Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Ελληνικά

→ English

→ Српски

30.09.2018

Оваа 2018 г., се навршуваат 1000 години од основањето на Охридската Архиепископија во 1018 г., од страна на византискиот император Василиј II Бугароубиец. Овој значаен јубилеј, сеправославно признатата канонска црква во нашата земја, Православната Охридска Архиепископија го одбележува на повеќе и различни начини.

Централната прослава на 1000 годишнината од основањето на Охридската Архиепископија, со црковно благолепие, се одржа на 29 и 30 Септември, во Ставропигијалниот манастир „Свети Јован Златоуст“, Нижеполе, Битола.

На 30 Септември беше отслужена света Архиерејска Литургија на којашто началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, во сослужување на Архијереите: Митрополитот црногорско-приморски г. Амфилохиј (Српска Православна Црква), Архиепископот на Лублин и Челм г. Авел (Полска Православна Црква), Епископот шумперски г. Исаиј (Православната црква на Чешка и Словачка), Епископите: врањски г. Пахомиј, рашко-призренски г. Теодосиј, крушевачки г. Давид, мохачки г. Исихиј, диоклијски г. Методиј (Српска Православна Црква), Епископите: полошко-кумановски и Местобљустител дебарско-кичевски г. Јоаким, брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко, стобиски и Местобљустител струмички г. Давид (од Православната Охридска Архиепископија), потоа презвитерот Спиридон, претставник на Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија г. Анастасиј (Православната Црква на Албанија), и бројно свештенство од различни епархии на повеќе помесни Цркви.

Литургиското торжество со своето пеење го збогатија и познатите псалти од Р. Србија, Р. Грција и Р. Бугарија, протопсалтот Никола Попмихајлов со хорот „Мојсије Петровиќ“ (Белград), протопсалтот Григориос Папаемануил со хорот „Доместики“ (Драма) и протопсалтот Никола Антонов (Софија).

На Литургијата присуствуваше и претставникот на Канцеларијата за односи со верските заедници при Владата на Р. Србија, г. Марко Николиќ.

На соборното божествено Тајноводство, коешто несомнено е најсоодветен начин за прослава на еден ваков голем јубилеј, му претходеше свечена Архијерејска вечерна богослужба, на којашто началствуваше Архиепископот на Лублин и Челм г. Авел, а молитвено беа присутни и повеќе Архиереји. На утрената богослужба началствуваше Митрополитот црногорско-приморски г. Амфилохиј.

После отслужената Архиерејска Литургија, за присутниот броен народ беше подготвена трпеза, после којашто следеше и пригодна, свечена програма. Програмата, со своја вдахновена омилија, ја започна Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

(омилијата се наоѓа на следниов линк: http://poa-info.org/arhiepiskop/omilii/20180928.html)

Во продолжение следуваше предавањето на професор Ангелики Деликари.

(предавањето се наоѓа на следниов линк: http://poa-info.org/biblioteka/crkovnaistorija/20180927.html)

Свечената програма содржеше и музички изведби од гореспоменатите хорови, како и изведба на традиционални песни од кавалџии, од оркестарот „Пеце Атанасоски“, со женската вокална група при истиот.