Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА

од редовното февруарско заседание на Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија

Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија заседавајќи на редовно месечно заседание, прво после пуштањето од притвор на Претстоителот на Светиот Синод, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и егзарх охридски г.г. Јован, одлучи писмено да заблагодари на Неговата Светост, Архиепископот пеќки, Митрополит белградско - карловачки и патријарх српски г.г. Павле, како и на Предстоителите на помесните православни Цркви кои побараа пред државните власти во Р. Македонија и пред меѓународните владини и невладини организации итно ослободување од притвор на Митрополитот Јован чија „вина” е само во тоа што ја користи својата слобода на вероисповед загарантирана со меѓународни конвенции, но и со Устовот на Р. Македонија. Синодот реши уште еднаш да ја запознае меѓународната цивилизирана јавност за нецивилизираните притисоци кои се вршат од страна на сите три власти во Р. Македонија, законодавната, извршната и судската врз припадниците на Православната Охридска Архиепископија. Со таа цел ќе се упати протест до Владата и Собранието на Р. Македонија по повод изгласувањето на „Декаларацијата за поддршка на автокефалноста на МПЦ”, донесена од Собранието на Р. Македонија на 23 јануари 2004г., како и до Републичкиот судски совет и Врховниот суд на Р. Македонија за учество во политичкиот прогон на припадниците на Православната Охридска Архиепископија. Беше разгледана информацијата на игумените Давид и Максим кои имаа средба со Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и Синодот прими на знаење дека истиот нема намера да одговори на писмото барањето упатено од Православната Охридска Архиепископија за да даде мислење за регистрација на Црквата. Заради истото, беше одлучено да се испрати ново барање и во најскоро време со него да се сретне Претстоителот на Светиот Архијерјски Синод, Митрополитот Јован и да се побара регистрација на Православната Охридска Архиепископија. Синодот со жалење констатира дека заради седум расколнички владици кои успеаја да ја убедат власта дека треба да ја штити нивната кожа, Р. Македонија многу губи од својот меѓународен углед, особено сега кога треба да се одлучува за нејзиниот прием во Европската Унија. Со поддршката на седумте расколнички епископи кои немаат никаква поддршка од православните христијани, власта ризикува да го загуби приемот во Унијата, зашто според оние репресии и укинувања на човековите права што до сега се вршат од страна на власта врз припадниците на Православната Охридска Архиепископија, но и на странските државјани од православна вероисповед кои сакаат да влезат или транзитираат низ Р. Македонија, а на кои по наговор на гореспоменатите расколници тоа им се забранува, не ќе биде можно прифаќањето на Р. Македонија во европската цивилизација и европските институции.

Светиот Архијерејски Синод го разгледа писмото упатено од Протатот на Света Гора Атонска во кое недвосмислено се дава поддршка за активностите на Православната Охридска Архиепископија за единство на Црквата и се одобрува начинот на сведочење кој го применуваат нејзините членови. Во истото се говори дека „Митрополитот Наум кој е во схизма”, лажно се претставува дека има било какви врски со Света Гора и со манастирот Григоријат. Истиот без благослов на игуманот избегал од манастирот, примил свештенички чин во Романија, а потоа и епископски од расколниците во Македонија. Неколку пати барал да се сретне со игуманот Георгиј Капсанис, но овој одбил сè додека Наум не се покае јавно за своите расколнички активности.

20/07 февруари 2004.
Манастир Св. Јован Златоуст

Од Канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод
на Православната Охридска Архиепископија