Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

01.10.2018

Дел од гостите, коишто во Ставропигијалниот манастир „Свети Јован Златоуст“, Нижеполе, учествуваа на литургиската прослава по повод јубилејот: 1000 години од основањето на Охридската Архиепископија, на 01 Октомври посетија дел од древните и видни храмови во Охрид и неговата околина.

Најпрвин го посетија манастирот „Свети Наум Охридски“ и се поклонија на гробот на светителот, а потоа ги посетија: црквата „Богородица Перивлептос“ и катедралниот храм „Света Софија“, во којшто служеле славните охридски архиепископи Јован IV Комнин, Димитриј Хоматијан, Константин II Кавасила и други.

Пред испраќањето на гостите, како добар домаќин, во градот Охрид, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован за сите нив приреди свечена трпеза, уште еднаш заблагодарувајќи им се за нивното учество во прославата на 1000 годишнината од основањето на Охридската Архиепископија.