Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

До Судот за човекови права во Стразбур
Високиот комесаријат на ЕУ во Р. Македонија
Мисијата на ОБСЕ во Р. Македонија
Амбасадата на САД во Р. Македонија
Хелсиншкиот комитет на Р. Македонија

Почитувани,

Анастасија е здружение на граѓани во Р. Македонија во кое членуваат само жени, и која со поддршка на Хуманитарната организација Воскресение од Битола си поставија цел да го расветлат пред домашната и меѓународната јавност случајот со неправедно прогонетиот, омаловажен и навреден од политичкиот режим во Р. Македонија, Митрополитот велески и повардарски и егзарх охридски г. Јован. Неговата единствена вина е тоа што сака да биде во единство со Црквата Божја и заедно со целиот клир од неговата епархија пристапи во литургиско и канонско единство со Српската православна Црква. Ако некому не му е јасно зошто токму требаше да се воспостави единство со Српската православна Црква, а не со некоја друга, ќе се обидеме да дадеме едно кратко видување на тој проблем. Имено, од 1918г. Цариградската патријрашија ì ги отстапи на Српската православна Црква епархиите на територијата на денешна Р. Македонија кои од укинувањето на Охридската архиепископија, значи од 1767г. па сè до тогаш (1918г.), беа под нејзина јурисдикција. Тоа се случи затоа што после Првата Светска Војна, тие територии влегоа во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во кое призната православна Црква беше само Српската. После Втората Светска Војна се формира Македонската Православна Црква чија автономија беше призната од страна на Православната Црква во Србија во 1958г. Во 1967г. Македонската Црква на пучистички начин прогласи Автокефалност, но тоа не го прифати ниту Српската, ниту било која друга Православна Црква во светот. Сите Цркви беа доволно добро информирани дека таа автокефалност е потребна не на Црквата туку на комунистичкиот режим во тогашната Социјалистичка Република Македонија во склопот на СФРЈ. Бидејќи комунистичкиот режим не беше популарен во дијаспората, за да ја контролираат истата, тие тоа сакаа да го прават преку Црквата. За тоа им требаше независна Црква од Српската, а која ќе биде под контрола на режимот. Во тоа успеаа. Под притисок на Тито и на режимот, направија раскол во Црквата, вметнаа помеѓу епископите на непризната „Автокефална Македонска Црква” нивни послушници кои се задолжиле пред властите и преку нив почнаа да ја контролираат и дијаспората. Некои епископи се и денес живи и тие се последниот бастион на кумунизмот во Македонија.

Од сево ова е важно да се потенцира дека комунистичкиот режим кој во сите земји каде што владееше ги уништуваше Црквите, во Македонија тој се ангажираше за автокефалија на Црквата, но не од голема грижа кон неа, туку од една страна да ја ослаби силата на Српската Црква, а од друга да ја контролира дијаспората преку Црквата.

Схизмата која се создаде во 1967г. не е излечена до наше време. Најмладиот епископ на Македонската Православна Црква, Митрополитот велески и повардарски г. Јован, кој единствен помеѓу сегашната гарнатира на епископи во Синодот на Црквата во Македонија успеа да влезе без за неговиот избор да даде мислење политичкиот режим во Македонија, се одметна од расколот и влезе во единство со целата Православна Црква. Всушност сега тоа му се смета за негов најголем грев и еве веќе повеќе од година и пол трпи невиден терор од политичкиот режим во Македонија, но исто така и од режимските средства за информирање кои секојдневно го навредуваат во уличарски жаргон.

