовта Своја. Го испрати Бог, единородниот Свој Син, нестрадален во божанската, страдање да претрпи во човечанската природа. Но, со тоа живот вечен и Царство Небесно нам да ни подари. Царство кон кое се движиме не под принуда туку по слобода. Токму таа слобода која е предизвик и алтернатива човекова, од Адама се до денес, а така ќе остане до крајот на светот и векот, е единственаиот дар Божји што го прави човекот да биде квалитативно различен од останатите творенија Божји. Затоа и најважната должност на Епископот како носител на највисоката служба што може да му биде доделена на човекот од Бога, е должноста да ја воспитува слободата на луѓето, за таа (слободата) да биде изразена како ДА и како АМИН на Бога. Синоним на така изразената слобода е љубовта која е единствен достоен одговор на Божјата љубов кон нас луѓето. Обратно, слобода изразена во нејзината друга алтернатива, како НЕ, како одбивање да се влезе во заедница со Триипостасниот Бог чиј начин на постоење е љубовта, значи и одбивање на вечноста, а со тоа и на радоста на ветеното есхатолошко Царство. Начин, пак, на кој ја изразуваме слободата како љубов е литургиското благодарење, кое самиот Христос ни го предал, а без кое ниту Црква не ќе можеме да се наречеме. Тоа литургиско благодарење, не е само историски спомен на се она што историски се збидна за нашето спасение, крстот, гробот, воскресението, вознесението и седнувањето од десната страна на Оца, туку и спомен за она што ни е ветено како иднина, кое по верата на Црквата е присутно уште сега, како икона, а тоа е второто и славно Христово доаѓање и устројувањето на Неговото Царство. Тоа исто Царство на невечерниот осми ден, сега и овде го живееме како Литургија, во која секоја служба е есхатолошка икона, а службата епископска, икона на Христовата. Затоа без Епископ нема Црква, зашто неговата служба е да ги собира многуте во еден, распрскатниот народ Божји, да го собира во едно Тело, Тело Христово, во кое Тело, Бог Отецот не гледа сите како една личност, како Својот возљубен Син. Ако осмислување на логосите на сите битија е да се причислат на Логосот Божји кој е Христос, тогаш тоа невозможно би било без службата епископска, која даровите на „многуте" ги покажува како просфора пред Бога, просфора во која се собира сета Црква, исто онака како што житните зрна претходно распрскани и разединети, во лебот постануваат едно. Така, единството во верата кое истовремено е Литургиско единство, невозможно е без единство во Епископот. Оној кој нема единство со Епископот, постанува секта, партија, која кога ќе се затвори во себе и сопствената програма, останува глува за духовната политика која ја води Црквата, а со тоа го промашува она што би требало да биде највозвишена цел на секоја политика, Царството Божјо.

Затоа, сега, кога Бог ми го предава Духот Свој и жезалот да управувам со Црквата, но не по своја воља туку по воља Божја, се молам на Бога, а ги молам и вашите високодостојни богољубија да се молат, Господ да ми даде благодат и енергии, онака несебично како само што Тој знае, та свештенослужејќи го Словото и принесувајќи му благодарност од сиот народ, да допринесам во единството на Црквата, толку неопходно во ова време на изопачени вредности. Го молам и овој народ Божји, собран денес да го покаже токму тоа единство во верата, во Литургијата, и во Епископот, да ми биде секогаш совест, за ваквата определба, до последен здив да работам на единството како на помесната така и на Црквата во целата вселена. Единство на севкупната творба Божја со Бога во едно Тело, Тело Христово, за така обожена творбата да се преобрази и да постане нераспадлива. Тоа е единствена права екологија, која еко проблемите не ги решава со протести туку ја поставува љубовта како единствена алтернатива за опстанок на човекот, земјата и сета творба Божја.

Но, сега кога по благодатта Божја примам полна одговорност за исполнување на домосторојот Божји, сега кога бидувам поставен на служба повисока, но и поодговорна од сите служби во светот, дури и од ангелската, зашто, Епископот е тој кој дури и ангелите ги приведува кон конечна и нераскинлива заедница со Бога, не можам а да не се сетам на сите оние кои допринеле за надградување на мојата личност и за изведување на патот кој води кон Царството Божјо. Секогаш кога ќе се сетам дека можело и да не постојам, за момент ја чувствуам сета радост на постоењето, за кои после Божјиот благослов најзаслужни се моите родители, мајка ми Галена и татко ми Аргил. Мајка ми е жена која се откажала од сопствените потреби и се предала на семејството, жена со сожалливо и чувствително срце, жена која знае да се раздаде за оној кого го љуби, од која веројатно и јас нешто сум наследил, и татко ми, човек трудољубив и пожртвован, но напати тврд па дури и груб, од кого веројатно и јас нешто сум наследил. Тешко е да се спојат чувствителното срце и грубоста на машкоста, но и едното и другото е дар Божји, и им благодарам на родителите не само за тоа што преку нив сум ги примил овие Божји дарови, туку и за крстовоскресната духовност во која ме воспитувале со потполна смиреност, подготвени да ја жртвуваат сета слава која би им припаднала за тоа, се само од преголема љубов кон единствениот син кој Бог им го дал.

