Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

01.11.2019

Во историскиот манастир „Свети Прохор Пчински“, во врањската Епископија, кадешто се наоѓаат чудотворните и мироточиви мошти на овој светител, со бдение и свечена Архиерејска Литургија, беше прославен празникот на светиот Прохор Пчински, познат подвижник од овие простори.

На свечената Архиерејска Литургијата началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко во сослужение на Преосвештените Епископи, стобискиот и Местобљустител струмички г. Давид и домаќинот, врањскиот г. Пахомиј.

На Литургијата, молитвено беше присутен и Неговото Блаженство Архиепископот охридско и Митрополит скопски г.г. Јован, којшто после прочитаното евангелско зачало му се обрати на мноштвото народ со вдахновена беседа.

На крајот од Литургијата беше направена и свечена литија, а потоа братството на манастирот за сите присутни приреди трпеза.

После Литургијата беше одржана седница на Иницијативниот одбор, кој идната година ќе го организира големиот јубилеј 950 години од основањето на Манастирот “Свети Прохор Пчински”! Прославата ќе биде одржана под покровителство на Претседателот на Србија, за што на седницата присуствуваше и неговиот Генерален секретар.