Митрополитот Јован е најмлад, но најшколуван епископ во Македонија. Додека сите други епископи во Синодот на МПЦ се бирани само по политичката подобност на комунистичкиот режим, Митрополитот Јован е човек кој се стекнал со повеќе академски титули. Завршил градежен факултет, потоа завршил теолошки факултет, постдипломски студии и докторат во Тесалоники. Повторно ќе повториме, најголемиот негов грев е тоа што на повикот на Патријархот Павле, заедно со своето свештенство од кое доби согласност преку потпис и со побожниот народ на неговата Митрополија влезе во литургиско и канонско единство со целата православна Црква. Другите епископи од полтички причини тоа го одбија. Само после неколку дена од пристапувањето во единство со Православната Црква на 22.06.2002г., Полицијата на Р. Македонија упадна присилно во просториите на Велеската Митрополија и го истера на улица Митрополитот Јован со целата негова придружба, без никаков судски налог. Митрополит Јован ја тужеше Полицијата, но бидејќи е познато дека судството во Македонија е под директива на полтичкиот режим, случајот го загуби. Сега има упатено Жалба до Судот за човекови права во Стразбур. Ние како организации кои во својот Статут за работа програмирале борба за човекови права, сакаме пред повеќе домашни и меѓународни институции да го представиме случајот со Митрополитот Јован како школски пример за кршење на човековите права за слобода на вероисповеста во Р. Македонија.

Режимот го осуди Митрополитот Јован како предавник зашто се согласи на она на што претходно се беа согласиле во Ниш тројца епископи од Синодот на МПЦ и за тоа го ставиле својот постпис, а тоа е именување на Македонската Православна Црква како Охридска архиепископија, по угледот на сите стари Цркви кои своето име го носат по градот каде се основани. Тоа што Властите со децении не успеваа да го постигнат, а тоа е именување на Р. Македонија со нејзиното уставно име во меѓународните односи, му го ставија на терет на Митрополитот Јован и го нарекоа предавник. Го валкаа неговото име по средствата за информирање обвинувајќи го за финансиски малверзации, секако без никакви докази за тоа. Сè по угледот на стариот комунистички режим во кој човековите права за вероисповест беа толку далеку колку месечината од сонцето. Дури и човек кој не е специјалист во правото, откако ќе ги прочита сведоштвата на сведоците во судскиот процес кој Митрополитот Јован го водеше против Полицијата во Р. Македонија, брзо ќе открие дека тој е жртва на политичкиот режим кој во рацете го држи судството. Сите сведоштва се во прилог на тужителот (Митрополитот Јован), а пресудите од Првостепениот и Второстепениот суд се против тужителот.

За да не се остави на мир да го развива црковното дело од кое брзо ќе се види успех, режимот преку јавниот обвинител му приредува секојдневни немири. Јавниот обвинител прво го обвини дека соучествувал во кражба на пари во Велес. После долго време, и тоа на очиглед сите докази, судот едвај пресуди дека Митрополитот не е виновен. Одма после тоа се поведе нова постапка која е сеуште во состојба на истрага, но за да не остане долго време без судење, јавниот обвинител му приреди друго судење. Го обвинија за кривично дело „самовластие”, а судот во Битола го осуди на една година затвор условно. Осуден беше затоа што влегол во православниот храм „Св. вмч. Димитриј” во Битола за да ја крсти внуката од сестра му. Не му е важно на судот тоа што Црквата е оддвоена од државата, што Митрополитот Јован е признат како епископ од сите православни Цркви во светот, не му е важно тоа што според 14 член од Законот за верски заедници и религиозни групи, одлуките на верските заедници се од интерен карактер за самите заедници, туку важно му е тоа што расколничкта Македонска Православна Црква, му забранила да влегува во храм. Тоа што храмот Св. Димитриј во Битола во кој се случи настанот е граден во 1830г. дека еден од градителите на истиот е дедото на Митрополитот Јован, дека тогаш не постоела никаква Македонска Православна Црква, дека иститот тој храм сега е узурпиран од неа, дека сите фрески и икони во него се на грчки јазик и сведочат дека го граделе грци, судот не го интересира. Важно, треба да се осуди и да се заплаши Митрополитот Јован, а тоа што нема аргументи за судење, за нив е лесно, режимот ќе ги измисли.