Нема да ги заборавам ниту оние мигови кога дедо ми Сотир и баба ми Видимка, блажен им спомен, уште како дете кое штотуку проодело, ме водеа да ја почувствувам радоста на пасхалното утро и да се причестам со животворното Тело и Крвта на воскреснатиот Христос. Кога во периодот на младешката бујност и слободољубивост имав потреба да ги превреднувам вредностите на околината, токму овие моменти од детството најмногу повлијаеа да започнам еден пат, пат чиј крај е бескрајот.

Совеста ми налага, да се сетам и на оние кои на било кој начин ме упатувале и помагале во животот, како роднините и пријателите, така и учителите и воспитувачите низ сите стадиуми на мојот живот. Уверен сум дека нема да ми замерат што овде не сум во можност сите да ги именувам, но нека Бог ги запише сите во книгата на животот.

Се радувам што сум ученик на две маркантни личности на овој век, врвни теолози и уште подобри практичари, Митрополитот Пергамски Јован Зизјулас и Епископот Захумско - херцеговски Атанасиј Јевтиќ. Не сметам дека е скромност ако ја премолчам радоста заради тоа. Едниот (Митрополитот Јован), човек кој ги препрочита оците, современо се осврна врз теологијата и ја прочисти терминологијата на Православната догматика, и вториот (Епископот Атанасиј) кој така прочистената догматика ја покажа како живот, свештенослужејќи го Словото Божјо. Жалам што денеска заради познати причини неможеме да сослужуваме, но моја молитва е што поскоро да дојде до единство, не само во Православната Црква, туку во Црквата по цела вселена. Му благодарам на Бога што ми даде добри учители и ќе се пофалам со нив, а не со себе зашто навистина посебна харизма Божја е животот да те доведе до сериозни луѓе кои се упатиле кон Царството Божјо, но имаат сили и другите да ги приведат на тој пат. Му благодарам на Бога што мнозина од учителите кои ги имав на теолошките школи во Белград и Солун имаа и сили и знаења да ми покажат дека освен математичкиот апсолутизам на толкување на светот, постои една друга математика, математика на однос и заедница, математика на љубовта во која не важи тоа дека еден и еден се два.

Ви благодарам и вас, народе Божји, кои ме прогласивте за достоен за чинот кој го примив. Бидете уверени дека ќе ја почитувам секоја личност, но кон своите блиски во верата можеби ќе имам потопла, поискрена и понепосредна љубов христијанска и однос. Не е ова забрането, ако првото е исполнето. Ветувам дека вратата на домот мој ќе биде отворена за секого кој ќе побара помош или совет. Особено ќе се грижам радосната вест за Царството Божјо да допре до младите од кои многумина паднале во онтолошки безизлез и посегнале по порочен живот, наркоманија, разврат и деликвенција која преминува во разбојништво. Ќе ги охрабрувам оние кои ќе покажат интерес да ги превреднуваат вредностите на животот кои им ги наметнала околината со вредности кои ги нуди Евангелието Христово, а кои имаат вечен и неменлив карактер. Сега, говорејќи од амвонот на Црквата Божја, место од каде светот се суди според Евангелието, јавно изјавувам дека нема да запрам да ги потсетувам одговорните владини институции да се грижат за воспитувањето и образувањето на младите луѓе. А, незамисливо е младиот човек да дојде до духовна зрелост непознавајќи ги вредностите на верата христијанска. Ниту, пак, добар граѓанин е возможно да се биде ако човек не се вежба во етиката на верата. Да не зборувам дека ниту благослов Божји може да има една држава чии граѓани ниту ја познаваат, ниту ја почитуваат сопствената вера. Непознавањето на верата е суеверие, а тоа е трагично болен облик на живот. Затоа, Црквата, нема да ги скрие своите симпатии кон оние кои во овој предизборен период ќе понудат подлабока и поискрена симфонија помеѓу Црквата и државата, секако со почитување на она одамна провереното, дека државата треба да постане Црква, а не обратно. Црквата треба да биде, и ќе биде аполитична за онаа ситно-партиска и кафанска политика, но не смее да остане незаинтересирана да го покаже патот кон полисот (градот) кој со нетрпение го очекуваме, небесниот Ерусалим, Царството Божјо во кое ќе се собере народот Божји воден од Епископот и вечно ќе заедничари со својот Бог, Отец, Син и Свети Дух, кому нека му е слава и благодарност во сите векови. Амин.

19/06 јули 1998
Преп. Сисој Велики

+Јован Епископ дремвицки