Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

01.09.2019

Западноамериканската епархија на чело со Неговото Преосвештенство Епископот западноамерикански г. Максим од Српската Православна Црква, на 31 Август и 01 Септември, оваа година, со црковно благолепие го прослави јубилејот: 800 години автокефалија на Српската Православна Црква (1219 – 2019).

По тој повод, на 31 Август беше отслужена повеќеархиерејска Литургија на којашто началствуваше Митрополитот за Северна Америка г. Јосиф од Антиохијската Патријаршија, во сослужение на Архиереји од Константинополската  Патријаршија, Руската Православна Црква, Српската Православна Црква Романската Православна Црква, Православната Охридска Архиепископија, и свештенослужители од повеќе различни црковни јурисдикции.

Следниот ден, пак, на 01 Септември, на повеќеархиерејската Литургија во храмот “Свети Сава”, во Сен Габриел, Лос Анџелес, началствуваше Архиепископот Американски г. Елпидофорос од Константинополската Патријаршија, исто така во сослужување на Архиереји од различни помесни Цркви.

Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован од Православната Охридска Архиепископија на сеправославните евхаристиски собранија на официјалната прослава на големиот јубилеј, сослужуваше Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид.

После богослужбите беше приредена свечена трпеза за сите присутни, а во текот на дводневното празнување на споменатиот јубилеј беа одржани симпосион, фестивал на беседништво и фолклорна програма на песни и игри.