Но, ако е тој спремен да биде доброволна жртва за Црквата, зошто за неговите постапки ги обвинуваат членовите на неговото семејство. Тој се замонашил и излегол од семејството. Него сега семејство му е Црквата, но исто како што тоа своевремено го правеа комунисите, така и овие новокомунисти, за нечија политичка неподобност го гонат целото пошироко семејство. Малку беше што го судат неправедно Митрополитот Јован, Полицијата сега ја тужи и мајка му на Митрополитот во прекршочна постапка дека го нарушувала јавниот ред и мир на денот на крштевката на нејзината внука од ќерка која Јован требаше да ја крсти во храмот Св. Димитриј во Битола. Како може старица од 70 години да го наруши јавниот ред и мир кога и самата во случајот беше повредена од полицајците, оставаме да просуди читателот?

Полицијата спречи да се заврши крштевката на внуката на Владиката Јован, а не е ли тоа укинување на правата на верска слобода не само на Јован, туку и на родителите на тоа девојче, а и на самото девојче иако е сеуште мало?

Хаосот кој владее во судовите во Р. Македонија и тешката економска состојба на граѓаните ги прават луѓето да бидат незаинтересирани ниту за човековите права, ниту за човековите слободи. Тоа политичкиот режим добро го ползува. Сите оние кои можат политички да дејствуваат, па макар нека е тоа во полето на религијата и културата, сака да ги елиминира за да има монопол во сите области на живеењето.

Кулминација во сето е тоа што случајот не остана само на Митрополитот Јован и членовите на неговото потесно семејство, туку се проширува секојдневно кон сите верници на Охридската архиепскопија. Така, на сестрите од манастирот на Митрополитот Јован судот не сака да им регистрира фирма со која би можеле да работаат и да се издржуваат. Тоа во развиените европски земји би се третирало како обид за убиство, бидејќи очигледно е дека целта на власта е да ги принуди калуѓерките, немајќи како да се издржуваат да се откажат од Митрополитот Јован. Монасите и монахињите од четири манастири кои пристапија кон Павославната Охридска Архиепископија во вкупен број од над триесет души, во јануари оваа година, беа најбрутално избркани на улица од страна на Полицијата. Тие кои со години живееле во манстирите, ги подигнале од пепел какви што беа во времето на комунизмот сега се на улица. За тоа што без налог на судот се избркани од посленото мирно владение се води судската постапка, но како што беше и за Митрополитот Јован кој својата жалба по ист таков случај ја поднесе до судот за човекови права во Стразбур, така и монасите не очекуваат дека корумпираното судство во Македонија ќе има сила да се спротистави на Власта и да ја осуди Полицијата.

На 11.01.2004г. Митрополитот Јован беше уапсен од страна на Полицијата во Битола, а наредниот ден против него беше подигнато обвинение од Основниот јавен обвинител во Битола за кривично дело: „распалување на национална, расна и верска омраза”. Тој кој животот го посветува на Христовото евангелие на љубовта и мирот обвинет е дека шири нетрпеливост и омраза. Тој кој целиот се дава во служба на својот народ и својата земја го третираат како издајник. Без никакви докази по обвинението ставен е во притвор и таму останува 20 дена по што е ослободен по огромен притисок на меѓународните владини и невладини организации. Пред неколку денови, кривичниот совет на судот во Битола ја одби жалбата по обвинението на неговиот бранител и Митрополитот треба да биде суден за гореспоменатото дело.

Но, најтрагично од сè е тоа што на 20.02.2004г. му беше организиран атентат. Само чудо Божјо го спаси. Бог го просветли да го напушти манастирот Св. Јован Златоуст само 15 минути пред во него да влезат петмина разбојници, маскирани и наоружани со автоматски пушки. Откако не го најдоа Митрополитот во манастирот каде дента се одржуваше седница на Светиот Архијерејски Синод на Православнта Охридска Архиепископија, тие ги омаловажија двете монахињи кои ги најдоа во манастирот стрижејќи им ги косите и го запалија манастирот. Тешко е во овој момент да се каже кој го организирал тој атентат, меѓутоа факт е дека токму во времето додека се случуваше настанот на разбојништво и палење на манастирот, на Митрополитот Јован му беше исклучен мобилниот телефон, да не може никој да го добие, ниту тој некаде да се јави. Оставаме читателот да заклучи кој има можност да ја прислушкува и контролира телефонијата.

