Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

26.11.2017

Со црковно велелепие беше прославен празникот на светиот Јован Златоуст, именденот на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, што е воедно и слава на Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоуст“, во Битола.

Радоста на празникот беше зголемена со посетата на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот загребачко-љубљански г. Порфириј, кој пристигна за прославата на празникот, на покана на Архиепископот Јован. На бдението пристигна и група верници од Грција, во придружба на Високопреподобниот Архимандрит Нифон, игуман на манастирот „Св. Нектариј Егински“, во Глифада, Атина.

Митрополитот Порфириј началствуваше на вечерната и утрената служба од бдението, а Неговото Блаженство Архиепископот Јован, началствуваше на Архиерејската Литургија која следуваше во продолжение, во сослужение со Митрополитот Порфириј и Преосвештените Епископи на Православната Охридска Архиепископија брегалничкиот и Местобљустител битолски г. Марко и стобискиот и Местобљустител струмички г. Давид и свештенослужители од повеќе епархии на Православната Охридска Архиепископија, како и од Митрополијата загребачко-љубљанска и од Митрополијата на Глифада, Атина.

За благолепието на службата се погрижија псалтите од хорот „Мојсије Петровиќ“, под раководство на протопсалтот Никола Поп-Михајлов, од Белград.

По прочитаното Евангелие на Литургијата беседеше Митрополитот Порфириј.

На крајот од службата Архиепископот Јован го благослови празничното коливо, а по богослужбата Митрополитот Порфириј изврши водосвет во новата гостоприемница, каде што сестринството на манастирот имаше подготвено послужување за сите присутни.