Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

22.05.2012

Најскапоцени во Воскреснатиот Христос,

сведоци сме дека после изрекувањето на две ипол годишната затворска казна за Архиепископот охридски г.г. Јован, деновиве започнува нов бран на државен прогон врз верска основа и против останатите Епископи, дел од свештенството, монаштвото и верниот народ на најсветата Православна Охридска Архиепископија.

Познати се зборовите Христови од Евангелието: Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат. Тие зборови се критериумот според којшто Соборната Црква секогаш го вреднувала квалитетот на нејзиниот живот. Секој човек којшто има изградено автентичен личносен однос со Богочовекот Христос, во услови на прогон, знае, над сè, да го пројави токму тој однос, сведочејќи ведрина и жизнерадосност. Доколку, пак, согледува дека не може да ја посведочи споменатата радост, поима дека треба уште повеќе да се вложи во градењето на личносниот однос со Бога, истовремено прифаќајќи го прогонот како скапоцено искуство, коешто не се стекнува во ниту една образовна институција, ниту, пак, се купува со материјални средства.

Извесни се и зборовите, коишто ги среќаваме во Евангелието: Каде што е богатството ваше, таму е и срцето ваше. Срцата наши се Христови во Светата Литургија и оној којшто го вкусил спасоносното благолепие на соборната Литургија навистина тешко може да разбере до кои граници стигнува злобата човекова кога под плаштот на изразите „перење пари“, „затајување на данок“, се врши терор врз Христијаните на нашата Црква. Ве потсетуваме дека под идентични обвиненија низ историјата на Црквата од првите векови, па до денес, беа гонети бројни и звучни светителски имиња.

Најскапоцени, имајќи го предвид горереченото, свесни сме дека вие, сите ние, како Црква, се стремиме да го негуваме етосот на православната духовност, а тој е следниов: неспоредливо подобро е да претрпиме неправда, отколку ние некому да му нанесеме неправда.

Ве повикуваме достоинствено, христијански да го понесете и овој најнов државен прогон врз верска основа, имајќи го пред себе возвишениот пример на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, којшто веќе цели 10 години подобно на Христа, смирено ги поднесува сите плукања и распнувања, сите пресуди и затворски казни.

Неопходно е да го посочиме и следново! Очигледно е, значи, дека средствата за јавно информирање во потрага по сензационалност и, истовремено, дневна политичка послушност, знаат да објават и режирани информации. Но, средствата за јавно информирање, сосема  природно, секогаш се поведуваат според „вистината“, којашто веќе утре може да биде лага, додека ние, Православните Христијани, се водиме според, не дневната, туку вечната и апсолутна Вистина – Христос.

Ве повикуваме, сите заедно да продолжиме да го негуваме маченичкиот етос во исповедањето на нашата, чиста Православна вера, знаејќи дека после крстот секогаш доаѓа Воскресението; знаејќи дека Црквата надживеала мноштво и различни општествени уредувања, знаејќи дека нашата Црква ниту вратите на адот нема да ја надвладеат.

Уште еднаш ве охрабруваме да го направите она што знаеме дека веќе многу добро го правите и по што ве препознаваат ширум Православието, смирено да ги поднесете сите прогони и страдања и согласно на Евангелието, никогаш, па макар и со еден збор и мисла во срцата свои, да не осудите никого од оние што нè гонат.

Себеси, и нив, да ги препуштиме на Судот Божји.

Викар на Архиепископот охридски г.г. Јован
Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид