Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид
Демократијата без верски слободи не е демократија
Власта на Р. Македонија поттикнува верски судири.
На 11-ти Мај 2011 год., на повик на граѓаните од Кавадарци, коишто припаѓаат на Православната Охридска Архиепископија, Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко беше замолен да ја соврши службата на погребението на покојниот татко, на една од монахињите на Архиепископијата.
Еден ден после извесните слики на државниот срам, коишто ги видовме на закопот, ги слушнавме и изјавите на претставникот на државата, директорот на градската капела во Кавадарци, г. Илија Бојаџиев, дека Епископот г. Марко: „требал да праша свештеник на МПЦ дали може да ја соврши службата„! и на претставникот на МПЦ, г. Агатангел дека: „не го дозволил опелото затоа што тоа е спротивно на каноните“!
Со посочениве изјави на претставниците на државата и на МПЦ, недвосмислено се прекршува уставната определба за „одвоеност на државата од МПЦ“ (Член 19), со што целосно биваат загрозени принципите на демократијата во делумно слободната Р. Македонија (види тука). Одненадеж, значи, каноните на МПЦ стануваат државни закони и обратно. Како по обичај, надлежните за функционирањето на демократското уредување во Р. Македонија, завиени се во пословичниот - молк!
За разлика од нашето секојдневие, во целосно слободните демократски земји, верските слободи спаѓаат во основните човекови права и, без остаток, се поврзуваат со демократското уредување. Демократијата без верски слободи не е демократија. Моментот што некоја Црква не е регистрирана пред домашниот суд, воопшто не значи дека истата не постои, како што не значи дека со одбивањето на регистрацијата бива укинат Членот 19 од Уставот на Р. Македонија, којшто е одлучен: „се гарантира слободата на вероисповедта и се гарантира слободното и јавно изразување на верата“. Новиот закон за регистрирање на верските заедници очебијно се покажува целосно нефункционален, и иако Р. Македонија ја има потпишано Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи (види: чл. 9), државниот апарат не само што не ги решава постоечките проблеми, коишто произлегуваат од недостатокот на верски слободи, туку истите ги поттикнува, оставајќи широк простор да прераснат во верски судири со поголеми размери.
Дивеењето на обезбедувањето, по налог на г. Агатангел и на г. Илија Бојаџиев, на закоп на којшто воопшто и не беа повикани, претставува варварски чин, којшто не им оди во прилог на припадниците на МПЦ. Наместо да градат мостови на доверба, расколничките епископи, свештеници, монаси и верници денес во целиот православен свет, на наша искрена жал, биваат идентификувани со гологлавите и мускулести момчиња со натпис: security. Пребивајќи, пак, во позиција на владетел, МПЦ го заборави дури и принципот на Макијавели, којшто предочува дека еден владетел не треба да се однесува на варварски начин. Следствено, со сопственото однесување МПЦ на најпримитивен можен начин, пред јавноста ја манифестира мизерната положба во којашто се наоѓа.
Истовремено, пак, гласно поставуваното прашање дали припадниците на Православната Охридска Архиепископија имаат право или не, слободно да ја манифестираат својата верска припадност, е прашање со коешто само се дефокусира неупатената домашна јавност. Конечно, за сатисфакција и на јавноста, одговорот на тоа прашање, како неопходен придонес кон зреењето на домашната демократска свест, ќе го дадат релевантните европски институции.
За клеветењето.
Во продолжение, преку примерот на споменатиот закоп, накратко се осврнуваме на горепосочениот државен прогон, но не од социолошки, ниту од правен аспект, туку од аспект на животот и искуството на Црквата. Само на оние, коишто имаат опит од соборниот живот на Црквата, познато им е дека славата на свештенослужителите и на луѓето коишто веруваат, не се состои во тоа да изградат име во светот, но да го живеат истоштението (κένωσις). Оттука, старецот Софрониј (Сахаров) и ќе го именува прогонот врз верска основа како: канон на духовниот живот.
Во таква благословена состојба на прогон, во продолжение од веќе девет години, живее Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован со сета Православна Охридска Архиепископија. Девет години, без престан одѕвонуваат само клевети на сметка на Архиепископот г.г. Јован и Црквата.
За православните, за трезвеномислечките луѓе, клеветата е ужасна пројава на омраза и злоба. Таа претставува рана за оној, којшто ја поднесува. Во текот на сите овие спомнати години, ечат клевети и се расфрлаат клеветења од различни усти, клеветења коишто старецот Јосиф Спилеот ги нарекува: „одбранбено оружје на оние што имаат комплекс на пониска вредност, бидејќи не можат да ја покријат сопствената голотија и сопствената ништожност, та се обидуваат да ги оцрнат оние, коишто се наоѓаат повисоко од нив.“
Целта на клеветата е да ја скрши цврстината. Во Евангелието гледаме дека ѓаволот истото, преку фарисеите, му го приредуваше на Христа. Клеветата, по нејзините злоба и лукавост, го завзема првото место во каталогот на лошотиите.
Во време кога на Православната Охридска Архиепископија не само што не ѝ е дозволено да ги закопа во мир сопствените упокоени, туку кога, згора не се, бива клеветена за се и сешто, само благодатта и љубовта кон Христа се тие коишто на Црквата ѝ даваат сила да го издржи товарот на неправедната клевета.
Гонителите на Црквата нека имаат предвид дека Архиепископот г.г. Јован, Епископите, свештениците, монаштвото и верните луѓе на Православната Охридска Архиепископија, како носители на соборната љубов, ја поднесувале и ќе ја поднесуваат раната од клеветите, имајќи го секогаш за свој архетип Христа Господа, којшто им прости на ѓаволоподобните клеветници. Црквата, подигајќи го овој најтежок крст, се украсува со зборовите на Евангелието: „Блажени сте кога ве срамотат и прогонуваат, и лажејќи говорат против вас секакви грди зборови, заради Мене“ (Мат. 5. 11).