Но, за сево ова да се случи државата создаде „прекрасен” амбиент. Законодавната влст, Собранието на Р. Македонија, на 23 јануар 2004г. донесе „Декларација за поддршка на автокефалноста на Македонската Православна Црква” која е крајно спротивна со меѓународната конвенција за човекови права и слободи на вероисповеста чиј потписник е и Р. Македонија. Имено, во првата и втората точка од таа Декларација се штити Македонската Православна Црква која е во раскол со сите Православни Цркви во светот и тоа на сметка на укинување на верските права и слободи на оние кои не сакаат да бидат членови на таа расколничка организација. Декларацијата се залага за „единство на Македонската Православна Црква”, а тоа значи дека законодавниот дом, Собранието е против сите оние кои не сакаат да бидат членови на расколничката Македонска Православна Црква. Извршната власт, Полицијата, веќе споменавме дека повеќе од година и пол секојдневно го гони Митрополитот Јован, а во поново време и сите припадници на Православната Охридска Архиепископија. Него, го избрка од последното мирно владение на домот во Велес и тоа без судски налог, што пред неколку месеци се повтори и со триесетина монаси и монахињи кои беа избркани од нивните манастири, затоа што се отцепија од Македонската Православна Црква и пристапија кон Православната Охридска Архиепископија. Многу често се прават претреси по домовите на монасите, но и на сите припадници на единствената Православна Црква која е призната на територијата на Р. Македонија, а тоа е Православната Охридска Архиепископија, со налог дека се бараат материјали за кривично дело „распалување на национална и верска омраза”. Кога беше запален манастирот, Полицијата направи претрес на манастирот без судски налог и одзеде многу предмети кои до ден денес не се вратени, ниту Полицијата има намера да ги врати. Судската власт е исто така вмешана во случајов. Таа безрезервно ја поддржува извршната власт и прифаќа секаков вид на обвинение против Митрополитот Јован. Конкретно, тој е осуден на една година затвор за дело „самовластие”, но за него во моментов се водат две кривични постапки, една во судот во Велес за „затајување” и една во судот во Битола за „распалување на национална и верска омраза”, како и две прекршочни постапки во судот во Битола, за нарушување на јавниот ред и мир. И покрај тоа што според Законот во Р. Македонија дозволено е на приватен посед да може да извршуваат религиозни обреди, Полицијата кога ќе посака влегува во домот на Митрополитот Јован ги апси присутните и Митрополитот и некои од присутните ги обвинува за нарушување на јавниот ред и мир. Последно, судот во Битола поведе постапка за укинување на невладината организација Анастасија која и го испраќа ова писмо, затоа што застанала во одбрана на една обесправена личност каква што е личноста на Митрополитот Јован. Истата се терети за „распалување на национална и верска омраза” затоа што го издаде флаерот кој ви го прилагаме , а истиот е во одбрана на обесправената личност на Митрополитот Јован.

Ете, такви се правата на слобода на вероисповеста во Р. Македонија.

Со ова сакаме да помогнеме Судот за човекови права во Стразбур кој прифати да решава по жалбата на Митрополитот Јован, да стекне пошироки сознанија за случувањата врзани околу неговата личност. Но, исто така сакаме да ги запознаеме и сите горенаведени наслови за бруталното кршење на најосновните човекови права и правата на слобода на вероисповеста, а кое се прави во Р. Македонија.

Со почит,

Невладино здружение на граѓани
АНАСТАСИЈА
ул. Мирка Гинова 13/31
БИТОЛА 7000 - МАКЕДОНИЈА
e-mail: reni_e9@hotmail.com

Невладина хуманитарна организација
ВОСКРЕСЕНИЕ
ул. Панда Чеснова
БИТОЛА 7000 - МАКЕДОНИЈА
факс. + 389 47 222395
e-mail: voskres@mt.net.mk