Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Во Српската Патријаршија, во Белград, од 16-ти до 27-ми Мај 2011 год., под претседателство на Неговата Светост Патријархот српски г.г. Иринеј, се одржа редовното заседание на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква. Во работата на Соборот учество зедоа сите епархиски Архиереи на Српската Православна Црква, како и на автономната Охридска Архиепископија на чело со Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

Во однос на состојбите во нашата татковина, Соборот го искажа длабокото жалење заради тоа што властите во Р. Македонија, иако меѓународните организации им упатуваат критики заради кршењето на верските слободи и човековите права, сепак истрајуваат во прогонот на Архиепископот охридски г.г. Јован и одбиваат да ја регистрираат Охридската Архиепископија, автономна Православна Црква, којашто е во полно единство со сите Православни Цркви во светот.

Соборските Отци најостро го осудуваат неодамнешното насилничко однесување кон еден Архиереј, свештеномонасите и верниците на Охридската Архиепископија, и тоа за време на вршење на богослужба во Кавадарци, поттикнато и нарачано од еден епископ во раскол, според неговото сопствено признание. Носителите на таквиот нецрковен менталитет не само што не посакуваат дијалог, којшто би ја зацелил раната на расколот, туку таа рана уште и ја продлабочуваат, додавајќи безаконие на безаконие, нанесувајќи огромна духовна штета на заведените верници и провоцирајќи ја Божјата долготрпеливост и човечкото трпение. На оној што дела зло, готов му е судот, мудро вели народот.